Разговор со Жарко Башески - еден од најдобрите светски хипер-реалисти - Electronic Beats Macedonia

Разговор со Жарко Башески – еден од најдобрите светски хипер-реалисти

Неговите дела не можете да ги заборавите, ниту да ве остават рамнодушни. Мајсторската хипер-реалистична изведба, во комбинација со необичните димензии и акцентирања, прават неговите скулптури да ве обземат и да ви пробудат силни емоции.

Минатиот петок, Башески го претстави своето ново дело „Out of…“ (Вон) во Музејот на Град Скопје. Ние ја посетивме изложбата, а имавме чест и самиот Башески да ни каже нешто повеќе за конкретното дело и за својата уметност.


Покрај фасцинацијата од техничката изведба и деталите, кога во живо го видов делото ме облеа чувство на тегобност, на свесност за несвесноста. Што вие, како автор, кажувате низ „Out of…“?

Се работи за мое најново дело кое го работев речиси една година. Мислам дека успеав на некој начин да ја пренесам идејата дека последниве години човекот во континуитет го оптоваруваат информации од секаков вид. Од социјални медиуми, преку класични до најсовремени информации кои на некој начин го држат во хибернација или полусвесна состојба – Надвор од реалноста (out off). Непрекината доза инфузија со потребни и непотребни информации. Тоа е Вон реалност.

Големи димензии, безброј детали… Колку време е потребно за изведба на една ваша скулптура и колку време го изработувавте конкретново дело? Дали тој процес некогаш ве истоштува или ви е еден вид медитација?

Можам слободно да кажам и да го наречам процесот на создавање но, и процесот на реализација – медитација. Тоа значи дека воопшто не ми претставува проблем големината, а деталите ми се потребни за да ја објаснам идејата и гледачот полесно да ја прочита. Големината пак, е во зависност од важноста на идејата и затоа секогаш работам во различни димензии.

Во време кога забрзано губиме чувство за реалност, вие го одбирате хипер-реализмот како свој стил. Дали го преферирате чисто од технички, вајарски аспект или самиот избор на стил претставува ваш социјален коментар? Каков?

Хипер-реализмот е само ракопис преку кој го работам делото, и во никој случај не е моја крајна цел или желба за демонстрација на некаква вештина. Јас и не се сметам за хипер-реалист, затоа што моите скулптури се во нереални димензии, често пати пресечени на пола и речиси секогаш со нагласени екстремитети или нешто друго што ми е важно во приказната.

Социјалниот коментар пак, го имам во идејата или во целта што сакам да ја пренесам. Така, како противтежа на забрзаното чувство на реалност, јас се обидувам да го забавам, ако не и да го запрам гледачот за момент, да се сврти повеќе кон себе и глобалните појави што го оптоваруваат, со надеж дека барем за миг ќе излезе од таа состојба.

Присутни сте на светската уметничка сцена, а истовремено сте и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Тоа ви дава уникатен увид и глобално и локално. Што би ги советувале младите уметници и креативци од Македонија?

За македонската ликовна сцена не можам многу да кажам, затоа што веројатно и не ја познавам добро (што можеби е и моја вина). Последните години има некакво забавување, со многу малку настани, малку конкуренција и квалитетна појава. Секоја чест на ретките исклучоци но, кај нас секогаш се доцнелно зад европските состојби. Затоа постојано им предлагам и ги советувам моите студенти да се зафатат сериозно со работа и да бидат колку што можат повеќе свои, посветени и фокусирани на тоа што го работат. Со денешниве технолошки можности и Интернет можат да стигнат секаде. Но, неопходен е квалитет и добро дело, затоа што конкуренцијата на глобално ниво е многу поголема од некогаш.