Meat Beat Manifesto – Impossible Star (3.4) - Electronic Beats Macedonia

Meat Beat Manifesto – Impossible Star (3.4)

Издавач: MBM Records
19 јануари 2018 година
Жанр: глич егзотика, пост-индастриал, електронска музика за луѓе во години

Секоја објава на ново издание потпишано од некој од припадниците на „златната генерација“ на современата електроника е настан што заслужува внимание. Уште повеќе, кога албумот доаѓа по пауза од цели осум години, возбудата експоненцијално се зголемува и ги подига очекувањата до нереални височини. Во случајот на Meat Beat Manifesto, еден од најоригиналните проекти во историјата на електронската музика, сосема е оправдано да се очекува уште едно издание кое ќе ги помести границите на имагинацијата, ќе ги избрише постојните граници меѓу жанровите, ќе дефинира најмалку уште два нови музички правци и убедливо ќе продолжи на местото на кое застана претходникот Answers Come in Dreams, издаден пред цели осум години.

За жал, големите очекувања многу често водат кон уште поголеми разочарувања. Ова тврдење делумно се потврдува и по преслушувањето на Impossible Star. Новиот материјал на Џек Дејнџерс (Jack Dangers) никако не се вклопува во сликата за него како непоколеблив визионер, уметник кој не се плаши да експериментира и со своите албуми да ги предизвика, збуни, а не ретко и да ги вознемири слушателите. На овој албум, тој делува конфузно и се движи несигурно, постојано осцилирајќи помеѓу генијално и здодевно.

Параноичниот почеток на албумот со „One“ звучи како одлична најава дека ќе следува уште едно Meat Beat Manifesto ремек-дело, но, за жал, по него следува стилската вежба во elevator music шеговито наречена „Bass Playa“. Сличен сензибилитет преовладува во „We Are Surrounded“ и во насловната песна, а ваквата „духовитост“ на Дејнџерс ја достигнува кулминацијата во „T.M.I.“, песна што опасно се доближува до актуелните yacht-rock/smooth-jazz преокупации на Thundercat.

Сепак, на Impossible Star не е сè толку лошо. Суптилно агресивната „Unique Boutique“, техно обоената „Nocebo“ и епското 15-минутно чудовиште од песна „Lurker“, ја враќаат надежта дека Дејнџерс не ја изгубил во целост способноста за креирање инвентивна музика. За тоа во извесна мерка сведочат и амбиенталното парче „Liquidators“, пост-брејкбит екпериментот „Nereus Rov“ и апокалиптичната „Rejector“.

Непосредно пред објавувањето на Impossible Star, авторот самоуверено изјави дека албумот е инспириран од параноичната, надреална политичка и културна клима и дека претставува ешеровска оптичка илузија која врти во спирала без почеток и крај. Читајќи ја ваквата најава, најмалку што би очекувале да слушнеме е издание кое претставува остра критика на општествените текови и сонична рамка за преживување во морето од лажни вести. За волја на вистината, Дејнџерс загатнува некои од овие теми на албумот, некогаш преку мудра употреба на семплови („We Are Surrounded“), а во други случаи со вокодер вокал („T.M.I.“), но конечниот впечаток останува – Meat Beat Manifesto никогаш не звучеле толку уморно и предвидливо.

Можеме само да претпоставуваме на што се должи оваа креативна криза на Џек Дејнџерс. Дали се работи за комплетна разочараност од состојбите во општеството (вклучително и во музичката индустрија) или едноставно сфатил дека е предолго отсутен од сцената, па објавил колекција од половично завршени снимки што се натрупувале изминативе години? Без оглед на тоа кои се причините за вакво невпечатливо издание, едноставно не постои оправдување за неговото објавување и расипување на беспрекорната низа од исклучителни албуми. Далеку од тоа дека Impossible Star е лош албум, но кога се работи за Meat Beat Manifesto критериумите се поставени прилично високо, а фановите очекуваат ремек-дело насочено кон иднината, наместо рутинско преџвакување на она што веќе го слушнале.

Тука можете да го преслушате Impossible Star и да го нарачате во различни формати.