Ѓорѓе Јовановиќ, автор на новата графичка новела „Хашиш“

Но, мојата констатација не е само лична импресија, туку е потврдена од бројните признанија и изложби. Најуспешен автор на десеттото Биенале на млади уметници, Награда Денес 2009 за млад визуелен уметник во Македонија и самостојни изложби во Белград, Грац, Њујорк, резиденции ширум светот, се само дел од достигнувањата на овој (хипер) продуктивен автор.

 

Поводот за конкретниот разговор е неговото најново дело – графичката новела „Хашиш“, чија промоција и изложба неодамна се случи во галеријата на МКЦ.

 

Графичката новела „Хашиш“ можете да ја набавите во сите книжарници, како и во „Апотека“ во МКЦ. А повеќе за делото дознајте од самиот автор во интервјуто во продолжение.

Стрип уметноста во Македонија е на „stand by“ веќе некое време. Како се одлучи на овој проект? Дали отсекогаш си фан на стрипови или те понесе текстот на Анри Мишо?

Да, твојата констатација е точна. Стрипот кај нас е на stand by. Сепак, постојат поединечни примери на автори кои континуирано работат низ годините, што е многу битно.

„Хашиш” дојде како резултат на долгогодишната соработка со Никола Гелевски од издавачката куќа Темплум. Тој минатата година ја започна новата едиција „Лифт” посветена на стрипот, графичките новели и експерименталниот цртеж која пак е надоврзување на истоименото списание што го објавуваше во средината на 90-тите. Покрај преводите на странски автори, во едицијава тој сака да вклучи и МК автори. Досега се објавени две книги со цртежи од Кирчо Арсовски, кој во голема мера си игра со референци и карактери од стриповите. Гелевски минатата година ми го предложи текстот на Анри Мишо, поради структурата и можноста тој да се преточи во форма на графичка новела и така некако започна оваа авантура.

Инаку, стрипови сакав уште како клинец. Првите сеќавања ми се поврзани со стриповите објавувани во „Политикин забавник” и „Микиев алманах”, „Астерикс”, „Гастон”…

„Политикин забавник” покрај редовниот „Хогар Страшниот” во серијали ги објавуваше и „Мандрак”, „Џеремаја”, „Рип Кирби”, „Модести Блејз” и многу други. Секако незаобиколна е и рубриката „Риплиевото верувале или не” која е нацртана во стрип манир. Се сеќавам и на првиот 3Д стрип од серијалот „Фантом“ што тие го објавија. „Загор” и „Марти Мистерија” не ми беа дел од омилените стрипови туку „Алан Форд“ и тоа посебно поради хуморот и социјалниот аспект што и до ден денес ми е битен и како на човек, но и во уметноста што ја правам.

Првите обиди за стрип ги имав во осмо одделение. Подоцна за време на студиите на неколку наврати објавував за „Студентски збор”, а еден подолг стрип што во тој период го работев никогаш не го објавив. Ете после низа години, работејќи на разни ликовни дела, конечно се склопија коцките да објавам нешто во овој медиум.

Графичка новела е прилично комплексна форма, чија изработка сигурно одзема многу време и бара посветеност. Колку време вкупно работеше на „Хашиш“? Дали можеш накратко да го опишеш процесот на создавање?

Целиот процес траеше околу 9 месеци, некаде во декември минатата година кога ги започнав првите цртежи и скици. Интензитетот на работа низ месеците варираше, а последните 4-5 месеци интензивно работев по 8-9 часа на ден. Во просек тоа беа 2 до 3 цртежа дневно и дополнителна работа на компјутер.

Не ја користев класичната постапка на правење цели табли страници туку работев на фрагменти. Првин цртежи со гел пенкало и маркер, потоа скенирање и доработка и спојување на цртежите во фотошоп. Колорирањето исто го правев во оваа програма, бидејќи со тоа ја имав слободата да правам голем број варијанти и измени. Целиот процес би можел да го поврзам со процесот на колажирање, постапка што често знам да ја користам и во некои други мои ликовни дела и проекти.

 

Всушност, целиот тој процес го претставив на изложбата во МКЦ во која покрај селекцијата од 40 цртежи, се прикажува видео во кое ги покажувам работните книги со цртежи, како и видео во кое ги покажувам развојните фази на пробните отпечатоци на книгата, 7 на број, од првата која е скицуозна верзија, па сѐ до финалната. Изложив и неколку варијанти за корицата, како и решение за фонтот кој најпрвин го исцртав, а потоа Небојша Гелевски – Бане го векторизираше и го прилагоди за да може да се користи како компјутерски фонт.

Насловот на новелата е „Хашиш“, а Анри Мишо е автор кој често експериментирал со наркотици. Колку сметаш дека неговото користење дрога додало или одзело од вредноста на текстот? Кој е твојот став за уметноста и изменетите состојби на свеста?

Всушност, „Хашиш“ е четвртото поглавје „Chanvre indien“ од книгата „Miserable miracle” и е во целост посветено на неговото експериментирање со мескалинот и хашишот. Но, таа книга не е само опсервација на неговото искуство на експериментирањето со овие опијати туку претставува една опсервација на внатрешниот свет, човековите релации и опсервација на природата.

Многу автори работеле под дејство на опијати со цел да разбудат дел од нивната фантазија и потсвест, нешто што не можеле да го постигнат во свесна состојба. Познати се многу експериментални дела од овој вид. Од романтичарските поети Вортсфорд и Бајрон преку Вилијам Бароуз, Тимоти Лири, бит поетите, психоделичниот рок, Фредерико Фелини, Денис Хупер, Жан Мишел Баскијат, списокот е подолг. Но од друга страна, присутни се и кај древните култури, Индијанците и други домородечки култури, Кина итн.

За некои уметници се вели дека не им требале опијати, затоа што имале доволно развиена имагинација, други пак, ги ширеле „вратите на перцепцијата” користејќи разни опијати. Но, одговорот на ова прашање не е еднонасочен туку е работа на избор и интерес.

Кои се твои омилени светски стрип автори, стрипови и графички новели? Имаш ли автори од Македонија кои ги следиш?

Листата е голема, но би ги издвоил авторите како Џо Сако и неговите книги „Палестина” и „Безбедна област Горажде”. Сако кој е дипломиран новинар совршено го комбинира искуството на истражувачкото новинарство со цртежот и градењето на приказните посветени на Израелско-палестинскиот конфликт или пак војната во Босна.

Мерџан Сатрапи со „Персеполис”, автобиографска приказна која низ нејзиното растење го портретира Иран, пред и по исламската револуција, како и селењето на Сатрапи во Европа. Дениел Клоус и неговите брилијантни книги кои се едни од најдобрите примери на постмодерната во стрипот. Крис Вер, кој фантастично ги поместува границите на стрипот како медиум.Чарлс Брнс, Дејв МеКкин, Арт Спигелман, Риад Сатуф, Александар Зограф, Игор Хофбауер и многу други.

Од македонските стрип автори би го издвоил Горан Дачев-Горанд, Кирчо Арсовски, Синиша Цветковски, но исто така и илустраторите како што се Филип Трајковски, Тхе Мичо, Томи Џуровски…

Како на читателите би им ја препорачал новелата? Како би ја сумирал, што е она што тебе како автор ти беше најважно да го искомуницираш?

Се работи за еден експериментален пристап во користењето на стрипот како медиум. Следејќи ја структурата на текстот, кој е во фрагменти, а не со класична наративна линија, така и визуелниот израз е фрагментиран.

Работата на ова графичка новела за мене е како патување во кое ги истражувам и комбинирам формите на стрипот и цртежот и колажното компонирање на сцените, а притоа пробувам дејствието покрај она што на места е зададено во самиот текст да го преместам и во некој поактуелен контекст што секојдневно ме опкружува.

Со оваа графичка новела се обидов да ги славам убавината на креацијата, деталите и процепите, но и понирачкиот литературен јазик на Анри Мишо кој според Октавио Паз не се колеба да го скрши грбот на некој збор, како што коњаникот не се колеба да го бодне коњот. За да пристигне: Каде? Кај ништото што е тука, таму и секаде. Јазикот како возило, но и јазикот како нож и рударска ламба. Ете тоа сакав да го постигнам и во ликовниот израз.