Илина Ангеловска: „Имам опасна болест, а тоа е дека постојано сум гладна за нова музика“

Старите се обично досадни и тотално uncool. Но што да се прави кога возрасните се cool? Одговорот е едноставен – внимателно да се внимава што и како работат, како изгледаат, што зборуваат. Не попусто се cool половина век.

Пример за оваа недела: Илина Ангеловска. Сценограф/костимограф, филмски/театарски работник. Секогаш дотерана, убава и паметна. Музички фрик и диск џокеј… Винил фетишист, со настап на втората Скопска винил конвенција овој викенд во МКЦ.

Драга Илина, кога те видов прв пат беше мало очерупано панк топче. Си реков девојчево да го пројдеш со 2-3 води, да го исчешлаш може топ да биде. Во меѓувреме се трансформираше во прилично стајлиш урбана атракција, редовно видена по актуелните скопски локали, театри, филмски сетови… Колку плочите (музиката) влијаеа на твојот естетски и општо културолошки развој?

Хахахах… уживаш да ја раскажуваш оваа анегдота за мене :))) Вистина е дека некаде на 14-15 години бев бунтовно панкерче со фризура во форма на боцки, со искинати блузи со цртежи во туш (шаблони кои сама ги правев), војнички чизми и безопасни во ушите. Беше тоа една фаза на моден и музички тренд низ која поминував како тинејџер. Факт е дека во почетокот на 90-ите во Скопје немаше многу опции ако сакаш некако да се идентификуваш. Можеше да бидеш или панкер или металец или шминкер.

Мене тогаш панкот му звучеше као најкул андерграунд опција. Ми се свиѓаше енергијата која ја носеше таа музика, а ме привлекуваа и влијанијата од лондонската сцена, модата на Вивиен Вествуд која и ден денес е еден од моите омилени дизајнери. Уште тогаш пасионирано купував плочи, кои беа главниот носач на звук. Некогаш плочите ги набавував од некои постари градски фаци кои ги продаваа своите колекции, па така дојдов и до некои страшно ретки изданија кои сѐ уште ги чувам.

Во тие години во Скопје имаше високи критериуми ако сакаш да бидеш кул фаца во градот. На пример, кул фаца си ако имаш што повеќе плочи кој никој друг ги нема, ако слушаш 103-ка, ако имаш прочитано што повеќе книги, ако имаш гледано што повеќе култни филмови, ако си елоквентен, ако знаеш да разговараш за уметност, ако посетуваш редовно изложби, фестивали и други културни и градски настани. Денес овие параметри се речиси изгубени.

Кај мене музиката беше и сѐ уште е есенцијален дел од мојот комплетен развој како личност и она што сум денес. Музиката пред сѐ те поврзува и идентификува со одредена група на луѓе кои размислуваат исто или слично како тебе, имаат слични ставови и погледи кон светот. Музиката ти отвора нови видици, врати во перцепцијата и може да те воздигне до чувство на катарза како ниедна друга од постоечките уметности. Мојот дедо, кој беше скулптор, вајар, во една прилика ми има кажано дека музиката е кралица на сите уметности бидејки може најдлабоко да допре и да ја возбуди човечката душа.

Винилот е die hard глобална појава. Ти купуваше плочи уште во Југославија, па продолжи неконтролирано да ја трошиш заработката и за време на волшебната техно винил ера. Актуелно е ново повампирување на винилот, се чини не си имуна. Пак трошиш. Како се снаоѓаше во разни периоди за пари за плочи. Скапи се. Што си викаш кога ќе лупнеш 2000 денари за нешто што веќе го имаш во компјутер?

Кога бев дете, дома во дневната соба имавме нов, убав, современ за тоа време, Sony грамофон. Имавме и солидна колекција на плочи, благодарение на мајка ми, па слушањето музика беше редовна занимација по дома. Некаде на 10-11 години почнав сама да одам во Југотон да си ги набавувам своите омилени албуми. Најфрустрирачки беше периодот во транзицијата пред појавата на MP3 ерата, кога нарачувавме плочи преку пријатели кои одеа во странство или преку интернет.

Ги плаќаш дупло поскапо па ги чекаш по цел месец и повеќе да стигнат. Тоа беше страшна фрустрација. Јас имам опасна болест, а тоа е дека постојано сум гладна за нова музика. Немам трпение да ги чекам по цел месец да стигнат песните кои во моментот ми се хит. Така што MP3 револуцијата за мене беше спас. Конечно можам да дојдам до нова музика во исто време како било кој диџеј од Лондон, Берлин или Њујорк. За мене тоа е dream come true.

Ок, признавам дека постои одреден фетиш во поседувањето на музичко издание на винил. Иако пуштам музика дигитално, преку контролер, не ретко ми се случува да си нарачам некое издание на винил од интернет за кое ќе намирисам дека ќе биде од оние кои ќе останат актуелни засекогаш. Сметам дека е глупаво да фрлаш пари на хаус и техно музика која е во тренд во моментот, за после неколку години тие плочи да не вредат ништо. Дома имам еден куп плочи со хаус и техно музика од пред 10-15 години кои тогаш важеле за големи хитови, а сега звучат бајато и тривијално. Преферирам да купувам албуми кои се повеќе за слушање дома или класици од 80-тите или 90-тите кои го поминале тестот на времето.


Доаѓаш од славна актерска, режисерска, театарско-филмска фамилија. Коле ти е чичко, а Дади Ангеловски татко. Професионално си сценограф/костимограф и доста си букирана. Сепак ладно имаш и диџеј кариера, би рекол во баланс со основната. Имаш ли време да седнеш дома на раат да си пуштиш плоча за себе? И што си пушташ по дома?

Реално, со години се борам да одржам баланс меѓу кариерата и страста (музиката). Вистината е дека си најдобар кога комплетно стопроцентно ќе се посветиш на една работа. Јас еве повеќе од 15 години се обидувам да балансирам меѓу театарот, филмот и музиката. Факт е дека кога ќе се концентрираш на едното, другото пати. И така, over and over again… Хахахахах!

Не знам, ама мислам дека не можам ни без театарот/филмот, ниту без музиката. Ако се откажам од истражувањето и пуштањето музика едноставно не би била истата личност. Работата како Диџеј и пуштањето музика бара континуитет и бара секогаш да бидеш свеж, интересен и еден чекор пред другите (барем јас тоа така го сфаќам) и припремата на моите сетови ми одзема страшно многу време.

Порано знаев да поминувам по 8-10 часа дневно во преслушување и симнување на нова музика. Во последниве години сум сè повеќе зафатена со мојата филмска и театарска работа, така што единствено ми останува време во доцните вечерни часови да прегледам што ново е излезено во океанот на нови музички изданија. Ужасно ретки се моментите кога слушам по дома музика for pure pleasure, а обично тоа се изданија кои немаат врска со музиката што ја пуштам, може да е некоја современа класика или beatless електроника.

Кога имаш винил диџеј сет некаде, сама си ги носиш плочите? 30 кила една торба плочи + 12,5 еден грамофон. Го проколнуваш ли мигот што си винил диџеј?

За жал после 15 години диџејска кариера, за мене ништо не е сменето. Кога пуштав музика на плочи, секогаш се трудев да понесам што е можно повеќе музика, па така, торбата на грб секогаш ме влечеше кон земјината тежа! :))) Тоа изгледаше ужасно смешно и симпатично во исто време.

Но моите пријатели и ментори од Лондон, Џони и Холи, своевремено ми велеа: Не си Диџеј ако сама не си ги носиш плочите! И така, јас ќе стиснев заби и ќе си ја кренев торбата од 20+ кг. Денес, контролерот и куферот што го носам со себе ја има истата тежина, така што, ништо не е сменето. Поентата ми е дека ОК е пасијата за плочи. Ја ценам и ја разбирам. Но, на крајот на денот, ако си диџеј, битно е она што излегува од звучниците кон подиумот, битна е музиката што ја пушташ и тоа е она што ќе ја одведе публиката во друга димензија, а не медиумот или носачот на звук.