Олафур Арналдс: Најважниот елемент во сета музика е личниот израз

Words by Ненад Георгиевски

Веројатно е поврзано со вонземните пејсажи на Исланд и неговата клима но се чини дека музичарите кои доаѓаат од оваа земја се стремат кон создавање на необични, слоевити и во повеќето случаи темни пејсажи и текстури. Исто така, без разлика дали се работи за пост-рок текстурите на Сигур Рос или амбициозниот спој на електронска музика со звуци од класичната музика на Јохан Јохансон тоа што ја краси музиката на многу автори кои доаѓаат од овој остров се одликува со мешање на жанрови и звуци. Тие споеви на жанрови не е ништо ново, но тоа шо го прават новите генерации исланѓани како Олафур Арналдс и Хилдур Гуднадотир е резултат на нивни лични изуми што се однесува до технологијата и како ја користат.

Благодарение на технологијата, во музиката на Олафур Арналдс се судираат и спојуваат навидум дистанцираните светови и звуци на електронската и класичната музика каде како резултат неговите дела евоцираат чувства на локации и присуства. Поради својата филмска природа, неговата музика често може да се чуе во неколку филмови и серии, од кои најпозната е музиката за серијалот „Broadchurch“. Сето ова го прави да биде дел од новата генерација неокласични композитори каде спаѓаат покрај претходно споменатите Јохан Јохансон и Хилдур Гуднадотир, и Макс Рихтер, Нилс Фрам, Хаушка, Нико Мули и други.

Последниот негов албум е „re:member“ кое е внимателно склопено издание со звуци кои потекнуваат како од акустични интструменти, така и од софтверски, а резултатот е колаж, каде секоја нумера се чини како да лебди низ воздухот. Повеќето од овие композиции се резултат на „само-свиречките“ пијана кои се управувани од програмот Стратус. Арналдс е имагинативен и плоден звучен скулптор чии звучни дела со внимателно слушање покажуваат дека не се „лесна музика“. Тоа е навидум лесно, но кое не ги открива толку лесно своите тајни и одлики.

После објавувањето на овој албум тој цела година е на светска турнеја за промоција на овој албум, во рамките на која настапуваше на скоро сите страни од светот, а на 20 и 21 ноември ќе настапи во Белград и во Загреб.

 

 

 

 

Неодамна вашата издавачка куќа почна да објавува ремикси од композициите кои се дел од албумот „re:member“. Што беше тоа што ве привлече кај идејата други музичари да го ремиксуваат материјалот од „re:member“?

Јас сум секогаш расположен за соработување и овие ремикси се всушност уште една страна од тој аспект. За мене е многу возбудливо да видам што поинакво другите продуценти, кои обично работат нешто сосема поинакво во однос на мојата музика, ќе изнедрат и со тоа ќе внесат нов живот во овие песни.

 

Колку лесно или тешко ви беше „да предадете“ креативна контрола врз вашите композиции на други музичари/продуценти?

 

Кога станува збор за ремикси тогаш тоа воопшто не ми смета. Всушност, поентата е токму во тоа каде ќе видам какви ќе бидат нивните резултати. Моите омилени ремикси се тие кои истакнуваат нешто различно кај една композиција и честопати драстично го менуваат чувството.

Помина повеќе од една година откако го објавивте албумот re:member“ и вие заминавте на турнеја во негова промоција. Како гледате на ова издание од оваа гледна точка после толку време?

Навистина сум среќен како испадна. Чувствувам дека ги отсликува моите размислувања во времето кога ја напишав музиката.

 

Кај него постои уникатна рамнотежа помеѓу приемчивото и авангардното. Неколку компзоции кај албумот спојуваат различни музички идеи и жанрови на еден беспрекорен, но и неочекуван начин. Зборувајте за кретивниот процес зад оваа музика како и за пристапот кога ги спојувавте овие навидум различни и спротиставени идеи.

Тука немаше никаков рецепт. На музички план воопшто не се обидувам да го анализирам или категоризирам она на што работам. Едноставно правам како што чувствувам дека треба. Не велам дека тука не е посветено многу труд во сфаќањето на што е тоа, но на крајот најважниот елемент во сета музика е личниот израз – како и да звучи тоа.

Ве молам опишете го вашиот пронајдок – Стратус пијаното и начините на кои тој ви помага да дојдете до музиката што ја создавате.

Стратусот е софтвер на чиј развој јас и мојот пријател халдор Елдјарн посветивме две години. Во основа, тоа е програм кој контролира две пијана кои самите свират и кои реагираат врз основа на тоа што го свирам на третото пијано. Всушност, самата идеја произлезе од период кога имав блокада во пишувањето музика додека работев на „re:member.“ Тоа беше начин за мене да направам нешто што е толку познато како пијаното да добие ново чувство и повторно да биде возбудливо. Тоа е скоро како импровизација на начин каде тоа го промени креативниот фидбек луп. Кога пијаната реагираат на вашето свирење тогаш тоа ги менува вашите идеи во кој правец сакате да одите и на некаков начин тоа ве присилува да дојдете со нови идеи.

Често соработувавте со композиторот Нилс Фрам и заедно имате објавено неколку изданија и импровизирачки сесии. Како би го опишале неговото влијание врз вас во смисла на вољата да се превземат ризици? Што е тоа што оваа меѓусебна хемија ја прави да биде специјална за вас?

Нилс е прво пријател а потоа соработник. На некаков начин имаше смисла да работиме на заедничка музика кога веќе се дружевме заедно. Соработките ми се многу важни и се нешто што се обидувам да ги правам секојпат кога ќе ми се пружи шанса. Иако музиката на секој од нас е сосема поинаква сепак ние сме слични по дух и имаме слична визија за музиката. Тоа во што најмногу уживам во работата со Нилс е дека двајцата сме опседнати со начинот на кој работите звчуат. Тоа е обично нашата почетна точка кога соработуваме односно наоѓаме некаков интересен звук.

Како почнавте да компонирате музика за филмови?

Музиката за филмови беа една од работите кои ме инспирираа да ја правам музиката која сега ја правам. И имаше смисла дека евентуално ќе почнам и самиот да создавам ваков тип на музика.

Кога почнувате да работите на некој филм, низ каков процес минувате како композитор? Исто така, дали можете да направите споредба помеѓу создавањето музика за себе во однос на филмската работа.

Пишувањето за подвижни слики е малку поинакво бидејќи темплејтот е веќе пред вас. Тука повеќе се работи за создавање на атмосфера која го засилува тоа што го гледате на екранот. Понекогаш тоа може да значи дека понекогаш воопшто нема да има музика. Начинот на кој ги бирам моите проекти обично се базира на луѓето кои стојат зад нив, дали нашите визии се вклопуваат, дали ќе уживам работејќи со нив? Тоа е многу поважно отколку самиот резултат.

 

Какво е вашето размислување во ретроспектива за Chopin Project? Што беше тоа кај музиката на Шопен што ве инспирираше да ја преобликувате за овој проект?

Шопен има многу посебно место во моето срце, музички и лично. Едноставно сакав д направам непто што ќе му биде посветено нему. Целиот концепт беше да се сними Шопен на нов начин. Кај неговата музика имате работи кои можете да ги измените и аспекти кои не можете. Сакав да го снимам со амбиентална музика. Друго, сакав да го избегнам чувството на „best of“ и да компилирам најпознати композиции. Потоа, многу ги сакам неговите идеи за кои многу од нив би сакал јас да се сетев па затоа и се преправам дека се мои.  Ова беше проект кој долго сакав да го реализирам.

Кои други музички пространства се стремите да ги истражите додека чекорите напред?

Што и да се случува, пред себе гледам само истражување можности без никакви ограничувања.

Photo credits:

Tonje Tielsen

Marino Throlacius