Лиза Жерар: Музиката на Dead Can Dance се базираше на нашата љубопитност и љубов кон тоа што го слушавме

Words by Ненад Георгиевски

Позната како дел од дуото Dead Can Dance, вокалистката Лиза Жерар е еден од најавтентичните гласови во денешната современа музика. На овие простори овој состав има големо значење и има оставено неизбришливи трагови. Ниту една домашна музичка колекција не може да се смета за комплетна ако не поседува барем едно нивно издание. Тоа што е карактеристично за овој австралиски состав е дека за време на нивната 35 годишна кариера и Лиза Жерар и нејзиниот креативен партнер Брендан Пери се покажаа како уникатни звучни архитекти кои не се потпираа на никакви модели. Со текот на годините музиката на овој бенд во себе содржеше необични и различни влијанија почнувајќи од ренесансна музика, келтска, грегоријански напеви, музика од Балканот, Блискиот исток, Африкански ритмови, кои стоеја раме со раме со музиката на Joy Division и Скот Вокер, и амбиенталната музика   и беа споени во еден вид колаж кој беше уникатно нивен. Врз сето тоа можеа да се чујат карактеристичните вокализации на Жерар и мрачниот тенор на Пери кои придонесоа кон нивното јин и јанг однос.  Оваа година Dead Can Dance  и настапуваа на Балканот со концерти во Белград, Пловдив, Солун и Атина при што многумина имаа можност да го видат овој легендарен состав.

Иако таа е цврсто поврзана со бендот Dead Can Dance сепак нејзината кариера со годините се шири и опфаќа многу други други проекти и области. Зад неа е успешна соло кариера со бројни соло изданија и заеднички проекти, а се истакнала и како успешен композитор на филмска музика.

Еден од нејзините понови проекти е заедничкиот албум „BooCheeMish“ со познатиот бугарскиот женски хор во чија поддршка Жерар и хорот се на турнеја и во рамките на која, во организација на МКЦ,  настапија во Македонската филхармонија. Поврзаноста меѓу Жерар и музичката оставштина на овој хор е долга и почнува од издавањето на првото издание на заедничката издавачка куќа 4AD насловено како „The Mystery of the Bulgarian Voices”. Музиката од Балканот и пеењето на бугарскиот женски хор се едни од изворите на инспирација за Жерар и овој проект е реализација на нејзина дамнешна желба за соработка.

Интервјуто го правевме дента после прекрасниот концерт во Скопје и отворивме повеќе теми од нејзината кариера.

 

Вашата кариера е разгранета на голем број проекти и соработки. Соработувавте со различни профили на музичари почнувајќи од електронскиот гуру Клаус Шулц, полскиот композитор Збињев Прајснер, филмскиот композитор Ханс Цимер, бендот Dead Can Dance се свет за себе, и еве сега со хорот со бугарски гласови. На што се должи оваа разновидност кај вашите проекти?

 

Јас сакам да работам со други луѓе бидејќи сум секогаш љубопитна да видам што ќе создадеме на крајот. И сакам да работам сето време. Тоа е совршена можност за мене да изнајдам различни начини на работа и да научам што повеќе од работата со различни луѓе.

Што беше тоа што, меѓу останатото, кај вас го разбуди интересот за музиката од овој дел од светот?

Се разбира, Бугарските гласови беа вистинската причина зошто имав интерес во овој дел од светот. Исто така, работев и со Збињев Прајснер неколку години, а кој е пољак, а и мојот сопруг е исто пољак.Тука секогаш постоела некаква поврзаност. Отсекогаш сум чувствувала дека има некаква поврзаност со Полска и Ирска во тоа дека има нешто познато кај тие луѓе.. Можеби е поради тоа што се католици. Тие се многу слични. И татко ми е ирец и се чувствувам многу удобно таму. Но исто така се чувствувам убаво и кога сум во Бугарија а сега и во Македонија. Постои некаква сличност меѓу луѓето тука и со тие во Бугарија и Грција. Постои некаква комбинација од нешто убаво и малку уморно и љубезност. Во Грција често приметувам дека луѓето често ми кажуваат: „Те молиме да се смириш, опушти се, напиј се малку кафе“. Тие се секогаш по малку уморни. Понекогаш луѓето во Бугарија се многу смирени. Не можете да ги видите како трчаат ваму или таму. Не е како на други места, како на пример во Њујорк. Таму луѓето секогаш се во гужва.

Така е и во Австралија сега. И има нешто поетично во тоа што сите овие земји наликуваат како да се се уште во ‘70те. Тие не се затрчале да бидат високотехнолошки општества какви што ги гледаме овие денови. Но се разбира, ме привлекуваа народните песни, игри и музиката од овие простори.

 

Како се случи соработката со бугарскиот хор?

Нив ги сакам од поодамна и мислам дека не сум ја завршила соработката со нив. Чувствувам дека сакам да направам уште многу работи со нив. Ова до сега е само мал потфат во нашата заедничка работа. Би сакала да направам некаква театарска поставка со нив. Можеби би направиле некаква митолошка продукција. Хорот ми е многу интересен и уживам во соработката со Петар Докович. Тој е фантастичен за соработка и замислувам дека можеби би направиле некаква театрлана поставка со нив.

Меѓутоа, тоа што првично ме донесе кај нив беше хорското пеење. Нивниот стил е еден од најинтересните на глобално ниво. Тие се се уште интересни за мене и сакам да работам со гласови. Кога ги чув за првпат бев вчудовидена од нивното пеење.

Не ми се веруваше колку убави беа тие гласови и колку пееја без навидум некаков напор. Тие работат со дронови и аугментација. Нивните хармонии се многу сложени и се комбинирани во различни групи со контраалта, сопрана…Сето тоа е многу сложено и делува многу чудно.

Мелодиите кај секој фолклор доаѓаат од јазикот и во овој случај тие рефлектираат начини на комуникација во планините. Таму гласовите се многу силни и тука се повикуваат животните. За време на владеењето на Турците некои од песните биле користени за  пренесување тајни пооораки. Исто така и носиите и везовите носеле скриени пораки. Во овие песни е вткаена многу интересна приказна за преживување.

На кој начин овие искуства со хорот или соработката со другите луѓе влијаат врз работата со Dead Can Dance?

Не сум сигурна. Не знам на каков начин тие искуства се пренесуваат. Претпоставувам дека се ова работи кои се длабоко внатре кај вас и ве мотивираат да пишувате музика, да творите. Тоа не е нешто што се пренесува. Од друга страна, да, со бугарите одговорот е да бидејќи кога за првпат ги чув како пејат ја напишав песната „Host of the Seraphim”.  Тука дефинитивно бев инспирирана од начинот на кој тие ги користеа гласовите. Јас сигурно не би можела да го создадам истиот звук но сакав да создадам нешто слично. И сакав да создадам парче музика каде вие би го имале истото чувство кое го имав слушајќи ги.

Мислам дека тоа што се пренесува се расположенијата и идеите. Ако работам со Збињев Прајснер тогаш тоа нема да влијае врз начинот на кој работам со бугарките. Начинот на кој работам со Прајснер е начинот на кој работам со Прајснер. Секој работи различно. Некои луѓе сакаат само да пеам со нив. Други сакаат да пишувам музика. Се зависи од ситуацијата. Ако ми стават до знаење дека сакаат да пишувам музика тогаш ги прашувам каков тип на музика сакаат да пишува,. На пример, ако станува збор за филм, каков тип на музика сакате да напишам за овој филм? И тоа е појдовната точка. Навистина се работи за умот и имагинацијата, а потоа со кого соработувате и начинот на кој овие искуства се пренесуваат. Не можам да се сетам на било што што сум направила некогаш освен можеби со некој филмски режисер кои ќе ви каже за формулата со која работи и што може да се преведе,  заплет. Ако режисерот има формула, на пример како Мајкл Ман кој ќе ви каже „Немој да искачаш од кадарот и немој да направиш рез“. Ваквите работи можат да се пренесат на сите ваши проекти. Но тоа нема да се случи бидејќи Ман ми кажа да не го правам тоа во следниот проект. Тоа е пренесување. И овие работи се пренесуваат од еден проект во друг. Се се пренесува бидеќи ако вие сте изворот на таа креација тогаш вие го опрашувате секој проект со тоа што го знаете и разбирате.

Зборувајте за вашиот пристап кон пеењето кое е навистина уникатно? Како го откривте својот глас?

Секој го познава овој јазик. Тоа е јазик кој секој од нас го имал пред да не научат да зборуваме во еден систем. Сите користиме звуци и имаме посебни начини на изразување вклучувајќи и начин на кој комуницираме без систем со структурален јазик. Се работи за тоа дека сум го сочувала својот израз со тоа што не сум дозволила системот да го наруши. На времето сфатив дека е тоа музички јазик во кој нема ништо уникатно или извонредно.

Всушност се работи за тоа дека ја губиме нашата самодоверба кога не учат да зборуваме на одреден начин. Потоа не оценуваат врз основа на тоа како зборуваме, како спелуваме, а потоа не оценуваат врз основа на формулата зад нашата работа односно дали се сите работи точни. Потоа не оценуваат врз основа на големината на нашиот речник. Сите работи ни се одземени освен тие кои се поврзани со звук и комуникација. Многу работи ни се одземени бидејќи нашата самодоверба била отстранета од овие работи и ние сме биле ставени во рамките на многу јасни структури.

Затоа мислам дека структурите немаат многу поврзаност со пеењето. Подобро е да се избегнува премногу структура. Можете да имате аранжман но кога станува збор за приказната за срцето понекогаш е подобро да се остави практичното зад вас.

До кој степен вашето пеење е работа на импровизација а до кој степен тоа не е?

Постои нешто што е познато, но работата која секогаш ме вчудовидува е дека кај секој јазик, во одредени случаи, истите зборови се јавуваат во различни контексти. Но поголемиот дел од времето постои различен јазик за секој стил на музика. Тука не се мисли на секое парче музика туку за стил на музика. Постои одреден јазик кој доаѓа со оваа музика. Од каде доаѓа, тоа не го знам. Не мислам и дека е оригинален. Мислам дека е тоа поради работите кои ни се познати и кои ги собираме во потсвеста, но не сум сигурна.

 

Дали Dead Can Dance завземаат централно место во вашите музички активности?

Не целосно бидејќи тоа не е главниот бенд. Сите мислат дека е. Тоа што е главно и важно е вашето срце и душа. Тоа ионака не е музички проект. Мислам дека луѓето ги познаваат Dead Can Dance. Тие ја знаат оваа музика. Тие се најпознати. Но има уште многу проекти на кои работам и кои не се познати но сепак ми се подеднакво важни. Но другите луѓе секогаш сакаат да зборуваат за Dead Can Dance бидејќи ги познаваат Dead Can Dance. Тоа не мора да значи дека се главен проект. Тоа што е важно е што ви се наоѓа во срцето и работата која ве провоцира да сакате да продолжите да пишувате музика. Dead Can Dance ионака не се група – тука сме само Брендан и јас. Главното е во концептот. Ако имате концепт за да направите нешто тогаш таа работа ќе ве мотивира да пишувате без разлика дали е тоа за потребите на филм или за некаква идеја.

 

Но од друга страна, ова е проект по кој луѓето ве препознаваат. Да не зборувате за него е како Пол Макартни да не зборува за Битлси иако се поминати толку многу години.

Да, но затоа што им е познат на луѓето. Во Америка повеќе ме препознаваат по работата со Ханс Цимер и филмовите. Многумина таму немаат никакво познавање за Dead Can Dance. Значи се зависи од тоа каде се наоѓате. Ние почнавме да работиме во Европа и работата е во тоа дека имавме многу концерти ширум Европа. Затоа на луѓето тука им се познати Dead Can Dance бидејќи имавме направено стотици и стотици концерти.  Во текот на ’80те се уште беше возможно да се направи поефективен публицитет за разлика од денес кога мора да се потпирате на Инстаграм или Твитер за да им дадете до знаење на луѓето што правите. Сега е многу потешко. Се се променило. Мислам и дека е многу потешко сега за младите луѓе да почнат да почнат да се бават со музика и да го започнат своето музичко патување. Многумина ме имаат контактирано за да ме прашаат за совет во врска со музика и им велам дека не можам да ви помогнам бидејќи се е поинаку од времето кога ние почнувавме. Веројатно тоа нема да ви помогне како ние правевме.

Ние патувавме седум години ширум Европа правејќи концерти со нашата музика. Но можеби тоа не е решение сега. Не знам. Но прво треба да најдете некој да ве букира и ако никогаш не чул за вас тие нема да ве букираат. Но како да ги натерате луѓето да слушнат за вас?

 

Опусот на самите DCD почнувајќи од самите почетоци па до последниот „Dionysus“ е богат и неверојатно широк и разновиден. Од каде дојде таа широчина кај изданијата на бендот?

Мислам дека со DCD се работи за целосна и исклучива посветеност кон љубовта за музиката од сите страни на светот а не само за Западната. Но ние бевме љубопитни. Навистина бевме љубопитни за музиката и ритамот, за моќта на музиката, страста. Да се биде посветен и да се има голем интерес и страст. Една работа водеше кон друга бидејќи бевме заинтересирани, навистина искрено заинтересирани за географската позадина на овие дела и се разбира, тие работи си најдоа начин како да дојдат во нашата музика. Не мислам дека некогаш замислувавме дека нашата музика ќе стане толку популарна. Јас сигурно не помислив, но можеби Брендан претчуствуваше. Не знам. Ние ја создадовме таа музика базирајќи се на нашата љубопитност и љубов кон тоа што го слушавме и сакавме да го создадеме. Тоа беше најважната работа која ја создадовме и тоа направи таа да биде многу посебна.

 

Тие изданија имаат печат на безвременост и делуваат како да се снимени сега.

Не можете да ставите печат врз музиката. Можете тоа да го направите кога станува збор за комерцијалната музика каде ќе препознаете дека се работи за одреден жанр. Но музиката, внатре во себе, тука нема ништо оригинално. Навистина тука се работи за начинот на кој ја изведувате, и се посветувате и ги интерпретирате тие работи кои потоа ги персонализирате на ваш начин.  Вие го персонализирате вашето искуство и став во рамките на таа музика.

 

Со Брендан Пери соработувате многу долго. Што е тоа што го прави толку посебен за вас и како креативен партнер и пријател?

Мислам дека работата која направи јас и Брендан да останеме заедно толку време е бидејќи заедно имаме напишано навистина моќна музика. И ако сакаме да ја изведуваме таа музика тогаш ќе се видиме повторно. Ние живееме многу одвоени животи бидејќи Брендан живее во Франција, а јас живеам во Австралија. Повеќе не минувам многу време со него. Повеќе не се гледаме заедно вон рамките на работните обврски, но работиме заедно и кога ќе се сретнеме тоа е поради музиката. Имаме огромен опус кој заедно сме го создале. Се разбира, ние секогаш ќе се обединуваме поради оваа музика бидејќи таа е скапоцена за нас.

 

Што следи за вас?

Следно е турнејата со бугарските гласови. Ќе патуваме по скандинавија а следат и концерти со Ханс Цимер. Потоа ќе соработувам со Хаваси со кого ќе имам настап во Унгарија по повод 10 години од неговата кариера. После тоа ќе соработувам со Пол Гобоцки, австралиски пијанист кој е неверојатен. Исто така ќе правам импровизиран саундтрак за филмот „Сталкер“ на Тарковски. Тоа го направив еднаш во Холандија и сега ќе го направам тоа уште еднаш во Австралија.

Следна година ќе следат концерти на Dead Can Dance во Америка. Штотуку ја завршив музиката за една мини ТВ серија „ Secret Bridesmaids’ Business“. Во суштина, не сакам сега да работам премногу во студио. Можеби на пролет ќе соработувам повторно со Бугарскиот хор бидејќи сакам да напишам нешто театрално. Можеби ќе компонираме заедно со тетарска поставка. Сега во октомври ќе се објави нов заеднички албум со полскиот композитор Збигњев Прајснер „Melodies of my Youth”. Тоа е навистина прекрасен албум кој го напишавме заедно. Следната година ќе имам многу настапи. Можеби  следната година и ќе посакам да влезам во студио и да напишам нешто за себе си. Сега сум постара и сакам да патувам повеќе бидејќи ќе дојде време кога нема да можам да патувам толку многу. Секогаш ќе го имам студиото за да работам во него.

автори на фотографии:

Лиза Жерар и Таинствените гласови: Стефан Самандов

Dead Can Dance, Белград 2019: Христина Паниќ