5 ствари кои нема да ги пропуштиме на јубилејниот Desonanz

Роденденско издание ќе се случува од 31 октомври (среда) до 4 ноември (недела) во просториите на Македонската филхармонија, Музејот на град Скопје, Отвореното графичко студио и клубот Epicentar.

Годинава публиката ќе има шанса да посведочи две легенди на мултимедијалната уметност како им даваат нова свежина на векови старите симфонии, да види масивна видео инсталација како го краси клупскиот подиум, премиерно да ги чуе новите проекти на некои од најголемите имиња на македонската музика и да ги одигра најновите берлински хитови во клуб со масивен саундсистем.

Неодамна имавме шанса организаторот Андреј Анчевски да ни ја најави програмата, а сега и детално ја разгледавме и за вас ги издвоивме нашите 5 омилени сегменти.

Dwr: „Record playing is the acknowledgment of multitudes of miniature earthquakes” во Македонска филхармонија
Среда (31 октомври)

Дали знаете дека еден од врвните аудиофилски грамофони кои постојат на оваа планета (околу 150 пати попрецизен од стандарден DJ грамофон) е комплетно дизајниран, проектиран, изграден во Македонија? Своето официјално претставување во јавноста, проектот Dwr ќе го има во просториите на Македонската филхармонија, пред почетокот на концертната програма.

Desonanz екипата ќе биде одговорна за музичкиот избор (строго 180- грамски винил), а во партнерство со Аудио Центар Болин специјално за оваа прилика е обезбеден високо-квалитетен аудиофилски систем.

http://www.desonanz.org/dwr/

Fennesz + Lillevan – Гала концерт во Македонската филхармонија
Среда (31 октомври) 20:30 часот

Christian Fennesz е познат во музичкиот свет по неговата техника и долгогодишна работа создавајќи композиции на крстопат меѓу класичната, амбиенталната и експерименталната музика. Често соработува со David Sylvian, Ryuichi Sakamoto, Sparklehorse, Mike Patton и Nine Inch Nails, но и со низа импресивни видео артисти, меѓу кои и видео пионерот Lillevan, со кој заедно во Македонската филхармонија ќе го изведат „Mahler Remixed”, односно нивните мултимедијални преработки на симфониите на Густав Малер.

Lillevan пак, е добро познат видео артист и пионер на визуелната естетика на денешната електронска музика. Неговото влијание е особено значајно во развојот на „дигиталната аналогија”, односно користење на современи компјутерски системи паралелно со стари телевизори, антени и VHS ленти кои даваат уникатен визуелен печат на секое негово дело.

https://en.wikipedia.org/wiki/Fennesz
http://www.fennesz.com/
http://www.lillevan.com/

 

Furfriend (live) во Епицентар
Петок (2 ноември)

Сирово, тензично техно и маскираните настапи во живо се главниот печат на Furfriend. Музиката на Furfriend може да се најде на некои од најголемите издавачки куќи на електронската музика (Killekill, BPitch Control, Perc Trax…)

Доколку сакате автентичен вкус на вистинска берлинска журка, ова е вечерта за вас.

https://www.residentadvisor.net/dj/furfriend
https://youtu.be/SE_Rxa-Ol4A

 

Sim Hutchins во Музеј на Град Скопје и Епицентар
Сабота (3 ноември)

Sim Hutchins е аудиовизуелен артист и продуцент од Есекс, Велика Британија. Користејќи низа уреди и „евтинa електроника”, неговиот стил има аутсајдерски пристап кон композицијата низ многу жанрови, насочувајќи го бескомпромисното визионистичко техно на Actress, пејзажните дронови на William Basinksi, космичкиот synthwork на Hieroglyphic Being и пристапот на Jandek за атонален експериментализам.

https://hutchinssimthetik.bandcamp.com/

 

Cummi Flu & Raz Ohara во Македонска филхармонија
Среда 31 октомври

Cummi Flu e најновата креативна персона на мултимедија-илузионистот Oliver Doerell. По потекло од Брисел, тој е движечка сила на голем дел од европската електро-акустична музика, вклучувајќи и голем дел на проекти со изразени џез и блуз влијанија. Cummi Flu продуцира несекојдневен звук, стремејќи се кон допир со примордијалниот аспект.

http://polychromesounds.com/portfolio/cummi-flu/
https://www.residentadvisor.net/dj/razohara