Изложба на фотографии „1-2-3-4“ на Антон Корбејн во Оденсе, Данска

Words by Ненад Георгиевски

Што е она што им е заедничко на многу познати музички ѕвезди од калибарот на Ник Кејв, Дејвид Силвијан, U2, Depeche Mode, Metallica, Nirvana, Joy Division, Том Вејтс, Боуви, REM, The Killers, Стоунси, Arcade Fire и многу други? Одговорот на тоа е холандскиот фотограф и режисер Антон Корбејн. Корбејн е фотограф мајстор кој е заслужен за неверојатни портрети на некои од најголемите музички ѕвезди последните 40 години. Исто така тој е познат со дела вон музичкиот свет, што придонесло да стане еден од највлијателните и најреномирани портретни фотографи во оваа ера. Дури и ако ова име ви е непознато, сепак се големи шансите дека овде-онде сте виделе некоја од неговите фотографии. Неговите карактеристични црно-бели фотографии ги красат кориците на речиси сите албуми на U2. Најмногу се истакнуваат легендарните албуми „Joshua Tree“ и „Rattle and Hum“. Самиот бенд ги прави повеќето промотивни фотографии со него. Тука се и Depeche Mode со „Violator“ и „Songs of Faith and Devotion” и безброј спотови и концертни филмови, потоа Ник Кејв со „The Boatman’s Call, “ „Automatic for the People” на  REM „Stripped” и „Totally Stripped” на Ролинг Стоунси. Тоа се само неколку имиња и неколку примери за тоа каде сѐ се појавува неговото име. Паралелно со тоа, тој е и автор на над 80 музички спотови, а повеќе од 15 години е и режисер на играни филмови кои се занимаваат и со други теми освен со музика, но сепак го носат неговиот карактеристичен визуелен печат.

Brandts Museum

Изложбата насловена како „1-2-3-4“ се поставува уште од 2015 во градови како Берлин, Хаг, Антверп… Оваа година, во периодот (март – ноември 2019) таа е поставена во градот Оденсе во Данска. Всушност, се работи за изложба на негови помалку познати или претходно необјавени фотографии од разни музичари. При прегледување на својата огромна архива (25.000 филмови) наишол на фотографии кои претходно не ги видел, кои биле заборавени или кои не добиле такво внимание како другите негови фотографии. Но, сите тие фотографии прво ги ставил во книга која го носи истото име како и изложбата.

David Bowie

Градот Оденсе е прекрасно мало гратче коешто се наоѓа на два часа од Копенхаген.  За градовите од тие скандинавски земји карактеристичен е широкиот простор и складноста на зградите и куќите кои се одликуваат со типична „лего“ архитектура. Тоа е родниот град на Ханс Кристијан Андерсен што кажува доволно за впечатоците дека целата сцена е како од сказните. На тоа се надоврзува и беспрекорниот систем кој прави сѐ да е чисто, скромно и функционално. Изложбата „1-2-3-4“ е поставена во музејот „Брандтс“, кој е една голема зграда на четири ката каде што паралелно со изложбата на Корбејн беа поставени уште неколку други, вклучувајќи ја и изложбата за Хуго Прат, познатиот автор на стрипови (Корто Малтезе) и акварели.

 

Mick Jagger – Sympathy for the Devil

Поставена во 2 големи простории и 2 помали, „1-2-3-4“ е сѐ само не обична изложба на фотографии од познати имиња. На изложбата се поставени 400 фотографии. Нејзиниот концепт е поделен на 12 главни субјекти презентирани со повеќе фотографии, како и со стотина други презентирани со по една слика. Во таа група главни субјекти се U2, Depeche Mode, Nirvana, Ник Кејв, Том Вејтс, Metallica, REM, Arcade Fire, Siouxie Sioux, The Slits, Ролинг Стоунси, Џони Ротен…Тоа се музичари со кои тој најмногу има работено низ годините и најчесто бил задолжен за целокупниот нивен визуелен идентитет. Некои од фотографиите од овие главни артисти ми беа познати како фан на нивната музика, особено на U2, Ник Кејв и Стоунси. Сите тие се појавуваа како дел од разни нивни промотивни кампањи од фотографии во буклети за разни изданија, па до фотографии во различни списанија или корици од албуми.

Покрај сите тие славни имиња и ликови, прво што привлекува внимание кај фотографиите на Корбејн, е чувството за композиција и длабочината на играта меѓу светлината и темнината. За разлика од други портретни фотографии, неговите фотографии се „мрачна уметност“. Речиси сите негови портрети се направени на обични позадини, а понекогаш и на треш позадина каде што неговата естетика и вештина создаваат богато и длабоко визуелно искуство. Нивната естетика е најчесто сирова и груба, а често можат да се најдат фотографии кои се вон фокус. Тој е самоук фотограф кој активно низ годините го градел својот стил во кој дефектите, или тоа што се смета за лош пристап, го направил да биде предност и нешто препознатливо. Покрај ликот на протагонистите ја слика и музиката која зрачи од тие ликови. На некаков начин тој има чувство за музиката и тоа што зрачи од луѓето кога ја слушаат и тоа го доловува на самите фотографии. Покрај овие имиња на изложбата можат да се видат портрети од Дејвид Силвијан, Брус Спрингстин, Нил Јанг, Брајан Фери, Стинг, Сан Ра, Дејвид Боуви (тоа е веројатно најкул фотографија од него и се наоѓа на сите промотивни материјали за изложбата), Деби Хари, Кејт Буш, Pearl jam, Massive Attack, Ким Вајлд, Џеф Бакли, Џони Кеш и многу други…

Покрај двете големи простории со фотографии, во една помала просторија беа ставени витрини со негови книги со фотографии, потоа корици од разни албуми и буклети каде што се искористени негови фотографии. Во следната се прикажуваа неколку спотови кои тој ги имал режирано. Тука можеше да се види „Atmosphere” на Joy Division, „One” и „Electrical Storm“на U2, „Heart Shaped Box“ од Nirvana и други коишто ги режирал низ годините за музичари како Џони Кеш, Mercury rev, Metallica, Depeche Mode. Со сите овие додатни артефакти и снимки се дава покомплетен портрет на Корбејн и како фотограф и како режисер на полето на музиката.

Целото искуство да се видат сите тие 400 фотографии со сите детали во исто време е и напорно и прекрасно искуство. Неговите фотографии се еден од столбовите врз кој се потпира современата музичка фотографија и тој е дел од пантеонот на големите фотографи како Џим Маршал, Кен Реган, Стивен Шапиро, Хари Бенсон и Ени Либовиц. Неговите дела се неодминлив дел од музичката историја и даваат свој увид во некои од незаборавните моменти и луѓе кои ја дефинирале популарната музика.

Photo Credits:

Portrait Photograph: Stephan Vanfleteren

All photographs: Anton Corbijn