M.E.S.H. – Hesaitix (4.6)

„Иднината е веќе тука – само што не е подеднакво дистрибуирана.“ Ова е изјава на Вилијам Гибсон (William Gibson), родоначалникот на научно-фантастичниот поджанр на киберпанкот (воедно и творецот на терминот „киберпростор“). Со голема доза на сигурност можеме да тврдиме дека Џејмс Випл (James Whipple), вистинското име на музичарот кој стои зад псевдонимот M.E.S.H., бил свесен за оваа изјава кога го создавал својот албум-првенец Piteous Gate. Впрочем, неговото име доаѓа од познатата СФ тетралогија на писателот Џин Вулф (Gene Wolfe), Книгата за новото Сонце (The Book of the New Sun). Преполн со сонични алузии за една технократска, мрачна, отуѓувачка дистопија, која временски не се оцртува некаде далеку на смогосаниот хоризонт, туку е тука, непосредно и тактилно присутна, албумот претставуваше болно потсетување дека иднината навистина веќе ја живееме. Како ја чувствуваме и живееме и како таа влијае врз нас зависи од нашата географска местоположба. Доколку сме во Холивуд, Дубаи, Сингапур или Скандинавија, шансите се дека таа „сегашна“ иднина врз нас делува благопријатно – безмалку како зародиш на онаа иднина која е претставена во серијалот филмови Ѕвездени патеки (Star Trek), во кои човечкиот род успеал да создаде планетарна благосостојба, па сега има време целосно да се посвети на истражувањето на Космосот. Меѓутоа, доколку живееме во Сирија, Северна Кореја, Туркменистан, Иран или Македонија, голема е веројатноста дека дистопијата веќе не треба да ја бараме во нејзините филмувани репрезентации; доволно е да го отвориме прозорецот, да вдишеме длабоко и ќе го осетиме нејзиниот мирис и вкус.

Вторава варијанта на „сегашната“ иднина стои зад аудитивните интереси на M.E.S.H. За потребите на звучната архитектоника на својот прв албум, Џејмс Випл создал голема архива на семплувани теренски снимки од Јутјуб. Како примарен извор користел снимки од дистопијата на Украинската револуција од 2013 година, а како апологија на својот пристап кон создавањето музика изјавил дека себеси се гледа како „приемник на постојаната информациска преоптовареност“. Или, со други зборови, како своевидна сателитска чинија, нагодена да ги прима звучните сигнали од дистописката сегашност, да ги меле низ миксерот на пост-дабстепот и експерименталниот бас, за потоа повторно да ги враќа назад како музичка репрезентација на еден потиштен амбиент.

Така беше пред две години. Што се случува на Hesaitix, вториот албум на M.E.S.H.? Во основа, сето погоре наведено (сфатено како некаква сонично-идеолошка база) важи и во овој случај. Разликите во финеси помеѓу двата албума можеме да ги воочиме на тој начин што ќе се повикаме на изјавата на Ден Денорч (Dan DeNorch), основачот на берлинскиот клуб Janus (своевремено дом на диџеи како M.E.S.H., Lotic и Kablam): „Ние трагаме по звук кој не постои!“ Има една специфична карактеристика за предводниците на новиот експериментален бран во пост-дабстеп и бас звукот, а тоа е играњето со потенцијалите на тишината, сфатена како составен дел од музиката и пошироко, од звучниот амбиент. M.E.S.H. ја има согледано таа порака која потекнува уште од творештвото на Џон Кејџ (John Cage), Тери Рајли (Terry Riley), Steve Reich (Стив Рајх) и Мајлс Дејвис (Miles Davis), а денес се манифестира кај разнородни музичари, како што се, на пример, Вилијам Басински (William Basinski), Logos, The Necks и многу други. Имено, еве што вели самиот Џејмс Випл, обидувајќи се да го објасни (колку што е можно) звукот по кој трагал на новиот албум:

Hesaitix претставува вознемирувачка инјекција во социјалниот простор на клупската музика и во внатрешниот простор на дигиталната аудио фантазија. Како станав толку глупав? Звукот може истовремено да биде и аморфен и премногу детализиран, како рака на мекотел која го црта животот. Кој посредник може да ги поттурне овие прекршени звуци во движење? Застрашувачко смеење зад завесата која го крие злото; опуштен и гротескен тапанар; оган под полна месечина.

Да, тишината, онаа безвремена основа врз која се пластат звуците како некаков палимпсест, го претставува подзаборавениот темел, врз кој се таложат сите благопријатни звуци кои ги идентификуваме како музика или звучни скулптури. Најуспешните музичари знаат како да ја негуваат тишината и врз неа да ги нафрлаат сите оние шрапнели, семплови, тонови, бучави и „што-и-да-е“, кои градат еден музички албум. Се разбира, тоа не значи дека тишината-претворена-во-музика мора да е нежна, ниту, пак, дека Hesaitix е тивок албум, иако почнува („Nemorum Incola“) и завршува („Ihnaemiauimx“) на таков начин. Тоа само значи дека потрагата на M.E.S.H. по „звукот кој не постои“ го однела отаде дистописката сегашност на Piteous Gate, во дигиталната аудио фантазија, во која деконструираната клупска музика ги доживува своите перкусивни бомбастични триумфи, какви што се, на пример, „Mimic“ или „Search. Reveal.“.

Пред 10 години Burial создаде култ околу својата личност и музика, озвучувајќи ги дождливите, мрачни улици на јужен Лондон, низ кои талка безимениот преморен рејвер по целовечерното журкање, прашувајќи се која е смислата на тој забревтан клупски биоритам, откако дејството на психостимулансите ќе спласне. Тие маргини на метрополисот, во неговиот звучен пејзаж, станаа џангл 2.0 (благодарност до Никола Бурагев за оваа прекрасна категоризација), урбана амбиентална музика, набиена со меланхолија. А сепак, и покрај тоа, музиката на Burial на неговиот последен албум Untrue, благодарение на нагласеното користење на деформирани соул вокали и на празнотијата на тишината која тој ја користи како контрапункт на немилосрдниот 4/4 клупски бас звук, нуди некаква надеж (спасение) на крајот на тунелот. Доколку таа „празнотија“ на звукот, која чека да биде ископана под напластените шумови, крцкања и мрачни текстури, се препознае, тогаш заморениот, средовечен рејвер веројатно ќе го пронајде мирот во својата дневна соба; ноќните журки веќе нема да го привлекуваат неговиот порив за музика, кој сега бара поинакви модуси за задоволување.

Во тој поглед, Hesaitix на M.E.S.H. се надоврзува како своевидно продолжение на последниот албум на Burial, но со свој автентичен „твист“. На Hesaitix тишината првенствено се користи како затишје пред бура: таа асоцира на сонот во кој само потсвеста може да ги дисторзира информациите на кои секојдневно сме изложени. Во сонот тишината владее (веројатно затоа амбиенталниот дрон на „Nemorum Incola“ го отвора албумот) и нè подготвува за бурата од звучни информации што претстои и која нè притиска од сите страни. Тој притисок е озвучен со композициите како „Mimic“, „2 Loop Trip“, „Search. Reveal.“, „Coercer“. И токму кога ќе помислите дека не постои бегство од информатичката бомба на Пол Вирилио (Paul Virilio), M.E.S.H. ги вметнува успокојувачките „Blured Cicada I“ и „Blured Cicada II“, за да ја „спушти топката“. Триумфот настапува со заклучната „Ihnaemiauimx“, во која звукот на милозливите акустични жичани инструменти повторно ја влева онаа надеж, препознатлива само за музичари кои знаат да создадат оптимален баланс помеѓу тишината и бучавата, мирот и неспокојот, смиреноста и френетичноста, со кои се карактеризира современиот вмрежен живот. Конечно, тоа е дијалектиката на звукот/тишината, која прави албумите како Untrue и Hesaitix да делуваат толку моќно.

Преслушајте го Hesaitix: