Feed/Culture

Архитектонската приказна на Скопје низ фотографиите на Васе Аманито

Живееме во него и веројатно токму затоа ретко вистински го гледаме. Скопје има многу нераскажани архитектонски приказни и објекти, неми споменици на разни култури и естетики.

Васе Аманито е визуелен уметник кој веќе го документира токму ова архитектонско Скопје. За себе вели дека е голем вљубеник во форми и структури, па оттаму архитектонската фотографија му е во главен фокус. Тој е дел од повеќе проекти поврзани со главниот град, како „Скопски вертикали“, „Модернистичката мапа на Скопје“ за Blue Crow Media од Англија, „Архитектурата на Југославија” во МоМА и Звуците на Скопје“, проект во соработка со композиторот Ристо Солунчев кој е дел од годинешниот Скопски џез фестивал.

Последниве години, делумно и како контратежа на Скопје 2014, се ре-откриваше и популаризираше модернистичката скопска архитектура. Но она што нам ни остави особен впечаток во фотографиите на Васе е што предочуваат архитектонско наследство и од некои други времиња, пред „брутализмот“.

„Како целина архитектурата во Скопје е прилично интересна за набљудување, тргнувајќи од пред земјотресно Скопје, потоа експлозијата на модернизам по 63-тата, па сѐ до Скопје 2014. Особено фасцинантно е што сево ова се наоѓа на 10км растојание.“, вели авторот за богатата архитектура на главниот град, за која имаме малку познавање и официјални податоци.

Токму овој недостаток на информации и соодветна популаризација на културното наследство претставува дополнителен мотив за Васе да продолжи со фотографскиот проект. А емоциите кои ги будат фотографиите кај гледачите кои секојдневно живеат или живееле околу тие објекти му се особена награда за трудот.

Направивме селекција од 10 негови фотографии на кои се прикажни (помалку)познати скопски објекти, создавани во различни периоди и стилови. Се надеваме дека изборот ќе ви помогне со свежи очи да го видите Скопје и да почнете да го откривате непознатото во познатиот урбан пејсаж.

 

Палата „Рубен“, Скопје (1927), Иван Артемушкин

Хотел „Јадран“ (Арапска куќа), Скопје (1938), Иван Артемушкин

Зграда „Ибни Пајко“, Скопје (1938), Глигорие Томиќ

„Блок Москва“, Скопје (1969), Вера Косевска, Љубинка Миленкова

Средно училиште „Др. Панче Караѓозов“, Скопје (1970), Скопје

Дом за ученици „Здравко Цветковски“, Скоје (1971), Симеон Симовски

Македонска опера и балет, Скопје (1972-81), Биро 77 (Štefan Kacin, Yuri Princes, Bogdan Splinder, Marijan Uršič)

Зграда Алкалоид, Скопје (1974), Александар Серафимовски

Македонска академија на науките и уметностите, Скопје (1976), Борис Ципан

Модернистички дизајн на урбана опрема (клупи), Аеродром, Скопје, рани ’80-ти