Најдобрите 20 песни објавени од дискографската куќа Perlon - Electronic Beats Macedonia

Најдобрите 20 песни објавени од дискографската куќа Perlon

За да го прославиме нејзиниот дваесетти роденден, ги избравме нашите 20 омилени песни од една од најдобрите германски дискографски куќи.

Сѐ помал е бројот на дискографски куќи како Perlon, коишто успеале повеќе од 20 години да останат релевантни, иновативни и едноставно квалитетни. Како што заклучивме додека ја составувавме листата на најдобри техно дискографски куќи постари од 20 години, поголемиот број од нив не успеваат да опстојат три децении во бизнисот. Perlon, не само што објавува нови изданија на секои неколку месеци, туку сѐ уште исфрла на пазарот ужасно добри изданија на голем број од најталентираните музичари од најразличните поджанрови на техното. Основачите Маркус Николај (Markus Nikolai), Zip и Крис Рехбергер (Chris Rehberger) собраа плејада редовни соработници, составена од реномирани имиња како Рикардо Виљалобос (Ricardo Villalobos), Baby Ford, Luciano и Томас Мелчиор (Thomas Melchior). Способноста да ги открива и регрутира најинспиративните умови, чиишто стилови имаат некаква врска со поджанровите минимал и тек-хаус ја направи Perlon една од највлијателните германски дискографски куќи посветени на денс музика. Иако е честа појава обожавателите да употребуваат вакви преувеличувања кога го опишуваат нивниот каталог, чесно е да се напомене дека динамичната способност на кураторите на Perlon да се прилагодуваат на сите трендови и новини во фанки минимал хаусот и техното, ги доведе на мошне дискутабилни патишта, гледано од сегашна перспектива.

И покрај тоа, конзистентноста и одржливоста на оваа дискографска куќа претставува импресивен и влијателен подвиг, а нивниот целосен каталог содржи многу повеќе издигнувања отколку падови. Имајќи го тоа на ум, а во чест на дваесеттиот роденден на Perlon, нам ни беше огромно задоволство да се навратиме на целосната дискографија на куќата, со цел да направиме избор на она што ние сметаме дека се најдобри композиции коишто излегле под нејзина капа.

Dimbiman, Good Morning, Eyeball“ (Perl 02, 1997 година)

Ова беше првиот удар којшто Zip (познат и како Томас Францман [Thomas Franzmann]) го зададе под името Dimbiman. Дваесет години подоцна, „Good Morning, Eyeball“ сѐ уште е една од најпознатите песни издадени за Perlon. Таа претставува одличен пример за едноставниот и минималистички фанк од почетоците на дискографската куќа. Сѐ што на Zip му треба се игриви бас линии, придушен вокал, два-три дезориентирани вокални фрагменти и малку фус чинели за да создаде хипнотичен, издрогиран ритам, којшто безброј пати докажал дека знае како да ги навлече клаберите низ целиот свет.

Dimbiman, Kӧppchen (Herbert’s D-D-D Dazzle Dub)“ (PERL 06, 1998 година)

Метју Херберт (Matthew Herbert) од 1998 година и Perlon: совршен пар од најлудите минимал хаус соништа. Со неговата D-D-D Dazzle Dub верзија, Херберт ја внесе неговата карактеристична игривост и свинг во чистиот минимализам од оригиналот на Dimbiman. Кога, во втората минута од песната, еластичната бас линија конечно ќе „удри“, веројатноста е дека вие веќе избезумено играте на живиот, отсечен ритам на ремиксот. А да не ни зборуваме за вокалните фанки семплови. Вистинска Хербертовска магија.

Ricardo Villalobos, Frank Mueller Melodram (PERL 08, 1999 година)

Првата песна на Рикардо за Perlon e (очекувано) една од првите и најголемите фаворити на дискографската куќа. Насловната песна претставува интровертно и тажно патување предизвикано од интуитивното програмирање на тапаните на Рикардо. Во тоа време, Рикардо беше малку пофокусиран врз атмосферата на подиумот отколку што е тоа случај денес, па така, неговите бурни триесетминутни аудио медитации претставуваа исклочок, а не правило. Всушност, со времетраење од девет и пол минути, „Frank Mueller Melodram“ може да го продолжи грувот уште најмалку пет минути, без притоа да биде иритантно репетитивна.

Pile, Perlipop (PERL 09, 1999 година)

Во средината на 1990-тите години, триото сочинето од основачите на Perlon, Zip, Маркус Николај и графичкиот дизајнер, Крис Рехбергер (кој беше одговорен и за допадливата визуелна естетика на Perlon), случајно потпиша богат договор со Epic. Групата правеше придружна музика за книгата со графички дизајни на Рехбергер, којашто Epic ја стави под својата капа, откако триото случајно се сретна со скаутите на таленти на дискографската куќа во еден франкфуртски клуб. Издадоа еден албум и неколку песни со „скротени“ хаус апстракции и забавено темпо, пред да одлучат самите да формираат независна дискографска куќа: Perlon. Соработката резултираше со издавање на само една LP плоча, од која „Perlipop“ e песната која најмногу отскокнува. Песната не е ништо повеќе од еден едноставен ритам, сѐ додека не се појави еден неочекувано страстен вокал и неколку милозвучни акорди. Рехбергер е сѐ уште главен графички дизајнер на Perlon, но приказната со Маркус Николај е поинаква. Дали е тој уште дел од групата? Уште ли работи како оптичар? Толку многу прашања!

Ricardo Villalobos, „Spritzcussion (RV GM Sample Mix)“ (PERL 10, 1999 година)

За нас, „Spritzcussion“ е несомнено најмоќната песна која Виљалобос ја има издадено за Perlon. И покрај тоа што и неговите други соработки со Perlon се карактеризираат со длабочина и емоција, „Spritzcussion“ претставува неразводнета и опасно ефективна диџејска „алатка“. Неговата маестрална употреба на педантни перкусии ѝ дава на песната бурна и возбудлива динамика и ексцентричност, која што не ѝ пречи на нејзината ритмичност. Дури и во контекстот на првата Superlongevity компилација, којашто излезе во 1999 година и содржеше бројни навистина визионерски траки, „Spritzcussion“ е апсолутна сензација.

Markus Nikolai, Bushes (Freaks Turning Yellow Speakeasy) (PERL 12, 1999 година)

Она што е „Bushes“ на Маркус Николај за Perlon, тоа е „Beau Mont Plage“ на Isolee за Playhouse: првиот хит на дискографската куќа, којшто се најде на повеќе топ листи посветени на различни поджанрови, со што успеа да ги отвори вратите кон Велика Британија (и пошироко). Ова го привлече вниманието на Лук Соломун (Luke Solomun) и Дерик Картер (Derrick Carter), коишто насловната песна ја зедоа под капата на Classic, a нејзината Б страна, „Passion“, излезе за дискографската куќа на Соломун, Music for Freaks. Во 1999 година, ова значеше нешто. Велика Британија почна да го препознава минимал приодот кон хаус музиката, којшто доаѓаше од Германија и германските дискографски куќи, а Perlon беше една од водечките сили на тоа движење.

Akufen, The Unexpected Guest (PERL 23, 2001 година)

Иако Akufen несомнено e одговорен за дел од изданијата на Perlon коишто не го издржаа тестот на времето, оваа нумера од Superlongevity 2 претставува безвременско дело. Рикардо Виљалобос ја смести меѓу првите песни од неговиот диџеј микс, Love Family Trax, заедно со песната „Panpot Spliff“, која беше неговиот придонес во компилацијата.

Pantytec, Elastobabe (Soul Capsule’s Cosmic Warrior Mix) (PERL 26, 2002 година)

Објавена пролетта 2002 година, „Elastobabe“ пристигна во музичките продавници токму на време за да стане главна песна на новоотворените забави на Perlon, во дворот на претходникот на Berghain, клубот Ostgut. Подиумот на отворено беше дом на многу еуфорични неделни попладниња. Ремиксот на Soul Capsule му вдахна елементи на психоделична експресивност и неоддолив ритам на меланхоличниот и апстрактен оригинал. Оваа песна претставува минимал хаус психоделија од најдобар вид.

Luciano & Mathew Jonson, Alpine Rocket (PERL 32, 2003 година)

Во 2003 година, Мертју Џонсон и Luciano беа две маалски голобради момчиња коишто доживуваа огромни успеси во светот на минимал хаусот и техното, па и самата помисла за нивна музичка соработка претставуваше причина за напнато исчекување. „Alpine Rocket“ го извлече најдоброто од звукот на двајцата музичари: веселите, глич ритми и перкусии на Luciano и славните акорди и секвенци на Метју Џонсон. Сето тоа се соединува во десетминутно психоделично патување во непознатото.

Minimal Man, Chicken Store (PERL 38, 2004 година)

Baby Ford, членот на плејадата музичари од Perlon, ги здружи силите со неговиот партнер од дуото Minimal Man, за да ја снимат немирната и возбудлива психоделична нумера „Chicken Store“. Песната претставува задолжителна лектира за секој кој штотуку навлегува во звукот и наследството на Perlon, или, ако сакате, таа претставува „иницирачка дрога“ во чудесниот свет на тек-хаусот.

Melchior Productions Ltd., The Later the Evening… (PERL 46, 2005 година)

„The Later the Evening…” претставува извонреден вовед во обемната дискографија на еден пионерски продуцент. Од аспект на суптилност и безвременски грув, на песната ѝ се рамни само другите изданија на Томас Мелчиор, како, на пример, „Feel Sensual“, која ја сместивме на второ место. Нејзините колебливи, испрекинати битови и непостојани бас линии ја прават нумерата софистицирана за ноќно журкање, а тоа никогаш нема да излезе од мода.

Matt John, The Rising Scope (PERL 49, 2005 година)

Ова е еден од најголемите хитови на Мет Џон (Matt John). Кога Perlon конечно ја издаде во 2005 година, однапред се знаеше дека песната долго време ќе биде полн погодок за славните журки во Beatsreet и Bar25. Многумина сметаат дека првиот албум на Мет Џон го одбележа враќањето на „класичниот“ Perlon звук: опуштен минималистички хаус со смисла за хумор и слабост кон суштинска психоделија.

STL, Purple Saturn Days (PERL 57, 2006 година)

Секој елемент во „Purple Saturn Days“ e компактен: од често употребуваната комбинација на тропотливи бас тапани и игровниот фус на STL, до извонредниот повеќеслоен амбиент којшто се соединува со астралната мелодија на песната, во моментот кога тапаните конечно ќе запрат по шестминутната чиста текстура. Композицијата претставува одличен пример за големиот број привлечни хитови од дискографијата на Стефан Лаубнер (Stephen Laubner) и таа е најдобра од неговиот прв албум за Perlon, The Early Days.

Cassy, More Policemen on the Beat (PERL 64, 2007 година)

Ова е една од ретките песни на Cassy во коишто изостанува нејзиниот вокал. Roland TR-808 ритам машината се движи со рамномерно темпо, додека со секој нов такт се чини дека песната полека се распаѓа во кататонична состојба, исполнета со тапани, продорни звуци и злокобни мелодии. Накратко кажано, песната е совршен избор за каталогот на Perlon.

A Guy Called Gerald, Moon Jelly (PERL 71, 2008 година)

Иако сите беа по малку изненадени од единственото издание на A Guy Called Gerald за Perlon, трака како „Moon Jelly“ заслужува да се најде помеѓу дела како „Knowone Can Take Away“ на Portable и „Gravy Train“ на Baby Ford. Пуштена на голем звучен систем, масивните бас линии пријатно ви го масираат градниот кош како кај ретко која друга песна, додека треперливиот звук на харфа и даб ефектите ве водат во некои поинакви состојби на свест.

Shackleton, (No More) Negative Thoughts (PERL 76, 2009 година)

Веројатно беше малку неочекувано за слушателите кога првиот албум на авангардниот дабстеп продуцент Shackleton го издаде дискографска куќа којашто важеше за предводник на минимал револуцијата. Но, не само што музиката помина изненадувачки добро во однос на наклонетоста на Perlon кон минимализмот и комплексните тапани, туку успеа дури и да стане пример за чувството на дискографската куќа за откривање и промоција на динамични трендови и новини во подиумскиот звук. Освен тоа, самиот Виљалобос веќе го имаше премостено тој јаз пред неколку години со неговиот, сега веќе фамозен и епски ремикс на композицијата „Blood on My Hands“ на Shackleton. Па така „(No More) Negative Thoughts“, заедно со неговиот мини-албум, Three EPs, го затвори кругот на вкрстувањето на минималот и дабстепот.

Mara Trax, Murphy’s Laugh (PERL 90, 2012 година)

Исто како што соработката помеѓу членот на Perlon, Mayaan Nidam, и искусниот сценски селектор, поврзан со дискографската куќа Vera, беше логичен след на настаните, така и Mara Trax беше совршениот кандидат за нов член на Perlon. „Murphy’s Laugh“ е крајно опуштена песна, но нејзините игриви тапани ја прават вистинска техно „алатка“.

The Mole, Lockdown Party (DJ Sprinkles’ Crossfederama) (PERL 94, 2013 година)

„Lockdown Party“ докажа дека и по 94 издадени албуми, Perlon сѐ уште претставуваше фабрика за хитови. Дали може да се каже дека некогаш се имате навистина журкано, ако никогаш не сте го чуле ремиксот на „Crossfaderama“ од хаус иконата DJ Sprinkles од 2013 година?

Margaret Dygas, Even 11 (PERL 108, 2016 година)

На некој начин, ваквиот синкопиран ритам може да се смета за продолжение на „излетите“ на Perlon во поджанровите на дабстепот, коишто доведоа до издавањето на албумот Three EPs на Shackleton. Сепак, ова можеби е неправедно да се каже за свежата перспектива којашто ветеранката на Perlon, Мargaret Dygas, jа понуди во нејзините најнови песни за дискографската куќа. Елегантна, суптилна, синкопирана, ритмична и сложена: совршен опис за музиката на Perlon.

Binh, Noah’s Day (PERL 111, 2016 година)

Влегувањето на Binh во редовите на Perlon кажува многу за способноста на дискографската куќа да остане релевантна и влијателна со ангажирање нови лица заслужни за најактуелните трендови во минимал сцената, за чиј развој таа одигра важна улога. Родениот берлинчанец, Binh, не е почетник, но последниве години тој се прослави благодарение на неговата улога во носењето на жанрот во нови, сродни предели. Заради тоа, звукот на Perlon останува свеж 19 години по основањето. Насловната песна на албумот, „Noah’s Day“, е посветена на неговото синче, додека слатките звуци на завивање и шлапкање будат чувства на кроткост и добронамерност, коишто ги поистоветуваме со малите дечиња. Но, најважно, песната ги содржи жестоките, марширачки тапани карактеристични за Bihn. Слатко и ефективно.