Ристо Солунчев и „Звуците на Скопје“ на Џез фестивал - Electronic Beats Macedonia

Ристо Солунчев и „Звуците на Скопје“ на Џез фестивал

Започна во 1982, а денес е едно од позначајните и поубави обележја на градот. Скопскиот џез фестивал повеќе од две ипол децении го збогатува звукот на Скопје и е негов културен симбол.

Истото би можеле да го кажеме и за Ристо Солунчев. Го запознавме на почетокот од 90-те, како дел од „Чиста околина“, група која беше пионер во македонскиот рап звук, а нејзините дела се врежани во колективната меморија и живи до ден денес. Но, како и Скопскиот џез фестивал, така и Солунчев не може да се опише само со една „функција“. Рапер, композитор, филозоф, професор, колумнист… тој претставува општ синоним за авторство, уметност и култура.

Беше голема радост кога дознавме уникатен проект ќе биде презентиран на култниот Џез фестивал. Конкретно, станува збор за „Звуците на Скопје“ со композиции на Ристо Солучнев, фотографии на Васе Аманито и илустрации на Иван Петрушевски – Флим.

Овој мулти-медијален проект е идеја на долгогодишниот партнер на Скопскиот џез фестивал – Македонски Телеком, а посетителите на овогодишниот Скопски џез фестивал ќе може интерактивно да го доживеат од 18 до 21 октомври.

Имавме чест да поразговараме со самиот Ристо Солунчев за неговото најново дело, кое ги спојува музиката, технологијата и долгогодишната љубовна приказна на Скопје и џезот.

Проектот „Звуците на Скопје“ е инспириран од тековниот Скопски џез фестивал. Кажете ни накратко, за какви скопски звуци станува збор? Со што ве инспирираше нашиот главен град за да се одлучите на овој проект и да го овековечите на аудио начин?

Одбрани се неколку локации во Скопје како парадигматични топосии коишто имаат некакво значење за градот. Конкретно Чаршијата, Скејтпаркот, Маалото и Брутализмот како општи репрезентативни идеи за места.

Направив доста теренски снимки од звуците што можете да ги сретнете на тие места и се обидов дел од нив да ги исползувам во музичка приказна. Да ги користам како текстури и бои во четири куси композиции. И музиката требаше да биде максимално автентична, да се добие чувство дека исходи од самото Скопје, не од Чикаго или Њујорк, туку да биде мое лично гледање на Скопје и неговиот спој со сета онаа поп култура во најшироката смисла на зборот што доаѓа од надвор. За жал, не можеше сè да се стави од снимките, водејќи се од ограничувањата на самиот конкретен проект.

Јас не сум џез музичар и ниту тоа сакам да бидам, оти моето музичко образование, надополнето со философското, е сосем поинакво. Затоа и стварите го допираат џезот повеќе како творечко начело, а не како стандард и историско-посредуван и определен израз. Практично стварите се потреба за слобода и од џезот, како некаков вид на деконструкција.

Се сеќавам на една изјава на познат афро-американски џез музичар од седумдесетите години од минатиот век, што ја бев чул од Душко Димитровски. На прашањето кој е најдобриот џез што сте го слушале, тој веднаш одговорил: македонската традиционална музика. Пеце Атанасовски на покана од џез состав од Сан Франциско има свирено на концерт со нив. Нормално свирејќи и импровизирајќи во македонски музички логосен јазик, но за џезерите од Сан Франциско тоа било исто така квалитетен џез.

Воопшто не ја негирам исклучителната историска приказна на совршено класично заокружување на џез музиката, само се држам до универзалното апстрактно начело на џезот да се создава самата слобода и таа да се вообличува во форма.

Дали сметате дека секој град има свој звук? Каков е звукот на Скопје?

Скопје како урбан простор пулсира како и секој друг град во светот, можеби со различни интензитети. Можете да ги сретнете истите звуци. Но Скопје метафорично е џез затоа што има простори што се допираат, а звучат сосем различно.

На пр. Чаршијата и Скејтпаркот. Звуците од Скопската чаршија нема да ги најдете на друго место. Така што Скопје е всушност некакво време, траење на звуци, нивна конкорданца и дискрепанца, звучна напнатост и повремено имагинативно усогласување.

Скопје е натопено со трауми, сеќавања на премрежија, што низ самите скопјани се во траењето на свеста, а се прекршуваат во просторот. Кога ќе застанете спроти Старата Железничка станица вие можете да ги чуете сирените за тревога, татнежот на земјата, звукот на уривањето. Старите скопјани тоа живо го доживуваат повторно, ние помладите го вообличуваме тоа во нашата вообразба. Звуците не се само физички ствари, туку се и имагинативни идеи.

Вашата биографија е доказ дека сте „ренесансен“, сестран човек, а такво е и вашето творештво. Чиста околина, хорот „Хармосини“, композитор, професор по филозофија, колумнист… Како одлучувате што ќе биде вашиот следен проект, како некоја појава или тема станува доволно важна да ја преточите во дело? Сметате ли дека е поважно еден автор да гради конзистентен стил или да истражува „како дете“?

Времето на ренесансните луѓе е одамна поминато. Не се сметам себеси за таков, оти реално знам философија и познавам одредени видови на музика, и толку. Тоа што сум почнал со хип-хоп, па сериозно сум се занимавал со традиционална музика учејќи кај најдобрите Пеце Атанасовски, Никола Цветковски, Вања Лазарова, Душко Димитровски, па потем со изучување на византиската музика, паралелно работејќи проекти со современа музика, можеби е само доказ дека со мене нешто не е во ред! Тоа е една шизофрена распределба на мојата личност, јас сум еден шизо-субјект.

Се гледам себеси како музичар во некаква постмодерна смисла. Душата ми е во хаос постојано, а со философијата и музиката го терам тој хаос да прими облик. Веројатно можете да истражувате како дете и да бидете конзистентни во тоа.

Колку ви е џезот близок како музички правец? Што ви значи Скопскиот џез фестивал?

Џезот го сакам како слушател и веќе долги години дозволувам John Coltrane да ме изместува од сигурното упориште на историјата, од она денес. Но веројатно отсекогаш сум создавал дистанца кон џезот, плашејќи се да не ме обземе и завлече на друго место како музичар.

Сметам дека современата македонска музика мора да биде апсолутно автентична, и како што џезот произлегол од потребата афроамериканците автентично да ја изразат својата сопствена душа и мелосен јазик, така и нашата музика мора нас да нè изрази. Буквално треба да се создава комплетно нова музика, нешто што би било целосен одговор на џезот, а не самиот тој џез отсвирен од македонски музичари. Не народни песни со стандардни џез хармонии, туку комплетно нова музика заснована врз нашиот музички јазик и нова хармонија од истата таа музика произлезена. Така всушност многу повеќе би биле блиски до начелото на афро-американците, одошто само онака гастербајтерски готов производ овде да пренесеме. Но сета работа е во спојот, и така се создавале нови облици и форми, таква е и нашата традиционална музика.

Скопскиот џез фестивал е една од најбитните институции за културата на Македонија последниве децении, но и во насока на создавање услови за спојот.

На Скопскиот џез фестивал сведочиме врвни имиња од светската сцена. А што вие како култен лик на македонската сцена, би рекле за нејзината денешна состојба? Имате ли фаворити од „новите деца“?

Има исклучителни остварувања во целата современа музика не само во џезот. Секое време има своја потрага по форма и по сопствен израз. Не сум сигурен дека постои еволуција во музиката, во смисла дека она што денес е создадено да е по нужност подобро од она вчера. Може да биде, но и не мора, оти како може убавината да биде поубава од убавината? Не сметам дека Future Sound of London, или пак генијалниот Chick Corea, дека се еволутивен развој во однос на Bach, едноставно се различни. На сцената има исклучителни и оригинални музичари што доаѓаат од целиот свет и тоа е убавината на џезот, таа универзална супстанцијалност на неговото начело.

Ја почитувам норвешката сцена, но ја сакам и музиката на мојот пријател Гоце Стевковски.