Скопски Џез фестивал 37-ми пат во Скопје

Фестивалот е незаобиколна попатна станица во растењето и културното созревање на веќе неколку генерации во нашава земја. Од најсуптилните љубители и продлабочени познавачи на џезот, преку музичките авантуристи и ентузијасти, па сè до класичните позери, нема општествена група која не се појавувала редовно или повремено на „Џез”.

„Еј, ќе идеш на џез?“, „Ма, секако, сите вечери”. Се дотерува и светка на влезот и низ холот, – па ја напушта салата на 30-40 минути по почетокот на концертот. Тоа секако ужасно ги нервира, па и ги згрозува помалку напнатите, но посветени вљубеници, кои понекогаш и мака мачат да набават и не така евтин билет, за да можат да ја проголтаат понудената квалитетна џез порција до последната нота. Сето тоа говори за еден прекрасен културолошки феномен, кој освен квалитетот, се одликува и со неверојатна конзистентност — вистински ретка особина во македонскиот склоп.

Но, токму за тоа и постојат културните настани: да остават трага. Скопскиот Џез фестивал не е веќе трага, туку вистинскиот пат по кој се движат сите – од најбаналниот позер, до најдобриот познавач. Уште од неговите пионерски денови во 1982, па до денешните гала изданија, низ него продефилирале најголемите и најквалитетни имиња од светската џез сцена, а неговата репутација одамна е прелеана вон границите на Македонија.

Што точно ќе понуди Фестивалот оваа година за да ја одржи таа сјајна репутација?

Без нималку лажна скромност, господата од СЏФ најавуваат ексклузивност, уникатност и храбра програмска ориентација за 37-мото издание кое ќе се одржува од 17 до 21 октомври на две локации во главниот град: Македонската опера и балет и Младинскиот културен центар.

Речиси сите концерти што ја сочинуваат програмата на фестивалот се специјални и ексклузивни по својот карактер и не претставуваат дел од турнеите на музичарите. Исклучок е настапот на Дејвид Мареј Квартет со Сол Вилијамс, што ќе го означи стартот на нивната европска турнеја. Најдобриот британски џез-пијанист денес, Александер Хокинс, ќе дојде од Лондон во Скопје само за еден пијано џез-рецитал.

Иновативниот гитарски херој Арто Линдзи ќе пристигне од Рио, каде што живее кога не живее во Њујорк, а во Скопје ќе му се придружи норвешкиот тапанар Паал Нилсен-Лав, еден од најактивните и најпродуктивните скандинавски музичари во последните две децении. Од Њујорк доаѓа веројатно најзначајниот и најкреативниот жив музичар во светот денес, трубачот Вадада Лео Смит. Ексклузивен европски настап ќе има и култната њујоршка тројка Хариет Табман, предводена од еден од водечките светски џез-гитаристи, Брандон Рос, наведува Фестивалот.

Највозбудливата точка од понудата, барем за нас инди-рок ориентираните џезери, е гостувањето на Трстон Мур, фронтменот на најдобриот рокенрол состав на сите времиња Sonic Youth, кој ќе се претстави во сосем експериментално соло светло.

 

Со ексклузивни концерти ќе се претстават и младата скандинавска сензација, данската саксофонистка Мете Расмусен, уникатниот многуброен женски вокален состав Трондхејм Војсис, португалската трубачка ѕвезда Сузана Сантош Силва, а за уникатен концерт од Финска доаѓа возбудливото и динамично џез-трио Мопо.

На последната фестивалска вечер Тони Китановски со концерт ќе одбележи 30 години музичка кариера. Тој ќе настапи со својот најнов проект, квинтетот Панда 5, промовирајќи го во живо новиот албум „Big City Scare”.

Electronic Beats внимателно ќе го следи 37 издание на овој дефинирачки скопски настан и преку фотографија и пишан збор ќе ве известува за доживувањата и достигнувањата на овогодишното издание.

Watch this space for more of that cool jazz thing!