Зошто Untrue на Burial е најважниот електронски албум на овој век?

Каде ќе беше британската денс музика без албумот Untrue на Burial? Вториот албум на артистот од Јужен Лондон, Вилијам Емануел Беван (William Emanuel Bevan), објавен пред точно десет години за лејблот Hyperdub, веројатно направи повеќе за обликување на електронската музика од кој било друг запис во поновата историја, претставувајќи не само техники од новата продукција туку и прикажувајќи ја моќта за вкоренување на звукот во одредено време, расположение и место.

Колку и Untrue да влијаеше во деценијата по неговото издавање, звучното игралиште на албумот оддава почест на 1990-тите во домот на Беван во Јужен Лондон. Низ своите длабоки текстури и мутирани вокали, Untrue ја портретира темната страна на Лондон, дождовната метропола исполнета со осамени граѓани и долго заборавени клубови. Но, не е сѐ во несреќата и мракот. Низ сенките се провлекуваат и зраци на надеж, па дури и еуфорија. За да го цитирамe самиот автор, тоа се блесоци кои на крајот му го даваат на Untrue својот печат, на работ на просветлување и воздигнување.

„Сакам да креирам звуци кои наликуваат на просторите во Лондон, но и на просторите во некој клуб или во главата“, изјави Беван во 2006 година, во едно од неговите први интервјуа. „Клубот не е толку различен од седењето дома сам со слушалки.“

Burial е еден од најценетите продуценти на дабстепот надвор од сцената (дабстеп како некој вид трип-хоп оживување со призвук на даунтемпо драменбејс за оние кои се премногу зафатени да ги следат сите поджанрови), а не само затоа што неговата врамнотежена и мелодиска работа е совршена за претставување нови изведувачи на дабстеп звукот. Untrue е доказ дека дабстепот може да успее во формат на албум – револуционерен потег на сцената во која доминираат 12-инчни синглови.

Се работи за митска персона, долги години анонимен уметник, кој дури пред некоја година го откри својот идентитет. Untrue беше неговиот втор и последен целосен студиски албум, по првенецот Burial во 2006, а оттогаш издаде дузина мини албуми и EP изданија, меѓу кои и соработките со Four Tet, Massive Attack и Том Јорк од Radiohead. Само годинава објави три EP изданија – Subtemple и Rodent за гореспоменатиот лејбл Hyperdub и Pre Dawn/Indoors за Nonplus records.

Untrue претставува мутиран звучен мозаик од поспаните блокови на згради притиснати со магла, пусти паркинзи околу шопинг центрите, треперливото улично осветлување, мокрите улици, мрачните хаустори и валканоста на големиот град, колку и ѕвездените патувања од онаа страна на сонот и свеста.

Етеричните мелодии и синкопирани ритми од британската џунгла, сечканиот R&B амфетамин од двостепениот гараж и звукот на „Петтиот елемент” од продуцентите како Timbaland и Родни „Даркчајлд” Џеркинс (Rodney „Darkchild” Jerkins) се изедначени со тмурниот бран на теренски снимки. Единствениот сингл од албумот „Archangel” е совршена трокразија на влијанија – чуден поп-хит со наизменични димензии што се наоѓа во рамките на слабо осветлените „кавер” албуми.

Колку и да се трудиме да ја опишеме музиката на Burial нема да ни успее. Таа има возбудливо, мрачно, седативно и сосема зависничко дејство. Ноќна прошетка низ градот, а да не морате воопшто да излезете од дома. Саундтрак за потенцијален научно-фантастичен ноар филм.

Можеби тајната е во зачудувачкиот спој на емотивност, атмосферичност, урбана параноја и изолација. Burial ги транспонира уморните трип-хоп и џангл правци во XXI век – едноличната бит матрица и даб ритам на бас, преку кои разлиените вокални семплови во вид на искинати реченици лебдат во воздухот, звуци од радио станици кои се мешаат, арсенал на мешани шумови како крцкање на старите плочи и излепените ленти, пукање на огнот, врнење.

Електронската музика го кодифицира современиот човечки израз на начин на кој акустичната не може: таа влијае на тешкотиите и возбудувањата кои постојат само во сегашноста. Со Untrue, Burial успеа да побегне од искушението на декодирање на времето пред нас, наместо да се одлучи за користење на технологијата која му беше на располагање за да ги препакува сеќавањата под закана да ги остави. Скриен зад спектралната присутност на градот и бледите звуци од својата младост, Burial ја бараше длабоко личната приказна на безбрижниот Јужен Лондон во потрага по светлото. Светлото кое го пронајде набргу потоа стана и наше.

Иако албумот најдобро функционира во целина (редок квалитет во денешно време), преполн е и со индивидуални одлични траки: етеричните фрагменти во „In McDonalds”, „Endorphin”, „Dog Shelter” и „UK”, лишени од ритам со чудно пулсирачките клавијатури и лелекавите женски гласови во стилот на изданијата на 4AD, се сменуваат со побрзите песни, не дозволувајќи да се претопат во едно, давајќи му на албумот динамика, а истовремено одморајќи го слушателот.

Понекогаш вокалните фрагменти се така скроени што создаваат смислена наративна целина, како во потенцијалниот клупски хит „Archangel” или насловната „Untrue”, која се приближува на концептот на срцепарателна поп-песна, додека музичката матрица е набиена со атмосфера на надоаѓачка бура.

Овој видео-есеј, што е прв од ваков вид, ја раскажува приказната за Untrue, од софтверот и семпловите до нивното влијание на целата генерација продуценти. Мистеријата околу Burial значи дека постојат многу работи што веројатно никогаш нема да ги дознаеме. Но, тоа е делот од она што го прави Untrue толку култно парче музика.