Ален Хаџи Стефанов, гласот на Џез ФМ - Electronic Beats Macedonia

Ален Хаџи Стефанов, гласот на Џез ФМ

Музичките фанатици се како копачи на злато. Потребата за нова музика, промена и авантура е треска и додека трепнеш, станала зависност.

Скопје располага со две радио станици кои ги опслужуваат деликатните потреби на анксиозното малцинство со амбициозни уши. Ако те нервира Канал 103 или едноставно не си тоа, сигурно слушаш Џез ФМ. Ете веќе 20 години ползи наоколу како ниска утринска магла низ опскурните бранови кои понекогаш резонираат и култура во чиста форма, разобличувајќи ја малодушната потреба да се гледаме себе си во полошо светло. Џез ФМ има тврд концепт и едукативни тенденции, не се занимава со розе шампањско, па и по цена на крвава борба за опстанок. 20 години чиста култура во Македонија е вечност од совршенство.

Емоции во распон од егзистенцијален патос, па до подметнување софистицирано име од типот на Roy Ayers по повод прославата на 20 години на ова навидум тивко, но есенцијално постоење.

 

Универзумот е темно и студено место. Овде-онде има сонца кои ги осветлуваат лицата на оние кои знаат зошто треба да опстанат. Ален Хаџи Стефанов е all around player на македонската џез сцена, месото зад Џез ФМ и по малку незгоден соговорник.

Еден од оние скромни и тивки поместувачи на планини. Еве ги неговите зборови во оригинал. А вие драги мои нацртајте се на Roy Ayers во Македонската филхармонија. Тоа е автентично парче супстанција инсталирано во нашата џез метропола. Да, метропола без дискусија.

Скопје е интересно светско џез-ќоше, со неколку сјајни имиња и нивен продлабочен придонес во минативе 5-6 децении. Ален Хаџи-Стефанов бездруго е едно од тие имиња. Ако ентузијазмот и љубовта кон џезот за тебе беа појдовната точка, каде си стигнат денес? Со кои зборови би го опишал твојот пат во оваа сцена и точката каде што си денес?

Целиот мој пат е сосема случаен, а сепак не би менувал ама баш ништо. Точката каде што се наоѓам сега е само уште една во ова кармично соѕвездие кое реално самиот го избрав и дури инсистирам да останам што е можно подолго во него и покрај целиот ќотек кој како џезер треба да го издржам за да биде како што треба.

Ентузијазмот не треба да биде само појдовна точка туку и конецот што ја држи материјата па дури турка нанапред. Необјаснивиот елемент на нашиот конкретен GPS или егзистенција на каква било џез платформа во Македонија е нешто што треба да се доживее или можеби, сепак, да се преживее. Долго време велам дека сепак елементот што го одржува Џез ФМ е инаетот и сум благодарен дека ми работи беспрекорно. Сепак, да се обидам да го одговорам прашањето, денес не сме каде што треба да бидеме со 20 годишна работа, а сепак подалеку од нашите првични надежи.

Овие денови Џез ФМ одбележува 20 години постоење и работа. Не беше баш секогаш лесно, така? Имаше и проблеми по патот ако не се лажам.

Не се лажеш. Проблемите не биле никогаш поголеми од сега. Ја живееме македонската реалност. На работ на егзистенција. Тоа започна во 2008 година и не е престанато до денес. Реално секоја година ни е последна и сепак се наоѓаат начини да се продолжи. Овој јубилеј мене лично многу ми значи и инсистирав да го постигнеме.

Кога ќе ги погледнеш овие 20 години вложени во твоето џез радио, кое денес има култен статус. Дај ни некоја мисла, сублимат?

Каков сублимат човече! Кој култен статус?!? Ние реално паѓаме по скали, но ептен сме атлетски градени.

Еден од најискусните си на нашата локална џез сцена. Колку си задоволен од промените низ децениите? Имаме ли развој? Подобро ли е од порано?

Долго време беше очајна таканаречената македонска џез сцена со чат-пат по некој да пркне за брзо да се изгуби, реално немајќи со кого да се турка рамо до рамо.

Сцена подразбира барем некој минимален број активни џез музичари кои можеби и ќе можат да соработуваат еден со друг. Пред неколку години се освеживме со дипломци од Грац и еден нов сплет на комбинации беше овозможен. Овој потег поттикна акција и кај постојните џез конфигурации, конечно и со мешање на еден со друг. На крај го добивме и биг бендот на ЗЏМ кој е како фатаморгана во овие чудни времиња. Сега повеќе од кога било е нужно да се поддржи оваа нова позитивна појава.