Многу гитарски приказни на петтото издание на филмскиот фестивал Скопје синема сити

Words by Ненад Георгиевски

Со изложбата на концертни и промотивни постери и плакати насловена како „Патешествие“, во Музеј на Град Скопје, на 2 септември со почеток од 20 часот, ќе започне Филмскиот фестивал за музички документарни филмови Скопје синема сити. Изложбата „Патешествие“претставува приказ на кариерата на Влатко Стефановски, но на еден различен начин: преку бројни концертни плакати од најразлични периоди од неговата кариера. Се работи за 60 парчиња плакати и артефакти кои мапираат едно богато и шарено музичко патешествие. Со оваа изложба се прикажува еден друг аспект од кариерата на Стефановски, односно неговиот богат концертен опус низ годините во најразлични состави, почнувајќи од Леб и сол, па до бројни солистички настапи, почнувајќи од дома, САД, Канада и Англија, преку некогашниот Советски Сојуз, Германија, Хрватска, Бугарија, Грција, Србија, Словенија и други земји. Воведен збор на изложбата ќе даде Урош Вељковиќ, кој е ликовен уметник и тапанар на бендот Steel Temple. Важно е да се напомене дека оваа изложба ќе биде поставена само во Скопје и нема да има повторна поставка во друг град во Македонија или надвор во околните држави каде што Влатко често настапува.

„Фестивалот на документарен музички филм ми изгледаше како интересна можност да споделам со јавноста дел од мојата стрпливо собирана и чувана архива на плакати, од мои концерти и изданија. Се разбира, колекцијата е далеку поголема од она што ќе биде изложено и покажано, ама верувам дека и ова ќе предизвика интерес кај оние кои се подобро запознаени со мојата работа. Вистинско шаренило од неколку децении музичка историја, фотографии, различни стилови и правци во графичкиот дизајн, големина, квалитет на хартија и сведоштво за некои други времиња“ – вели Влатко Стефановски.

Овогодишното издание на фестивалот Скопје синема сити става акцент врз документарни филмови каде што главна улога има гитарата како музички инструмент и луѓето кои ги посветиле своите животи на овој инструмент, а со тоа на некаков начин и станале синоним за неa. Филмот што ќе го отвори фестивалот е „Кит Ричардс: Под влијание“. „Под влијание“ е портрет на Кит Ричардс, кој е срцето и душата на бендот Ролинг Стоунси. Тој е сниман по објавувањето на неговата автобиографија „Живот“ и за време на сесиите за неговиот соло-албум Cross-eyed Heart. Низ него се раскажува и за луѓето и жанровите кои влијаеле врз неговиот вкус и разбирање за музиката (блуз, кантри, рокенрол, реге) и кои тој ги пренел во песните што ги има напишано. По прикажувањето на овој филм, свој соло настап ќе има Влатко Стефановски.

Вечерите од филмскиот фестивал се поделени на жанрови. Третата вечер е блуз-вечер и е посветена на двајца великани на блузот, Роберт Џонсон и Ерик Клептон. Роберт Џонсон е познат по своите гитарски вештини и извонредни песни кои се сметаат за блуз-стандарди, но повеќе е познат како човекот кој си ја продал душата на ѓаволот за да може да свири гитара како што свирел. Од друга страна, филмот за Ерик Клептон, „Ништо друго освен блуз“, е снимен по албумот From the Cradle со блуз-обработки и во режија на М Скорсезе. Ова е филм за емоциите на Клептон во врска со оваа музика и великаните кои влијаеле врз него. Меѓу овие два филма, свој настап ќе има блуз дуото In the Mood.

Четвртата вечер е посветена на поекспериментални правци во музиката. Во соработка со Гете институтот, ќе биде прикажан филмот „Романтични војници: Краутрок, прв дел“. Краутрок е називот за една група култни бендови од Германија која била популарна во текот на 70-тите: Can, Neu!, Фауст, Крафверк. Во текот на тој период, една група западногермански музичари со желба да создаваат автентична германска музика, која нема да биде копија на британската и американската, креираат нов начин на создавање музика. Тие зеле сѐ што може да се земе од авангардната германска класична музика и од рокенролот и внеле навистина прогресивен и револуционерен дух, со што влијаеле врз еволуцијата на електрoнската музика, техното, хип-хоп музиката, минимализмот. Вториот филм, „Изгубената жица“ е портрет на авангардниот џез гитарист Марк Рибо и неговите бендови и проекти како дел од ‘даунтаун’‚ сцената во Њујорк. Иако на публиката ѝ е попознат како гитарист на Том Вејтс и Џон Зорн, сепак, неговиот опсег на проекти оди подалеку и вклучува и соработки со Лаунџ Лизардс, Ентони Колман, Cosmopolitans.

Петтата вечер е посветена на фолк-музиката; овој пат од Португалија со Мадредеуш и филм за трагичната фигура Ник Дрејк. Мадредеуш се еден од најпознатите португалски бендови кои се здобија со светска слава, благодарение на филмот на Вим Вендерс „Лисабонска приказна“. Азорите се острови каде што патува бендот и филмот е еден вид патoпис, при што на разни локации се изведуваат песни од албумот „O Paraiso”.

За време на својот краток и тивок живот, кантавторот Ник Дрејк објавил 3 албуми, кои сега се сметаат за ремек-дела, но кога биле објавени во 70-тите, тие биле целосно непознати и занемарени. Со секој неуспех, Ник паѓал во сѐ подлабока депресија, сѐ додека во 1974 г. не си го одзел животот. Тој ги остава овие ремек-дела кои со текот на времето наоѓаат своја публика. „Животот на Ник Дрејк: Чувствителна душа“ е приказна за овој енигматичен и прерано заминат артист.

Завршната вечер е посветена на класичните рок-бендови U2 и Queen, односно се посветени на некои од нивните најголеми достигнувања: албумот „Joshua Tree” на U2 и „Приказната за Боемската рапсодија“. Во 1987 г., U2 го објавуваат најпознатиот албум во нивната кариера, The Joshua Tree. Албумот изобилува со прекрасни и незаборавни песни кои се искачуваат на врвот на хит-листите, како With or Without You, I Still Haven’t Found What I’m Looking For или Where the Streets Have No Name. Низ разговор со членовите на бендот, се зборува за инспирацијата зад песните, се раскажуваат анегдоти од снимањата. Покрај членовите на бендот, во филмот се интервјуирани и менаџерот на бендот, Пол Мекгинис, продуцентите Брајан Ино, Даниел Лануа и Стиви Лиливајт, како и тон-мајсторот Флад. Сите заедно даваат слика на некое друго време и сите случувања и приказни се поврзуваат со снимањето на ремек-делото The Joshua Tree.

Боемската рапсодија е еден од најголемите хитови на групата Queen. Композицијата отскокнува од сѐ што било објавено во тоа време, а со својата должина и оперска секција, мала била веројатноста дека ќе биде хит. Но, сепак, синглот ќе се искачи на топ-листите во Британија цели 9 недели и ќе го трасира патот за богатата кариера на овој бенд. Во филмот, членовите на бендот раскажуваат за снимањето на оваа песна, околностите за снимањето на видеоспотот, а професори од Оксфорд ги анализираат стиховите на песната и повторниот успех на песната во САД со филмот „Светот на Вејн“.

Изложбата „Патешествие“ ќе се отвори на 2 септември во Музеј на Град Скопје, а проекциите на филмовите ќе се организираат во Кинотека на С. Македонија, почнувајќи од 3 до 7 септември.