Гоце САФ: Skopje Vinyl Convention е прослава на страста кон плочите

Words by Ненад Георгиевски

Се што е старо сега е повторно ново. Тоа е стара мисла која значи дека работите од минатото повторно наоѓаат начин да бидат нови во сегашноста. Во последните неколку години винилот повторно се најде во средиштето на интересот на љубителите на музика. Овој формат кој беше потиснат од компакт дискови и дигитални фајлови, а во последно време и со дигитални стриминг платформи се врати како омилен и префериран формат за љубителите на музика. Иако пред некоја година повторниот интерес и зголемената продажба на винили наликуваше на мода и беше критикувано како такво, сепак интересот за винилот, особено за старите изданија, расте и доминира повторно како сериозен формат веќе подолго време.

Меѓутоа, за некои луѓе љубовта кон винилот никогаш не престанал иако за време на последните 25 години се сметаше за нешто ексклузивно. Некои од тие луѓе решија да создадат манифестација каде музиката на винил е во средиштето на овој собир кој го нарекоа – Skopje Vinyl Convention. Веќе трета година по ред диџеите Гоце (САФ) и Чваре (Мартин Чваровски) го организираат овој настан кој во себе обединува многу од настапи на реномирани диџеи, од локални, до регионални и интернационални, па до работилници, дебати, и од оваа година и документарни филмови. Тоа е самит на вљубеници на добриот звук кој произлегува од винилот. Покрај настапите свое учество оваа година ќе имаат и бројни независни издавачи и дистрибутери. Локацијата каде се случува овој настан е МКЦ, 28.09. Поради тоа, зборувавме со Гоце во врска со овој настан и неговата љубов за винилот, културата на винилот, како и за неговата позадина како диџеј и продуцент.

 

Што е тоа што го прави винилот да е во средиште на една субкултура која обединува многу аспекти од правењето и слушањето музика? Постојат многу други формати но сепак луѓето повторно се навраќаат на винилот.

За разлика од сите други формати, винилот, како аналоген медиум, има посебна естетика на звукот која е поорганска и потопла од дигиталните формати, го прави целиот процес на слушање музика како посебен ритуал – вадењето на плочата, ставањето на иглата. Тука не се работи само за еден клик. Исто така, уникатноста на секое парче каде на 1.000.000 плочи, нема две кои се идентични.

Skopje Vinyl Convention ќе се организира по трет пат. Кои беа некои од првите замисли за тоа што треба овој настан да биде а што не?

SVC  е прослава на страста кон плочите, голема дружба со истомисленици од регионот, многу добра музика, а не само саем.

На кој начин работите еволуираа од првото издание? Каква е програмата за оваа година? На што дадовте акцент оваа година?

Оваа година покрај другите работи, за прв пат имаме стејџ посветен на портаблизмот и turntablism-от. Портаблизмот е ново глобално лудило кое подразбира модифицирање на евтини пластични грамофони и правење на професионални скреч машини. Ќе имаме и фристајл дел, како и шоукејсови од пар dmc шампиони.

 

На овогодинешното издание ќе учествуваат голем број диџеи како од локален избор така и од светски ранг? На кој начин ја правите селекцијата на тие што ќе настапат на настанот?

До сега гледавме да ги испочитуваме сите македонски диџеи кои вртат и вртеле винил, од легенди како Драган Б. Костиќ и Васја Ивановски па до најмладите генерации како Скопски Грув и Оубли кои сега го придвижуваат градот. Се трудиме секоја година да имаме добар избор од регионални мајстори на занаетот и хедлајнери кои ги преместуваат границите. После DJ Koco aka Shimokita, кој минатата година за прв пат настапи во Европа токму на Skopje Vinyl Convention, сега го имаме двојниот „dmc“ скреч шампион и еден од најдобрите винил диџеи на планетава, DJ Woody од Англија, како и германските легенди од Dusty Donuts, Naughty NMX и Mirko Machine.

Гоце, со диџеинг и музичка продукција се бавиш многу долго. Што е за тебе по дефиниција диџеј?

Многу луѓе ги мешаат поимите диџеј и селектор. И едните и другите ги почитувам, но за да биде некој диџеј треба да ја манипулира музиката со техники како блендови, бит миксови, а во случај на хип хоп диџеите и со скреч и бит џагл. Ако само ги пушта песните една по друга – тоа е селектор. Сум слушал феноменални селектори и многу лоши диџеи.

Дали можеш да го споредиш процесот на продукција со тоа што го правиш како диџеј?

И двете се креативни работи, но продукцијата е поинтимна, тука не чувствувате товар од публика пред вас и тука си 100% во креативната зона!

Кои се некои од принципите и филозофиите кои ги земаш од диџејството и ги вметнуваш во твојата продукција?

Нормално, некои идеи доаѓаат за време на сетови од некои комбинации кои ќе излезат случајно, а и контактот со публика дава интересни перспективи од работи што функционираат и што не.

Ти беше дел од САФ колективот кој издаде само едно одлично издание чија 20 годишница е наскоро? Како гледаш на времето кога бендот активно работеше и на ова издание?

Good times! Имавме многу добра дружба, креативна енергија, ист вкус за музика и драго ми е дека направивме класично издание! Митко и Смилен ми се браќа и иако не работиме активно, сепак сме на stand by.

Каква е твојата визија за како ќе се развива настанот Винил конвенција за во иднина? Кои работи си сакале да ги вклучите, кои луѓе би сакале да настапат тука? Во кој правец сакате да се развиваат работите со настанот?

Кубуриме со буџет и логистика.  Тоа е борбата. Но ќе видиме како ќе биде во иднина. Имаме многу идеи но единствена пречка се финансиите. Веројатно би имало авторски изданија, реизданија и можеби по некој бенд?