5 работи кои нема да ги пропуштиме на Cinedays 2018

Како и секогаш, така и оваа година, фестивалот организиран од страна на МКЦ, ќе ни презентира внимателна селекција од најквалитетните новитети од светскиот филмски свет. А покрај богатата филмска програма (повеќе од сто филмови), ќе имаме можност да проследиме и голем број на интересни концерти, предавања и работилници. Идејата на овогодинешниот Cinedays, воедно и објаснување зад неговото мото, е „Во вакво време на изгубени вредности да се понуди содржина што ќе го крепи духот и ќе ги прошири видиците“.

За Gabe Gurnsey, кој ќе настапи во рамки на фестивалот оваа сабота (10 ноември) во МКЦ, веќе зборувавме и искрено веруваме дека ќе биде еден од најважните концерти оваа година во Скопје, па со тоа повеќе од очигледно е дека нема да го пропуштиме. А во однос на останатиот дел од програмата, додека Cinedays упорно ги тестира нашите способности за клонирање, добро ја проучивме и направивме селекција од 5 евенти кои ви ги препорачуваме.

Настап на Noga Erez, „израелската Princess Nokia“

8 ноември, 22.30 // МКЦ

Билети: 250 денари во продажба преку продажната мрежа на MkTickets или на Билетарница на МКЦ

Официјалното отворање на музичката програма на Cinedays 2018 ќе биде одбележано со концертот на Noga Erez, која искрено би ја опишале како – израелската Princess Nokia. Како предгрупа на Noga ќе настапи Matej Foltz, нов млад македонски хип хоп артист за кој веќе еднаш зборувавме.

Noga Erez доаѓа од Тел Авив, Израел. Музиката што ја создава заедно со нејзиниот партнер и музички соработник, Ori Rousso, истражува голем број од пофизичките и подинамични елементи на електронската музика, но исто така опфаќа и еден необичен сензибилитет што ја прави една од највозбудливите и најкарактеристични изведувачи од нејзиното поднебје.

Црпејќи инспирација од Bjork, M.I.A, FKA Twigs, Flying Lotus, Kendrick Lamar, Frank Ocean… грубите текстури и моќната атмосфера создадени со нејзините синтисајзери храбро ги пречекоруваат музичките жанрови, дополнително поттикнати од околината во којашто израснала.

 

Проекција на „Isle of Dogs“, најновиот филм на Wes Anderson

9 ноември во 20.00 часот и 10 ноември во 17.30 часот // Кино Милениум

Се чини дека Wes Anderson станува сè подобар, а со тоа и „Isle of Dogs“ веруваме дека е неговиот најдобар филм досега. Накратко, приказната на филмот (кој неверојатно добро изгледа естетски), се одвива во блиска иднина, во фиктивниот јапонски град Megasaki. Таму, поради наводна опасност од ширење на „кучешки вирус“, градоначалникот ги истерува сите кучиња и ги транспортира на апокалиптична остров-депонија, која наликува на светот од Wall-E.

Филмот предупредува на оддалечувањето на човекот од природата, на опасностите на политичката хистерија, ја истакнува никогаш-досадната моќ на љубовта и лојалноста, и сето тоа го сместува во прекрасна јапонска архитектура прелиена во некои од најубавите бои кои некогаш си ги видел.

Проекција на „The House That Jack Built“ на Lars von Trier

11 ноември во 22.30 часот и 12 ноември во 17.30 часот // Кино Милениум


Не е Cinedays без Lars von Trier. А оваа година ќе имаме можност да го погледнеме неговиот последен филм,The House That Jack Built“, кој ја следи приказната на американски сериски убиец од 70-тите. Како што се ближи неизбежната полициска интервенција, Jack зема сѐ поголеми ризици во неговиот обид да го создаде врвното „уметничко дело“. „The House That Jack Built“ е мрачна приказна, која сепак е пренесена преку една филозофска и повремено хумористична сторија.

Проекција на „Blackkklansman“, најновиот проект на Spike Lee

15 ноември во 20.00 часот и 16 ноември во 17.30 часот // Кино Милениум

Blackkklansman е најновото филмско остварување на легендарниот американски режисер, Spike Lee, кој ја разработува темата на Кју-Клукс-Кланот (ККК) и неговото влијание во раните 80-ти години на минатиот век во Америка.

Филмот ја следи приказната на Ron Stallworth, првиот детектив афроамериканец во полицискиот оддел во Колорадо Спрингс. Решен да изгради име за себе, Stallworth храбро тргнува во опасна мисија: да се инфилтрира и да го разоткрие Кју-Клукс-Кланот. Младиот детектив наскоро регрутира посоодветен колега, Flip Zimermman, во најважната тајна истрага.

Настап на американското експериментално хип хоп дуо, Shabazz Palaces

17 ноември, 23.00 часот // МКЦ

Билети: 250 денари во продажба преку продажната мрежа на MkTickets или на Билетарница МКЦ


За прв пат кај нас ќе се случинастап на американското експериментално хип хоп дуо, Shabazz Palaces. Shabazz Palaces зад себе имаат 5 студиски албуми и многу издадени EP’s, дел се од Black Constellation (група на уметници) и имаат соработувано со големи (не само) музички имиња од типот на Thundercat, Flying Lotus и KENZO.