Како upsammy – холандска ди-џејка во подем создава простор со нејзината музика

Words by Ненад Георгиевски

Како резидентен изведувач во популарниот клуб „De School“, со издадени албуми од познати издавачки куќи како „Whities“, upsammy е ди-џеј и продуцент чијашто кариера вртоглаво се искачува на врвот.

Има нешто навистина опипливо во врска со просторот што го создава Upsammy (попозната како Теса Торсинг). Да се слуша кој било од нејзините записи е како да навлегуваш во еден жив еко-систем кој дише и кој има своја сопствена атмосфера и клима. Прошетајте се низ чудните, а сепак пријатни и познати места преку нејзините неодамнешни музички записи, Wild Chamber и „Branches on Ice“, и речиси интуитивно ќе ја разберете нејзината идеја.

Како одличен музички продуцент со издадени албуми од издавачки куќи како што се „Whities“, „Die Orakel“ и „Nous’klaer Audio“, сетовите на холандската ди-џејка за кои постои сѐ поголем интерес, резултираа со популарност што рапидно се искачуваше на врвот на европската клупска сцена. Откако стана резидентен ди-џеј во „De School“ во Амстердам, нејзините сетови ѝ овозможија многубројни гостувања од „Panorama Bar“ во Берлин па сѐ до авангардниот „Unsound festival“ во Краков.

 

Oдлично фокусираниот избор на музички записи направи нејзините миксови на звуци да бидат свежи и пред сѐ навистина пријатни. Вообичаениот сет на upsammy (ако постои таков) е вешто протнување помеѓу еден експериментализам што ѝ пркоси на гравитацијата и силно пулсирачки звуци, благодарение на исклучителниот талент да пронајде музички записи коишто ја допираат онаа слатка точка помеѓу чудното и функционалното.

Неодамна издадените музички записи „Wild Chamber“ и „Branches on Ice“ од музички аспект се малку поинакви од она што може да се очекува од нејзините ди-џеј сетови, но сепак тие потекнуваат од истиот оригинален материјал.  Тие се најцелосно реализирани резултати на изведувачката којашто во моментов истражува, чувствува и продолжува да ги преминува своите музички граници.

Wild Chamber е всушност создаден од записи што ги имав направено изминативе две години коишто заедно добро се вклопуваат“, објаснува Торсинг. „Немав план да создадам мини албум или нешто толку целосно како што е ова. Тие содржат многу различни продуцентски техники што ги истражував минативе две години.“

За „Branches on Ice,“ таа додава, „речиси сите ги направив за краток временски период. Мислам дека тие се музички записи што можат да се пуштаат во клуб.“

Branches on Ice е музика што повеќе е наменета да се пушта во клуб, но се прашувам дали понекогаш е фрустрирачки за неа кога создава музика што најверојатно нема да се пушта по клубови.

https://dieorakel.bandcamp.com/album/upsammy-branches-on-ice

„Да, понекогаш знае да биде фрустрирачки“, одговара таа. „Всушност, во последно време често се случува да си помислам „добро, оваа музика најверојатно нема да ја пуштаат по клубови“, кажува низ смеа и потоа продолжува „понекогаш е смешно што размислувам така, затоа што тоа на некој начин ме ограничува. Но, на крај се помирувам со тоа, и сѐ е во ред и само си помислувам – добро, овој запис ќе биде добар. Тоа е најважно.“

Мутирачкиот „Bronze Goddess“ е еден од музичките записи што најмногу се издвојува од албумот „Branches on Ice“. Кога го слушнав на нејзиниот сет тој викенд, неговите мововски, сунѓерести звуци се чинеше како да доаѓаат од шума, а сепак прилагодени за на подиумот за танцување. „Некои од записите од албумот „Branches on Ice“ ги пуштам многу почесто, особено „Bronze Goddess“ и „Shake A Limb“, затоа што сметам дека се подобри од останатите. Но, кога ги создавав, никогаш не ни можев да помислам дека ќе ги пуштам по клубови. Не можам да си го замислам клубот кога создавам музика. Просторот во кој создавам музика е поинтимен – всушност, јас воопшто не ни размислувам на клубот.“

„Честопати наоѓам инспирација во она што ме опкружува“, продолжува таа. „Кога сум на некое место, кога чувствувам одреден мирис или атмосфера што навистина ме инспирира. Затоа понекогаш кога создавам музика, таа наликува на тој одреден момент или одредено место. На пример, „I Live Here“, „Zona“ и „A Window“ се инспирирани од одредени моменти и места“.

Во видеото за „Between the Stone“, е претставен празен двор. Таквата тивка и мирна сцена трае речиси за време на целиот запис. Прави да ги почувствуваш моментите за кои таа зборува. А во исто време, анализата на музиката на Торсинг, се чини како момент кој вреди да се цени.

Постои некој вид просторна свесност што преминува од нејзините ди-џеј сетови во нејзината продукција. Нејзините записи се состојат од внимателно одбрани звуци, коишто потоа се ставени во кристално јасни слоеви; и делумно тоа е она што ја прави нејзината музика толку освежувачка. „Просторот е нешто што навистина го развивам со мојата музика“, објаснува таа. „Мислам дека тоа не се случуваше толку многу во моите претходни албуми, но сѐ повеќе откривам како да го создадам тој простор и како да создадам едно навистина неверојатно искуство слушајќи ги звуците и инструментите во записот. Создавањето на чувството на движење е исто така голем дел од тоа.“

Наместо да се гледа на тоа како на посебна задача при создавање миксови, создавањето простор е составен дел од нејзиниот креативен процес. „Мешањето звуци е нешто што се случува спонтано. Се случува на навистина природен начин. Јас не го одвојувам создавањето звуци и нивното мешање со други звуци, тоа се случува спонтано.“

Разиграноста е во сржта при нејзиното снимање во музика. Сакајќи да ни го објасни таквиот процес, таа вели дека „ Ableton Live аудио работната станица е суштината, а потоа употребувам и Elektron Analog Rytm, и Pittsburgh Modular Lifeforms— коишто всушност содржат неколку модули во еден. А потоа следат и некои дополнителни модули за додавање ефекти: Make Noise Erbe-Verb и Plankton Electronics The Jelly Fish. Имам и два модули што самата ги составувам и навистина уживам во тоа. Всушност, тоа ми доаѓа како еден вид медитација.“

Кога ја прашав дали има некои продукциски трикови што ги користи во својата работа, таа ми одговори речиси несериозно „главниот трик е секогаш да испробуваш нови трикови!“ Ваквиот одговор не изненадува ако се земе предвид трансформирачкиот карактер на нејзината музика.

„Брзо ми здосадува кога правам нешто што порано сум го правела“, додава таа. „Она што е интересно кај електронската музика е дека можеш навистина да размислуваш за начинот на продуцирање. Тоа не е едноставно како ‘удирање тапан’ и ‘додавање основен звук’. Тоа на некој начин може да биде и упростено. Јас најчесто почнувам со звук, потоа се обидувам да му дадам форма за да го направам да звучи почовечки или слично на тоа.“

Навлегувајќи подлабоко во нејзиниот креативен процес, таа објаснува „обично барам звук кој ме интригира на некој начин, а потоа пуштам мелодија или ритам заедно со тој звук. Оттаму почнувам да го оформувам звукот. Неодамна почнав да правам и примероци со тапани, користејќи го мојот модуларен синтисајзер.“

Како некој што долго време поминува создавајќи и слушајќи музика во функционален простор, ме интересира каква музика слуша Торсинг кога сака да се релаксира во својот дом. „Она што го пуштам на мојот почетен сет е обично тоа што го слушам дома. Значи тоа би било електронска музика, трип-хоп, музика со нагласен бас. Но слушам и музика што навистина прави да се чувствуваш супер, како на пример Бјорк. Дома обично не слушам музика што ја пуштам по забави. Тоа навистина би ме изморило.“

Кога зборуваме за замор, Upsammy беше навистина премногу ангажирана изминативе неколку години. Не е ни чудо што се чувствува како да е време да забави и да ги наполни батериите. „Мислам дека завршив со мојата работа за оваа година и засега навистина не сакам да правам нова музика, само сакам повторно да најдам нов правец.“

„Не сакам музиката да биде клучна во мојата кариера. Не сакам да мислам ‘ах, пак ќе мора да издадам албум’. Не ја доживувам музиката на тој начин. Ќе ми биде потребно подолго време за поголеми проекти – мислам на албум – за да можам да си дадам себеси подолго време да експериментирам и да уживам во тоа што го правам.