Најдобриот водич за клабинг во Источна Европа - Electronic Beats Macedonia

Најдобриот водич за клабинг во Источна Европа

Од Варшава до Киев, подготвивме наши препораки за 24-те најдобри клубови и настани коишто го прават „Новиот Исток“ највозбудливо место за забава.

BRUTAŻ (Варшава, Полска)

Најпопуларната култна журка во Полска произлезе од бучниот и уметнички настроен андерграунд на Варшава и таа сега е домаќин на авантуристички настроени и техно ориентирани изведувачи од земјата. Целта на сегашниот менаџер на Brutaż, Јачек Плевицки (Jacek Plewicki), кој го напиша нашиот нов водич низ уметничката сцена на главниот град на Полска, е да го направи ексцентричниот собир противтежа на конзервативната клима во земјата, којашто зема сè поголем замав. Таа цел тој ја остварува со ангажирање на музичари-активисти, каков што е колективот Discwoman во Палатата на културата во Варшава, каде што се одржуваат најголемиот број Brutaż журки. За повеќе детали, прочитајте го текстот на нашата уредничка во EB, Елиса Столман (Elissa Stolman), за Brutaż и Red Bull Музичката академија.

WIXAPOL (Варшава, Полска)

Wixapol e дом на некои од највалканите звуци во исклучително активната андерграунд сцена, од бучен хип-хоп пa сè до EBM ремиксот којшто вчера го слушнавте на SoundCloud. Диџеите кои тука ќе ги видите повеќе имаат намера да создадат ужасно тешка атмосфера, отколку да постигнат чистина на звук или синхронизирано миксување — и ова го кажуваме како комплимент. Хардкор басовите се набиени во заразни ритми, габа-рејвот е прекршен со кристализирани семплови на црковни вокали, при што владее уништување на трендовите. Атмосферата е тешка, задушлива, но пред сè забавна.

INTRUDER ALERT (Варшава, Полска)

Intruder Alert e најистакнатото полско име во експерименталната, деконструирана клупска музика. Клупската забава/продуцентска куќа е изум на B.YHZZ, којшто ги спојува откачените локални истомисленици со миксови на прекршен и набиен хип хоп, индустриски бас, апстрактна електроника и измачувачко техно. Ако си ги сакате звуците (и очекувањата, а можеби и ушните тапанчиња) разбиени, тогаш ова е забавата за вас.

ZA DUSZNO (Познањ, Полска)

Со отворањето на Za duszno серијата на забави во познатите напуштени згради во Познањ во 2013 година, DJ Morgiana и 2 Lewe Ręce го отворија патот во локалната андерграунд сцена за необична електронска музика и песни. Самата DJ Morgiana е позната по експерименталните сетови коишто комбинираат елементи на миксување и продукција во живо, со необични теми и инструменти. Форматот на Za duszno може да варира од концерти до рејв забави во складишта, но она што е најважно е дека тие ја одржуваат забавата во овој мошне мирен полски град.

CLUB 89 (Краков, Полска)

Еден од најголемите музички настани во годината, Unsound Festival, отвори клуб за да ја одржува атмосферата жива преку целата година. Лоциран во поранешен стриптиз клуб на приземјето на местото каде што се одржува главниот фестивалски викенд, хотелот Forum, неодамна отворениот простор нуди програма која балансира помеѓу популарни меѓународни состави и локални изведувачи. Тука можете да ја погледнете досегашната програма.

LÄRM CLUB (Будимпешта, Унгарија)

Во град во кој ноќниот живот доминираат „руинирани“ пабови коишто повеќе им удоволуваат на пијаниците, отколку на пребирливите музички фанови, Lärm, по неговото отворање во 2014 година, беше прогласен за првиот техно клуб од „берлински тип“ во Будимпешта. Затскриен зад еден популарен „руиниран“ бар, црните ѕидови, квалитетните диџејски имиња и пространиот подиум го прават Lärm место за клабинг, кое му е насушно потребно на унгарскиот главен град. Исто така, вреди да се спомене неговиот сестрински клуб, Toldi, на којшто, заради нашите искуства таму, гледаме како на поопуштено место, кое повеќе експериментира со шугејз (shoegazey) електроника и необични хаус/техно ритми, иако ова не е некое строго правило, ниту, пак, претставува нешто лошо.

CLUB GUESTHOUSE (Букурешт, Романија)

Со оглед на тоа дека Романија е позната по енергичната локална минимал сцена, наидовме на изненадувачки број видни забави и клубови во главниот град, по смртоносниот пожар на концертскaта локација Colectiv во 2015 година. Повеќето знаци упатуваат на Guesthouse, динамичен клуб, домаќин на популарни минимал забави, како маратонската баханалија SNRS48, којашто е веројатно најпознатата романска минимал техно-хаус забава, и придружниот настан на Sunrise Festival. Мошне отворениот распоред на просторот и индустрискиот декор можат да послужат за концерти и забави, кои траат и по цели викенди, така што, доколку роминимал (rominimal) баш и не ви е по вкус, таму, сепак, ќе можете да најдете нешто за вас.

INTERVAL (Букурешт/Клуж, Романија)

Interval не е, ниту клуб, ниту вид журка, туку здружение за промоција кое организира клупски забави, како Nighshift серијата забави и некои помали фестивали, како неодамнешниот Interval Natural, којшто траеше цел викенд, а се случуваше во еден замок во романските рурални средини. Пролетоска здружението организираше низа неделни забави под името Interval Series, а есенва ќе се наврати на Interval 100 форматот, маратонски настан којшто во 2016 година ќе се одржува од 29 ноември до 4 декември. Она што го прави Interval единствен во Романија е неговиот вкус за музика: иако организаторите ја споделуваат љубовта на своите сонародници за минимал ритмите, тие истовремено се обидуваат и да ја прошират националната музичка свест преку ангажирање изведувачи кои се вклопуваат во форматот, но не потекнуваат од Романија, но ја задоволуваат желбата на публиката на некарактеристичен начин.

LA GAZETTE (Клуж-Напока, Романија)

Судејќи по одличните рецензии на Фејсбук, La Gazette е веројатно омилениот клуб во Клуж-Напока. Сместен е во простор кој порано бил оружарница за тврдината Клуж. Поголемиот број од музичарите се веројатно мошне непознати за оние кои не доаѓаат од Романија, иако клубот ангажира и странски изведувачи. Сепак, може да се констатира дека најпопуларните музичари во клубот гравитираат околу романскиот вкус за минимал музика.

CXEMA (Киев, Украина)

Од она што може да се види од фотографиите на Фејсбук, I-D видео профилите и освртите на THUMP, се чини дека Схема е последната автентична и крајно откачена журка на Земјата. Првпат организирана пред неколку години од страна на Слава Лепшеев од Киев, Cхема набргу привлече внимание во светот, благодарение на неодоливата комбинација на пост-советска дистопија, политички немири, врвна „направи сам“ мода и авангардна и динамична техно музика. Судејќи според претходните ангажмани, изгледа дека Схема во голема мера се потпира на локални изведувачи; странските музичари зафаќаат помал дел од програмата и вклучуваат експериментални колективи, како M.E.S.H. на продуцентската куќа PAN. Тоа ја прави оваа забава уште поинтересна за нас, затоа што тоа подразбира дека журките, сами по себе, се доволно луди, за да привлечат огромен број луѓе и „брутална“ атмосфера, без, притоа, да мораат да се потпираат врз звучни меѓународни имиња. Искрено, гориме од желба да ја посетиме.

CLOSER (Киев, Украина)

Покрај Схема, клубот Closer е уште една примамлива дестинација за журкање во Киев, која мора да се посети и за која DJ Nastia ни кажа дека ѝ е омилена локација и место каде што се одржува нејзиниот годишен маратонски фестивал, Strichka. Клубот се наоѓа во еден од неколкуте повеќенаменски простори, лоциран во една голема напуштена фабрика и, според нашите извори, во однос на атмосферата, е најблиску до еден светски познат берлински ноќен клуб.

DRUGSTORE/BIVŠI (Белград, Србија)

Сместен во поранешна кланица, Drugstore може лесно да го добие приматот за најбрутално клупско место од сите клубови во Европа. Просторот како да е изваден од некоја идилична сцена од готски филм, а истиот пример го следи и музиката. Клубот често е домаќин на славни техно фигури од светот, како Redshape, Francois X, Speedy J, како и сите изведувачи кои редовно настапуваат во клубот Berghain. Покрај типичните лица коишто можат да се сретнат на секоја техно забава во светот, во клубот настапуваат и локални диџеи како Тijana T, соработничката на EB која напиша водич низ белградската андерграунд рејв сцена. Во водичот, таа го препорачува и барот Bivši, подружницата на Drugstore, зад кој стои истата екипа.

LEKKER (Талин, Естонија)

По премиерната забава во декември 2015 година, Lekker ги обедини под еден покрив големиот број локални забави од музички разновидниот и просперитетен локален ноќен живот во Талин. Преку неделата се пуштаат широк спектар на жанрови, како хип-хоп, грајм и R&B звуци, а вистинската клупска музика се случува во текот на викендите. Тука се одржуваат многу редовни настани, како популарната забава Jäck, посветена на денс музиката, Haigla Pidu серијата забави ориентирани кон скејт културата и Mutant Disco, најстарата хаус и техно забава во Талин. За подетален преглед на сè што се случува во естонскиот главен град, прочитајте го нашиот водич низ клупската сцена и ноќниот живот во градот, напишан од локалниот диџеј и ко-сопственик DJ Task. (Фотографијата е преземена од Trip Advisor.)

ДИМА (Талин, Естонија)

Просто кажано, Дима е место за аутсајдер хаус (outsider house) забава во Талин. Екипата ангажира диџеи кои се поврзуваат со експерименталната лоу-фај денс музика и кои, до одредена мера, се под капата на L.I.E.S. продуцентската куќа, како што се Greg Beato, Terekke и Florian Kupfer. Но, заради нивното минимално присуство на социјалните медиуми, тешко може да се остане во тек со нивните забави, па така, ако жителите на Талин сакаат да слушнат придушени тапани, тогаш ќе треба добро да внимаваат. Можеме да ве упатиме на сајтот Dima Disk SoundCloud, кој ја претставува новата продуцентска куќа на екипата.

YUCATAN EXTENSION (Вилнус, Литванија)

Yucatan наликува на копија на постмодерната состојба, која може да се случи само во XX век, со оглед на тоа дека е многу невообичаено да се сретне мексикански ресторан и Mezcal бар во една балтичка земја како Литванија, а истовремено таму да има простор и за рејв забави. Се чини дека голем дел од викенд настаните се организирани од локални изведувачи, во коишто и тие самите учествуваат, вклучувајќи ги и оние коишто го водат фантастичниот вебсајт и подкаст серија Secret 13. Но, тие носат изведувачи и од странство, само немојте да очекувате некој изведувач кој е редовно на некоја светска турнеја и кој можете да го сретнете на традиционалните музички медиуми, бидејќи меѓународните изведувачи коишто настапуваат во Yucatan се слични на оние резиденти што настапуваат во други источно-европски клубови од оваа листа. (Фотографијата е преземена од Trip Advisor.)

KULTŪROS BARAS KABLYS (Вилнус, Литванија)

Најдиректниот конкурент на најдобриот ноќен клуб во Вилнус (Opium) е веројатно Kablys, којшто претставува мал конзорциум на културни збиралишта во Вилнус. Покрај просторот за забава, каде што често се пушта техно и британска музика, во Kablys (или барем во зградата каде што е сместен клубот) се сместени и наводно првиот скејт парк од затворен тип во Литванија, ресторан, бар и хостел. Па така, немојте да се изненадите ако некоја вечер влезете и наместо на забава налетате на стендап настан. Сепак, можете да сметате на неделниот настан MinimalMondays, организиран од истата екипа којашто во Литванија го организира популарниот фестивал во шума Supynes.

ARISTĪDS (Рига, Летонија)

На просторот каде порано се наоѓала познатата фабрика за алкохолниот пијалак Black Balsam во Рига, сега се простира еден од најпопуларните барови во градот. Aristīds го посетуваат Летонци коишто ги интересира уметноста и андерграунд музиката со опскурни изведувачи и забави посветени на необичните звуци. За разлика од најголемиот број други места во Рига, Aristīds има главна сцена одделена од барот и простории за опуштање, каде што се одржуваат диско забави со ролшуи, техно забави и настани поврзани со годишниот фестивал Skaņu Mežs.

CHOMSKY BAR (Рига, Летонија)

Како резултат на релативно слабиот избор на добри ноќни клубови во Рига, нашите препораки за забава во главниот град на Летонија се однесуваат на најсимпатичните барови во градот, а еден од нив е крстен по американскиот филозоф, општествен критичар и академик, Ноам Чомски. Па така, соодветно е што во пријатниот бар со четири простории, покрај музичките настани, се одржуваат и предавања кои привлекуваат посетители, од кои најголемиот дел се студенти. Најголемиот дел од музичкиот избор во Chomsky Bar главно се состои од погласни и експериментални карактеристики, така што тука ретко ќе слушнете традиционална клупска музика. (Фотографијата е преземена од Eat Riga)

FUGA (Братислава, Словачка)

Во еден сериозен и, да бидеме крајно искрени, депресивен град, каков што е Братислава, не изненадува тоа што омилените локални клубови „пуштаат поекстремни и експериментални стилови на електронска музика, рок, метал и џез“. Главниот простор за концерти и рејв забави во Fuga се наоѓа во подрумот, што значи дека ги има преживеано неуспешните мерки за полициски час, но постои и една мала тераса каде што можете да се одморите и/или уживате во наводно многу евтините пива во клубот. Кога не се одржуваат музички настани, во Fuga се организираат и изложби, дебати и други уметнички и/или активистички општествени собири. (Фотографијата е преземена од Citylife.sk.)

BASSIANI (Тбилиси, Грузија)

Bassiani се наоѓа во центарот на растечката техно сцена во Тбилиси. Иако официјално со работа започна во 2014 година, клубот набргу прерасна во еден од најперспективните клубови на светската техно сцена. Причините за ваквиот ненадеен развој лежат во комбинацијата од настапи на познати изведувачи, одличен звук, посветена прогресивна публика и новата индустриска естетика од советска ера: подиумот се наоѓа во базен под фудбалски стадион, изграден во 1932 година. Клубот, исто така, може да се пофали и со HOROOM забавите, кои истовремено претставуваат и безбедно место за локалната ЛГБТ заедница и покрај закоравената културна хомофобија. Дознајте повеќе за тоа како Bassiani ја поврзува политиката со забавата во нашиот напис, чиј автор е претставникот на клубот Звијад Гелбакиани (Zviad Gelbakhiani).

MTKVARZE (Тбилиси, Грузија)

Mtkvarze, клубот кој своето име го добил по реката која тече во близина, се смета за еден од најдобрите клубови во Тбилиси, од неговото отворање во 2012 година. Лоциран е во речиси непроменетата зграда на еден рибен ресторан, којшто бил популарен во 1950-тите години. Клубот има две простории (едната е со прозорци од подот до таванот и со поглед кон реката Мтквари или Кура) и тој е редовен домаќин на мешавина од локални изведувачи и музичари коишто се на турнеја и пуштаат сè, од минимал, до модерен хаус и техно. Музиката и храната се служат во текот на целото работно време кое може да трае до раните утрински часови.

ENDLESS ILLUSION (Прага, Чешка)

Сцената во Прага полека расте, делумно благодарение на напорите на Endless Illusion. Endless Illusion претставува еден мултимедијален колектив, посветен на унапредувањето на чешката сцена со својата продуцентска куќа, локалните забави, група диџеи, списание и популарна радио емисија на интернет радио станицата The Hague’s Intergalatic FM. Како такви, музиката којашто ја негуваат е во голема мера инспирирана од старо-школски есид и електро.

RARE (Прага, Чешка)

Rare ќе ја најдете ако копате длабоко низ сцената на главниот град на Чешка.  Почнувајќи во 2011 година, серијата забави обезбеди простор каде што изгубените души од градот можат да се среќаваат и да уживаат во помрачните варијанти на денс музиката: дарквејв, минимал синт, пост-панк, EBM и друго.  Rare се случува во разни барови и клубови во околината на Прага и на неа често учествуваат гости од целиот свет, како и посветени диџеи од локалното милје.

MEETFACTORY (Прага, Чешка)

Овој индустриски објект претворен во уметничко студио, галерија и станбен простор е долго време централно место за бизарниот ноќен живот во Прага.  Неговата музичка програма се состои од меѓународни имиња и локални миленици, со настапи на изведувачи како што се Џеси Ланза (Jessy Lanza), Autechre, Педер Менерфелт (Peder Mannerfelt) и други, вклучувајќи и настани организирани во Прага од страна на експерименталната платформа SHAPE.  Она што го прави MeetFactory посебен е неговиот мултидисциплински пристап и грубиот изглед на неговиот простор – се наоѓа помеѓу автопат и активна железничка пруга во областа Smíchov во Прага. (Фотографијата е преземена од веб страната на MeetFactory.)