Разговор со Jayda G за Берлин, албумот „Significant Changes“ и Енвиронментална токсикологија

Разговор со Jayda G за Берлин, албумот „Significant Changes“ и Енвиронментална токсикологија

Jayda G е канадски ди-џеј и енвиронменталистички токсиколог, позната по нејзините еуфорични хаус и диско сетови. Пред извесно време годинава, таа го промовираше нејзиниот прв албум „Significant Changes“ од издавачката куќа „Ninja Tune“.

Пред извесно време годинава, Jayda G (попозната како Џејда Гај) го промовираше „Significant Changes“, нејзиниот прв музички албум од издавачката куќа „Ninja Tune“. Самиот наслов ни навестува каква година имала канадската ди-џејка. Иако веќе подолго време е присутна на музичката сцена (ја нарековме музичко откритие на почетокот на 2017 година), 2019 година самата се проби како изведувач со свои тури на меѓународната музичка сцена. Тоа се должи на промоциите како што е горенаведениот нејзин прв музички албум, како и нејзината личност којашто доаѓа до израз во ослободувачките сетови исполнети со диско и хаус звуци.

Кога станува збор за големи промени, таа неодамна го замени Берлин со Лондон и работи на тоа да воведе елементи од нејзината академска позадина како енвиронменталистички токсиколог во нејзината работа. Честиот придонесувач за TEB, Елизабет Клер Херинг, се сретна со Гај во Лондон за да открие нешто повеќе за неа.

 

Кога замина за Лондон и како ти оди со преселбата?
Во Лондон се преселив минатиот јули откако поминав шест дена на тури. Морав да настапувам викендот веднаш откако пристигнав во Лондон.

Дали ти беше тешко да го напуштиш Берлин?
И да и не. Во јуни уживав во Берлин и се запознав со многу нови луѓе и си помислив дека би можела да се дружам со нив и дека можеби ќе можам и да се справам со германскиот јазик, но штом се преселив во Лондон некако бев… како тоа да е најдобрата одлука што ја направив.

Но, престојот во Берлин не би го заменила за ништо во светов; тоа го промени мојот живот, но во исто време тоа беше многу тешка промена. Берлин е место каде што не е лесно да се живее! Не можам да го заборавам искуството да се живее во Берлин. Сфатив на што сѐ сум способна. Навистина тоа направи да ценам од каде доаѓам и да почувствувам како е да се биде странец во туѓа земја. Навистина е тешко да се преселиш на друго место каде што не го говориш нивниот јазик и не ја разбираш културата, но не е дека не се обидов!

Убаво е да се слушне твоето мислење за животот во Берлин и мислам дека е потребно да помине време дури да се навикнеш на животот таму, но сѐ е подобро откако ќе си дојде на свое место. Дали имаш примери за тоа како јазичната бариера ти била проблем како ди-џеј?
Во Берлин не излегував многу, затоа што јазичната бариера многу често правеше да се чувствувам несигурно. На пример, излегов во Лондон пред некоја вечер и едно момче се шеташе наоколу и допираше луѓе и беше многу некултурно. Повеќето од девојките го забележаа и момците од обезбедувањето го изнесоа надвор. Во Берлин не би знаела дали момчето има зли намери или е само сексуално отворена личност, затоа што таму не би знаела да комуницирам доволно добро.

Минатиот пат кога зборувавме, ми спомна дека имаш нов менаџер и цел тим зад себе. Би можела ли да ми кажеш што ти донесоа промените во кариерата што ти се случија 2019 година?
Многу работи се променија откако ја пуштив „Boiler Room“ 2017 година. Почнав да учествувам на поголеми шоуа, луѓето почнаа да ме препознаваат, но работите драстично се сменија 2019 година, до онаа мера кога веќе не можев да сфатам што се случило, затоа што многу работев низ целиот тој период на промени и морав набрзина да се прилагодам на сѐ. Тимот што стои зад мене е потполно нов. Ја имам таа среќа да имам луѓе што работат со мене. Добро соработувам со мојот менаџер и неговиот помошник, и на тоа гледам како на дар од бога.

Најголемата работа за која никој не зборува како изведувач е што се случува откако ќе промовираш успешен деби албум. Како изведувач, почнуваш да ја создаваш содржината. Ја поставуваш сцената, стануваш свесен за она што го создаваш и се обидуваш да го работиш она што те прави среќна. И конечно кога имаш нешто што можеш да го покажеш, му го покажуваш на светот и – јухууу! Супер! Готово е.

Не можев ни да сфатам каков би можел да биде исходот, ама затоа имам менаџер кој може да се справи со тоа. Кога работиш за позната издавачка куќа – што е ново за мене, затоа што досега работев сама со андерграунд издавачки куќи – веднаш штом го предадов моето дело, работите го сменија својот тек. Тогаш морав да донесувам големи одлуки додека го учев новиот начин на комуникација во музичката индустрија. Тоа е една цела култура.

Која е најпозитивната работа што ти ја донесоа овие промени?
По сѐ што ми се случи, почнав на поинаков начин да ја согледувам мојата уметничка работа и која сум, всушност, јас. Сега ја согледувам платформата и сфаќам дека луѓето навистина ме слушаат, што е навистина супер. Тој дел е нешто за кое мислам дека повеќето ди-џеи не обрнуваат големо внимание. Јас сум интелигентна личност со многу интереси надвор од клупскиот живот, и чувствувам дека можам да ја користам мојата платформа за да ги информирам луѓето и да го подигнам нивното расположение. Тоа е нешто за коешто сум навистина благодарна во целиот овој процес.

Што мислиш дали подемот во кариерата те направи посилна?
Навистина морав многу да работам за да направам луѓето да го чујат она што сакам да го кажам, затоа што надворешната бучава може да биде премногу напорна. Можностите се случуваат многу брзо и затоа мора да донесувате брзи одлуки и да му верувате на својот инстинкт и да се обидувате да не потпаднете под влијанието на други луѓе што ви кажуваат ова е добро или тоа е неверојатно, што да правите или да не правите. На крајот од краиштата, од некоја причина тие не се на платформата туку вие. Таа ви е дадена вам и мора да направите сѐ што можете со времето што ви е дадено на располагање, затоа што тоа не е доволно како што мислите.

Дали може да ни кажеш нешто за работата што ти претстои во врска со енвиронменталната токсикологија?
Водев неколку JMG разговори, а во исто време ја негував и љубовта кон науката. И тоа навистина ми причинува задоволство.

Водев неколку разговори кога бев резидентен ди-џеј во „Phonox“, а потоа едноставно продолжив во тој правец. Имав уште еден разговор во мај и тој помина супер. Луѓето уживаат во нив, па дури и сакаа да присуствуваат и да поставуваат прашања! Навистина си мислев дека никој нема да се појави, но згрешив!

Беше навистина супер, видов како луѓето учат за работи за кои не ни знаеле дека постојат, а тоа навистина им причинуваше големо задоволство на научниците што ги поканував на тие разговори. Кога работите со наука и во академската сфера, единствените луѓе со кои подетално разговарате за вашата работа се други научници. Постои голем притисок да ја покажеш својата интелигенција што знае да биде навистина вознемирувачки и да предизвика осудувања од други луѓе.

Овие разговори беа навистина важни за научниците, затоа што во тие разговори беа вклучени луѓе што не беа дојдени да ги осудуваат ниту пак, да го тестираат нивното знаење за тоа колку тие ја разбираат методологијата. Луѓето едноставно доаѓаа за да научат нешто. Презентерите навистина се трудеа да покажат што знаат на светот и тоа беше фасцинантно да се доживее.

Кои се неочекуваните резултати што произлегоа од спојувањето на денс музиката со енвиронменталната токсикологија?
Академијата претставува еден огромен систем. Таа има свои правила и конструкции. Како резултат на тоа, постојат луѓе што работат на нешта за кои ние нема да знаеме ништо наредните пет години. Работата направена во академскиот свет за којашто не знаеме ништо како јавност е огромна и тоа навистина не е во ред!

Примената на моето академско знаење во поинаква сфера од животот и гледајќи како тоа опстојува прави голема разлика за мене, со мојата работа како научник кој се пробива во уметничката сфера. Комбинирањето на двете практики отвора еден дијалог кој обично не би се одвивал во академската област. И тоа е супер! Моите квалификации се интердисциплинарни, а ова навистина е една интердисциплинарна работа.

Јас работам со денс музиката којашто воопшто не е пријателски настроена кон животната средина. И ние се прашуваме што би можела индустријата да направи во врска со тоа. Конечно, одговорноста да се биде свесен за животната средина не треба да се наметне на консументите. Индустријата треба да функционира на начин на кој ќе се презентираат различни опции на консументите така што тие ќе можат да донесат лесни и совесни одлуки. Она што треба да се случи е нашите власти да бидат одговорни за да ни обезбедат опции и да вложат пари во истражувања со цел да ни овозможат соодветно да живееме, затоа што истражувањето е токму тука. Единствениот начин на кој може да го направиме тоа е со гласање, да направиме властите да бидат одговорни и постојано да нѐ информираат. И токму затоа ги водам овие разговори, за да можам да ги информирам луѓето. Ако бидете емпатични во врска со одреден проблем, тогаш луѓето повеќе ќе се грижат за него.

Апсолутно! Пред да завршиме, уште неколку прашања набрзина: Која музика најмногу влијае на твојата работа во моментов?
Dev Hynes / Blood Orange, Kindness, Solange, новиот Tyler the Creator… слушам и модерна R&B музика за која продолжувам да се информирам, иако јас пуштам хаус музика!

Кој е твојот омилен музички запис за 2019 година?
Ремиксот на „Masters at Work“ на „This is America“ од „Childish Gambino“. Постојано го слушам.

Дали читаш некоја книга во моментов?
Ја читам „Swing Time“ од авторот Zadie Smith.

Кој е твојот омилен поткаст?
„The Daily“ го слушам секој ден, и уште еден поткаст што е малку повеќе за „бубалици“ и не е за сите, „Ologies“ со Allie Ward каде што таа избира одредена студија и интервјуира научник што е експерт за таа тема речиси еден час! Навистина е за „бубалици“ ама мене ми е супер!