Лорка: Со Art Of Tones се фокусирам на посветлата страна на музиката

Words by Ненад Георгиевски

Пред 20 години, со своето деби издание „New Comer”, францускиот продуцент и диџеј Лудовик Лорка се истакна како еден од оние артисти чија музика стана персонификација за она што во тоа време се нарекуваше „nu-jazz”. Овој Французин беше дел од прославената издавачка куќа на Лорен Гарние „F-Communications” која го објави неговото деби издание „New Comer” кое, заедно со изданијата на Сен Жермен „Boulevard” (исто објавен од F-Com) и „Tourist”, беше еден од најдобрите примери за уникатните споеви на хаус музиката со примеси на техно, но и фанк, соул и џез семплови, што даде поинаква џез естетика на оваа музика. Успехот на ова издание го однесе на турнеја со џез музичари каде, меѓу останатото, настапија и на бројни џез фестивали (Montreux, Nice, Jazz a Vienne, Den Haag Jazz festival, Paleo Festival (Швајцарија), Dour (Белгија), Vibes Australia). Неговото второ издание е „The Garden” каде преовладуваат соул и фанк музиката, а плејадата пејачи прават ова да е повеќе колекција на класични песни отколку само денс нумери.

После тоа, Лорка се насочува повеќе на уметноста на ремиксувањето кое го прави под разни песевдоними меѓу кои и Art of Tones, што за првпат се појави за куќата 20/20 Vision. Покрај неколку EP-а, под ова име, минатата година тој го објави албумот „Unbalanced” кој е повторно вкусна мешавина од хаус музика со посебен спој од фанк и соул семплови и динамични грувови.

Лорка или Art of Tones, ќе настапи на 21-ви септември како дел od Telecom Electronic Beats пикникот каде, во Градскиот парк, ќе се случи целодневна забава со повеќе домашни и странски диџеи.

Како почнавте да се бавите со продукција на електронска музика? Каква беше вашата музичка позадина?

Почнав да правам музика кога имав 14 години со помош на Commodore 64. Создавав 8-битна музика или демо снимки со пријателите. Кога имав 16 или 17 години, купив Amiga компјутер и почнав да правам хаус и техно музика со Дејвид Дуриез и го објавив своето прво 12-инчно издание во 1994 г. Потоа се префрлив на PC компјутер во средината на ’90-тите и потпишав за  издавачката куќа F Communications. Јас сум потполно самоук и никогаш не сум одел во музичко училиште.

Која беше првата денс музика која ја слушавте и која Ви остави силни импресии а со тоа и Ве инспирираше да се нафатите со хаус и техно музиката?

Тоа би бил Елвис Присли, кого го слушав кога имав 6 или 7 години. Во мојот дом отсекогаш имало денс музика. Мајка ми е љубител на соул, фанк и диско буги музика и обожува да танцува. Кога имав 12 години, ја купив 7-инчната синглица од Принс, „Kiss“ и постојано играв слушајќи ја. Еден мој роднина донесе микстејп каде среде миксот ја имаше „French Kiss“ на Lil Louis. Во тоа време имав 14 години. Исто така, мајка ми ја купи „Big Fun“ од Inner City (таа го обожува овој албум) и помислив дека тоа воопшто не звучи како останатата музика која ја познавав. Тоа беше мојот прв контакт со хаус и техно музика, а Inner City се сè уште големо влијание. Јас сум голем фан на албумот „Faith Hope & Clarity“ на Кевин Саундерсон.

Вашето деби издание „New Comer“ имаше џез чувство со сета мешавина од хаус и денс музика со џез бои и призвуци. По успехот на тој албум, Вие дури и настапувавте на некои големи џез фестивали. Кои се џез музичарите и џез изданијата кои Ве импресионираа кога бевте помлади?

Џез музиката ја открив благодарение на хаус музиката. Ги слушав Masters at Work, потоа разна хаус музика од Њујорк и Чикаго.  Се обидував да разберам што имаше тука музички а што не можев да го достигнам самиот. Тоа ме доведе до џез музиката и се вљубив во сировиот звук на Чарли Мингaс, го слушав Херби Хенкок, малку Дјук Елингтон, Ерик Долфи, Анри Тексиер. Но и покрај тоа што луѓето можат да си помислат во врска со „New Comer“ додека го слушаат, јас бев повеќе инспириран од хаус музиката.

Како гледате на изданието „New Comer“ од оваа гледна точка? Овој албум ја катапултираше вашата кариера во интернационални рамки и ја обележа ерата со nu-jazz естетика. Какво мислење имате за ова издание?

Мислам дека еден албум е одраз на состојбата на вашиот ум. Кога го слушам денес, се сеќавам на тоа што сум размислувал, како сум се чувствувал и каде сум бил во тој момент во животот кога го компонирав овој албум. Тоа се случуваше пред 20 години, многу работи се случија од тогаш и во мојот живот и на музички план. Но, не можете да бидете 100% објективни во врска со делата кои ги создавате дури и 20 години подоцна.

Од каде идејата да се спојат овие два различни жанрови?

Тоа не беше направено свесно. Јас ја сакав и хаус и џез музиката и се обидував да создадам свој микс. Бидејќи работев само со компјутер, беше предизвик да се обидам да направам оваа компјутерска музика да звучи живо и како да е снимена, а не како да е програмирана.  Тоа всушност беше вистинскиот концепт зад „New Comer“ и претпоставувам дека е тоа сè уште идејата зад мојата музика, сакам да направам илузија дека сум снимал музичари за песната.

Дали имате многу џез изданија во вашата колекција?

Не толку многу. Да бидам искрен, сега и не слушам толку многу „чист џез“. Повеќе ме привлекува џез фанк, соул и диско. Очигледно тука ќе ја вброиме и електронската музика.

Како гледате на времето поминато како дел од издавачката куќа F-Communications? Оваа куќа има објавено голем број одлични изданија, меѓу кои „Boulevard” од Saint Germain и „Shot in the Dark” од Лорен Гарние, кои ја обележале таа ера.

Сè уште сум горд што припаѓам на луѓето кои се дел од F Communication тимот. Тоа е дел од една ера и од музичкото патување. Оваа издавачка куќа остави силен печат врз историјата на музичката историја. Јас се обидував да создавам музика која ќе биде на свој начин рамо-до-рамо со други талентирани композитори, а тоа понекогаш не беше воопшто лесно да се постигне.

Вашето второ издание „The Garden“ беше под големо влијание на фанк и соул музиката и имаше плејада гости пејачи. Кои беа идеите и емоциите кои го придвижуваа овој албум?

Замислата зад „The Garden“ беше да се почне од местото каде запрев со претходното издание. Тоа не е продолжение, туку начин да се продолжи патувањето 15 години подоцна. Се обидував да зборувам за тоа низ што поминав за време на тие 15 години во периодот кога албумот се создаваше и претпоставувам дека поради тоа и звучи толку меланхолично. Целиот проект беше фокусиран на песни и приказни.

Уште од 2005-тата година Вие објавувате музика под псевдонимот Art of Tones и објавивте неколку EP-а, минатогодишното издание „Unbalanced“, а имате и нов сингл „Sly and Spiegel”. Што е она што го прави овој проект поинаков од тоа што сте го правеле претходно?

Со Art Of Tones, се фокусирам на посветлата страна на музиката. Тоа е музика за играње, музика за клубови без разлика дали е хаус музика, диско или е спој од двете. Тоа не значи дека нема силни емоции кои се вткаени во музиката.

Дали можете да го опишете вашиот креативен процес? Како некоја идеја се претвора во песна?

Обично почнувам со бас линија или прогресија на акорди. Не можам точно да објаснам, но потребно ми е да имам една многу специфична идеја за тоа како таа една нумера би требало да звучи. Работам на неа колку што можам а потоа ја оставам да одмори неколку дека и ја завршувам подоцна. Имам тони музички идеи кои седат во мојот хард драјв и најчесто земам една и работам на неа сè додека не стане песна од неа. Би сакал да имам повеќе време иако понекогаш поминувам и 12 часа во правење музика. Имам толку многу песни кои треба да бидат завршени во еден ден!

На кој начин Вашата музика и звук се промениле во текот на овие 18 години откако New Comer беше објавен? Дали процесот е поинаков сега во однос на тогаш?

Процесот е малку поинаков бидејќи сега располагам со малку повеќе синтисајзери. Моето познавање за музиката е поинакво и претпоставувам дека сум научил повеќе за теоријата на музиката. И научив многу за миксувањето бидејќи бев навистина многу незадоволен со моите мискови пред 10 години. Кај електронската музика главната работа е во звукот и знаев дека морав да работам со мојот звук сè додека не сум задоволен со него. Ми беше потребно долго време за да го научам ова!

Кои се некои од актуелните електронски артисти кои Ви го привлекуваат вниманието?

Joey Negro, Cody Currie, Jimpster, Fouk, Anderson Paak (очигледно, но прашање е дали е тоа електронска музика?).

Кон крајот од септември ќе настапите во Скопје како дел од Telekom Electronic Beats пикникот. Што можат Вашите фанови да очекуваат од вашиот настап?

Па, ќе пуштам музика, но до пред самиот сет никогаш не знам каков тип на музика ќе пуштам. Понекогаш ќе почувствувам дека луѓето повеќе сакаат фанки работи, а некогаш не. Мислам дека е подобро да се импровизира, да се обидете да ја разберете публиката и да дозволите вашето расположение да влијае врз музичкиот избор. Претпоставувам дека е тоа суштината на диџејството.