Берлинската диџејка Tama Sumo доаѓа во Скопје

Tama Sumo е сите работи кои ги обожаваме во Берлин и во хаус музиката, споени во едно. Како диџеј работи веќе 25 години, од нејзиниот прв настап во барот Drama во берлинското маало Kreuzberg во 1993. Ова е важен момент за берлинската сцена, бидејќи Drama e еден од првите барови со свои диџеи за викендите и една од малкуте локации низ Берлин во тој момент во која се пуштала хаус музика, а не техно. Оттогаш наваму Tama Sumo била резидент во познатиот Tresor и Ostgut, а моментално е резидент DJ во култниот берлински клуб Berghain/Panorama bar.

Позната по својата колекција од 15.000 плочи, нејзините сетови секогаш изненадуваат со спој на повеќе музички стилови, претежно комбинација на нов и класичен хаус и техно со диско и afrobeats. А покрај нејзината репутација како еден од најдобрите диџеи моментално во Берлин, Tama Sumo е и гласен активист за правата на ЛГБТИ заедницата.

„За мене, да се биде диџеј значи да се биде во постојан допир со публиката, да се комуницира со нив без зборови и да им се даде тоа што им е потребно, истовремено останувајќи свој и задржувајќи го својот стил. Многу ми е важно да успеам да им дозволам на музиката, публиката и на себеси да се движиме слободно и природно. Обожавам да креирам и да си играм различни расположенија и атмосфери и сè уште сум фасцинирана од фактот дека музиката има моќ да ослободи толку многу енергија и забава.“, пишува за себе Tama Sumo на нејзината биографија на residentadvisor.net

Настапот кој ќе се случи во Епицентар на 23.11.2018 е во рамки на Telekom Electronic Beats, а билетите може да ги набавите преку мрежата на karti.com.mk и mktickets.mk по цена од 300 ден.