Магија и музика: Дру Мекдауел, член на бендот „Coil“ го објаснува ритуалот и креативниот процес

Words by Тимот на TEB

Во последните десет години, соседството околу Бедфорд Л метрото во Бруклин е систематски повторно изградено и населено, претежно од помладата генерација. Во целиот тој хаос од нови градежни објекти, занаетчиски продавници и екстравагантни ресторани, постојат неколку оригинални катчиња коишто останале недопрени. Станот на Дру Мекдауел е еден од нив. Во добро осветленото и просторно станче во поткровјето на зградата на Авенијата Кент, се наоѓа студиото и собите во кои престојува овој музичар заедно со неговите три посвоени мачки. Овој уметник живее во Њујорк веќе дваесет години, одлука што ја направил со фрлање паричка дали да се пресели од родното место во Шкотска или пак да живее на западниот или источниот брег.

Неговата дневна соба, како и неговата музика, е преполна со ракотворби коишто се одраз на неговите водечки филозофии: големи црно-бели слики со имиња на халуциногени дроги, радикална окултна и анархистичка литература и цел куп плочи од светот на андерграунд електроника, метал музика и бучава.

Ваквиот декоративен дизајн не е изненадување; Мекдауел е познат член на еден револуционерен и прилично контроверзен британски бенд „Coil“. После речиси подолго од цела деценија од нивното распаѓање во 2004 година – откако нивниот главен вокал и текстописец Џон Баланс трагично почина откако падна од прозорец на втор кат – Мекдауел започна да се занимава со самостојни продукции. Неговата неодамнешна работа надвор од бендот, налик на онаа на неговите експериментални претходници, е несомнено посветена на истражувањето на границите на свесниот ум. Не е поинаков и неговиот последен албум „The Third Helix“ во издание на „Dais Records“. Во него има моќни дрон техники, коишто потсетуваат на неговата реинкарнација на „Time Machines“ од „Coil“, коишто прават слушателот да навлезе во граничниот простор помеѓу реалноста и духовната халуциногена необичност.

„Овој вид на музика е нешто што постојано се провлекува низ целата моја работа“, вели тој пиејќи го своето трето кафе – нешто што тој обожава да го прави додека муабети. „Навистина не знам зошто е тоа така, но се чини како постојано да ме влече, уште од првиот пат кога почнав да експериментирам со музика и со лупови од музички ленти кога имав 16-ина години, па потоа додека бев во „Coil“ и сега со ова.“

Photo by Seze

Обожавателите на култот „Coil“ знаат дека бендот, чии членови честопати се менуваа низ повеќе од дваесет години од неговото постоење, има длабоко вкоренети окултни доктрини и практики коишто се пренесуваа од Алистер Кроули, Вилијам Бероуз и Брион Гисин. Групата исто така беше поборник за Остин Осман Спер, сликар и окултист на кој Мекдауел му оддава почит на начин на кој неговите дела имаат влијание врз неговата работа на едно имплицитно ниво. „Целиот негов концепт на „ниту ова-ниту она“- состојба на „потполна ништожност“ на свесниот ум, што исто така е главен концепт на Будизмот, јогата и тантричките практики – е нешто што е многу моќно. Тоа е практикување на размислувањето за неспоиви, спротивставени замисли.” Една од целите на уметничката практика, задоена од филозофиите како онаа на Спер, е на композициите, изведбите и продукциите повеќе да се гледа како на духовни алатки, отколку како на музички дела.

Соработката со „Coil“ – како и самостојната работа на Мекдауел – беше и сѐ уште е длабоко втемелена врз слична литературна и уметничка техника наречена метод на сечење и спојување на текст (cut-up), кој потекнува од периодот на Дадаизмот и кој станал популарен во 1960-ите години од минатиот век благодарение на Бероуз. Оваа техника вклучува сечење на потполно линеарен текст или слика на повеќе делови. Ваквото распоредување на овие посебни оригинални елементи дава ново, моќно и неочекувано значење коешто е прикриено во првичната верзија на еден текст, фотографија, музичко дело или слика.

„Методот на сечење и спојување е основа за повеќето луѓе коишто  доаѓаат од она што се нарекува „индастријал“, објасни Мекдауел. „Постои една фраза што ја користел Бероуз… „Колку случајноста е случајна?“ Идејата е дека можеш да направиш нешто, а од него да произлезе нешто ново. Тоа е навистина моќно. Може да предизвика и ненадеен шок ако тоа навистина излезе добро и Ве остави збунети како „Еј, што се случува?“ За мене, тој е сѐ уште еден од моите најомилени методи за креирање и работење.“ Несомнено е присуството на овој метод во „The Third Helix“. Самите композиции се набиени со грануларна синтеза, метод на продукција што ги крши звучните бранови на мали зрнца што повторно се пренесуваат и организираат и на тој начин создаваат нови звуци. Мекдауел користел модуларни синтисајзери за фрагментирање и сечење на звукот низ целиот негов албум во „изненадувања од резултатот“.

Photo by Seze

Во правилата за работа на Мекдауел е вклучена и филозофијата за методот на сечење и спојување на едно потеоретско ниво. Неговата продукција се стреми да ги надмине музичките, когнитивните и социјалните граници и да го вовлече слушателот во една состојба каде повторно ќе се дефинира неговото разбирање на реалноста. „Целта на овој албум е алхемиско растворување на нешто…растворување на шаблоните. Мислам на оние шаблони коишто се длабоко вкоренети во нас.“ Мекдауел оддава почит и на уметникот Зигрид Лорен од Њујорк, изразувајќи го со зборови она што тој го чувствувал веќе подолго време за една нејзина објава на социјалните медиуми од минатиот март:

„Понекогаш заборавам која сум и од каде доаѓам, благослов и проклетство“, беше напишано во објавата. „Кога заборавам, јас сум слободен и растам – кога пак ќе се сетам, јас учам и растам. Многу сум благодарен на разбивањето на шаблонот и што станав некој/нешто што е поразлично од сѐ, па дури и ако тоа честопати ме збунува и плаши. Благодарен сум што бегам од секојдневието, сиромаштијата, алкохолот/дрогата и патријархалната рака што покосува. Ние само се обидуваме со секој нов ден да напишеме едно ново сценарио, а тоа се чини дека е навистина потребно. Наша одговорност е да ги развиваме нашите верувања и како тие се поврзани со овој уназаден свет. Наша одговорност е да се придвижиме самите себе и останатите. Социјалните медиуми прават да ми биде непријатно од комерцијалноста, споредбата на невистинското и неприсутното, но јас ќе продолжам да се обидувам и да чувствувам дека тоа е вистинско. Извинете на мојот прост јазик, еве едноставна фотографија од двајца вистински чудаци во Лондон коишто се отворени и спремни да се соочат со сѐ што овој благословен свет има да им понуди.“

Ваквото слично мислење за светот, сонот и реалноста на колективната свест на Мекдаул и Лорен не може да се раздвои. „Илјадници години ни беше кажувано да живееме по одреден шаблон што го диктираше нашето постоење, а тоа не сме ние. Но, тие успеаа толку цврсто да го вкоренат во нас, што тоа стана дури и биолошко, како трета ДНК спирала замотана околу другите две, којашто не стега и гуши.“ „The Third Helix“ на Мекдауел е одговорот на „алгоритмичкиот пекол во кој живееме“, избор на звучни ритуали направени за да го откриеме начинот на кој ние го доживуваме општеството и самите себе.

„The Third Helix“ содржи сензорни алатки коишто единствено може да се припишат само на Мекдауел. Албумот успешно ги спојува далекусежните психоделични татнежи со индустриски мотиви и експериментални звуци. Дури и самото име на првата композиција „Rhizome“, го поставува музичкиот и концептуален тон на албумот. Ваквото ботаничкото име го отсликува лазењето на корењата на растенијата, нивното движење под површината и низ целото земјиште. Тие не може да се видат на површината, но постојано се шират и репродуцираат, исто како и мислите и нормите на однесување коишто постојано се размножуваат и пренесуваат преку нашата колективна социјализација.

 

Photo by Seze

Останатиот дел од албумот дава едно течно навлегување во емоцијата. Исполнет е со фокусирано чувство на страв, пронижено со моменти на носталгија и исцрпувачка убавина. Музичките записи „Impulse“ и „Proximity“ се можеби најдобриот одраз на неговиот утврден композициски стил; тие најмногу содржат дрон делови  и хипнотизирачки делови од албумот, секој од нив истовремено гради и руши ѕидови на мрачни и треперливи звуци. „Proximity“ ги спојува амбиенталните синтисајзерски тонови со гласови, жичани звуци и мелодично амбиентално зуење. Ефектот од двата музички записи е опседнувачки, полн со копнеж и потсетува на некои радикални звучни експерименти што произлегуваат од други современи проекти како што е „Amnesia Scanner“ или „M.E.S.H“.

„Tendrils“, во смисла на звукот, најдобро отсликува некои од главните теми на „The Third Helix“. Бодрите, духовни ноти пловат над застрашувачката таписерија од синтетички звуци. Резултатот е таинствен и смирен поглед на морски брег што постепено го затемнува нешто мрачно коешто демне од морските длабочини.

Секој од овие внимателно и вешто создадени записи докажува дека Мекдауел, кој секогаш бил во првите редови на експерименталната музичка продукција, е сѐ уште еден прецизен звучен архитект. Тие прават место за подетален одраз и служат како потсетник за тоа дека звукот, музиката и фреквенцијата може да имаат моќни психоактивни ефекти. Тие се извор на еден ритуал, кој не е изненадување, ако се земе предвид историскиот афинитет на „Coil“ кон духовноста во врска со музиката – тие се познати по користењето на магија, лишување од сон и други потполно психоактивни техники за време на процесот на креирање на музика – како и самата потрага на Мекдауел по изменети состојби на умот.

Неодамна, додека работел на изведбата и повторното пишување на „Тime Machines“ на „Coil“, тој пробал тоа да го направи под психотропно дејство, без употреба на дрога. „Долго време работев на пронаоѓање на вистинските тонови и фреквенции и мислам дека навистина тоа имаше ефект врз мене“, изјави тој. „Додека работев на нив неколку дена, почнав да се исклучувам и да запаѓам во бесвесна состојба. Ова се случуваше дури и кога не работев на пробите. Навистина се чувствував како да забегувам… и навистина постојано сакав да се враќам на тоа место каде музиката може да стане прекумерно халуциногена. Сакав повторно да се нурнам во тие длабочини.“

 

Photo by Seze

Она што вреди да се спомне е дека Мекдауел неодамна стана следбеник на трансцендентална медитација (или ТМ), еден вид на тивка мантра медитација којашто е особено популарна кај музичарите и уметниците во последните неколку децении. За него, создавањето музика е продолжение на неговите секојдневни духовни практики, рутина со која тој повторно ги проткајува конците на секојдневниот живот во најосновни структури и облици.

Преку отфрлањето на сите утврдени категории, општествени и музички, Мекдауел успешно и пофално ја избегнал „денс“ музиката во неговите дела. Покрај неговата самостојна работа, тој остварува разни соработки со Трес Варен од бендот „Psychic Ills“, „Nine Inch Nails“, Хиро Коне, инди бендот „Tamaryn“, индустриското дуо „Wetware“ и метал-рок групата „Uniform“. Тој исто така подготвува објавување на нешто ново заедно со Фредерике Хофмејер како „Puce Mary“, којашто е позната по нејзината успешна работа со нејзината безмилосна експериментална бучава, како и A/V проект со Флоренсе То, визуелен уметник од Глазгов.

Можеби она што ни дава еден вид утеха од разговорот со Мекдауел и слушањето на неговата музика, е тоа дека тој свесно се смета за отпадник, чувство што повеќето од нас помалку или повеќе го искусиле во одредени периоди од нашите животи. Неговата работа истовремено отсликува едно чувство на оддалечување и надеж за еден свет каде општествените интеракции се поконкретни и непосредни и каде нашето однесување не е обременето од наследените вредности или пренесените стандарди за однесување.

„The Third Helix“ не игра на сигурно. Албумот е смел став за состојбата со денешниот свет и дар за оние што имаат потреба да се ослободат себеси, исто како Мекдауел, од структурите на општеството коешто се повеќе го дефинираат неговите ограничувања. „Ова е мојата света тајна“, вели Мекдауел. „Нешто што на некој начин ја разблажнува реалноста. Тоа е најдобриот ритуал.“

„The Third Helix“ е објавен од „Dais Records“ на 21 септември. Доколку сакате да го набавите, посетете ја веб страницата на „Bandcamp“овде: https://drewmcdowall.bandcamp.com/album/the-third-helix