Зад диџеј пултот со Бојан Јанев (SoulCase)

Words by Божидар Христов (Ulterior)
Photos by Марија Величкова

Сите диџеи имаат свој уникатен начин на составување листа на музика која може да ја пуштат на една забава.

Многу фактори влијаат на изборот на песните што ќе се понесат на една забава: местото на случување, тип на публика, други диџеи кои настапуваат таа вечер, озвучувањето…

А покрај сите тие надворешни фактори, сепак диџејот е оној кој ја насочува забавата во правец во кој одредил дека е соодветен. Сето ова е овозможено преку селекцијата на музика која е припремена за таа вечер. Оваа рубрика има цел да дознае повеќе за тоа како диџеите се припремаат за магичната вечер.

Што е тоа што е уникатно кај нив во овој процес? Овој пат разговаравме со Бојан Јанев (Soulcase) со цел да дознаеме повеќе за неговиот пристап кон селекција на музика и составување на еден диџеј сет.

 

 

Колку време ти е потребно за да спремиш диџеј сет за твоите настапи?

Во суштина, речиси секојдневно работам на збогатување на мојата музичка колекција. Вежбам и индиректно се припремам за да бидам подготвен и за во случај кога спонтано ќе се појави некој поголем настап пред кој што не би имал време за посебни припреми.

Под „посебни припреми“ подразбирам селектирање помал број на траки (500-1000) и групирање на истите по жанр, темпо, енергија и слично, за да за време на настапот целата работа тече полесно и побрзо. Не сум фан на припремање сетови трака по трака (освен во случај на снимање микс), бидејќи сметам дека есенцијално е да се оцени атмосферата во една просторија и врз основа на тоа да се прилагоди музиката.

 

Колкав процент од музиката која ја имаш во лаптоп или на винил искористуваш кога настапуваш за прв пат пред нова публика која не те познава?

Гледам процентот да биде што е можно поголем бидејќи не сакам да се ставам во ситуација да и здосадам на публиката, а пред сè на самиот себе. Од друга страна, зависи и од тоа колку време сум имал периодот пред еден настап за истражување нова музика која што би можела да се вклопи во таква атмосфера. Но сепак, постојат траки кои што некој период ми стојат во поширока ротација, бидејќи ме заразиле или затоа што сметам дека се секогаш успешни на подиум.

 

 

Опиши го накратко процесот на откривање на нова музика. Од кои и какви извори пронаоѓаш нова музика?

Процесот е буквално – седнување пред компјутер, кај мене лично најчесто во вечерните часови, и преслушување на стотици песни, од кои на крајот ќе селектирам само мал број кои понатаму ќе се најдат во мојата колекција.

Омилен начин за откривање нова музика ми е класичното одење во продавница за плочи, но за жал, тоа се случува само неколку пати годишно кога патувам во странство. На тој начин секогаш наоѓам нешто ново и досега непознато.

Додека сум во Скопје, најголем извор за откривање нова музика ми се платформи како bandcamp и beatport, youtube, soundcloud, различни facebook групи, како и онлајн продавници за винили од каде што во зависност од тоа колку ми дозволува буџетот во моментот, нарачувам плочи, покрај, најчесто крајно неповолните цени за поштарина и царина, која според мене нема никаква логика бидејќи во државава немаме продавница за плочи која што е ориентирана кон електронска музика. Кој домашен бизнис се штити од „конкуренција“ од странство кога немаме нешто ни приближно слично во Македонија?

 

 

Како се приспособуваш кога пушташ на забава со диџеј кој има различен стил од твојот?

Најпрво би истражил стилски во кој правец се движи тој/таа и врз основа на тоа би направил одредени модификации во мојата селекција. Стилски, сепак премногу не би се менувал и сметам дека секој треба да си се држи до сопственото, бидејќи диверзитетот ја прави сцената и диџеите интересни. Исто така во голема мера зависи од тоа дали пуштам пред, после или заедно со друг/други диџеи.

 

Која е според тебе идеалната забава?

Добро озвучување и најважно од сè, позитивна, отворена и искрена енергија на подиум. Ништо повеќе! Океј, и добри услови за диџејот (монитори, стабилен и доволно голем ДЏ пулт, итн.) не се на одмет.

 

Што правиш кога сакаш една забава да ја доведеш до нејзиниот максимум?

Секојдневно инвестирам повеќе часови во слушање и истражување музика од различни правци. Целта ми е да сум разновиден и еклектичен и де факто наоѓам симпатии во голем број на музички жанрови. Мислам дека тоа е само плус, а знае да искочи во пресрет поготово кога човек не е запознаен со условите и публиката на една забава.

Се трудам колку што е можно повеќе да обрнам внимание кон публиката и брзо да створам конекција со истата, за преку тоа мојата музичка селекција се совпадне со нивото на енергија, расположението и нивните емоции. Секој настап давам 100% од себе, а и надвор од тие неколку часа неделно, скоро целото слободно време безусловно го посветувам на музика.

 

 

Наброј неколку траки кои планираш да ги пуштиш во следниот диџеј сет и кажи ни што ја прави секоја од овие песни посебна?

Ме зарази уште на прво слушање. Ексцентрична, стара школа – итало вајб, прљава, заразна бас линија, „crunchy” снер… Трака која дефинитивно ќе ми остане во ротација наредниов период. Најчесто ја пуштам малку забрзана.

 

Трака за која што очекував да е издадена во период 1989-1992, а всушност е од годинава. Добар знак, од старт. Топол бас, класични хаус мелодии, прости, но добро испрограмирани драмови. Целиот пакет едноставно за мене е перфектен. Вака треба да звучи хаус музика.

 

Две години бев во потрага по ова ремек дело и годинава во октомври конечно беше реиздадена на „Rush Hour”. Инстантно ми носи насмевка на лице. Не знам дали има подобар знак од тоа 🙂

 

Не знам ни дали е потребен коментар. Трака која што ќе ја пуштам и слушам до крајот на мојот живот. Ме поврзува со многу сеќавања. Емоции до бескрај. Измислена за магични моменти на изгрејсонце.