Рецензија: Mihail P – Omniverse EP

Words by Александар Гроздановски

На сите љубители на електронската музика кај нас задоволство ми е да им го претставам новото Omniverse EP на релативно новиот продуцент Mihail P, издадено за британската издавачка куќа Distant Worlds. Тој живее и работи во Виница, мало егзотично гратче во источна Македонија. Мојот прв контакт со звукот на Михаил беше преку Sleeper EP, неговата прва плоча издадена за култниот Seventh Sign Recordings. Оттогаш неговите изданија се неизбежен соничен десерт. Музиката на Mihail P секогаш ја доживувам како идеален еклектичен спој помеѓу современа продукција и реминисценција на британскиот звук од 90-тите години. Omniverse EP излезе на винил на 19 август и на него има четири траки. Би го избегнал традиционалното рецензирање на трака по трака од едноставна причина, сите четири траки Paradigm, Kessel Run, Experiment 6 и Sons Of October креираат целина која се голта во еден здив. Ритмичките конструкции, карактерни за сите четири траки на оваа плоча, ги гради во бавно темпо со прекршени репетитивни битови и кулминира со успешни аранжмански маневри. Движечка сила тука е пулсирачкиот ритам кој неизбрзано создава цврста форма во која се испреплетуваат хармонските каскади и хипнотичките бас линии. Меланхоличните мелодии, веќе препознатливи за него, лесно успеваат да те однесат во топла и комфорна атмосфера, која во некој друг контекст би била идеална музичка подлога за научно-фантастичен филм. Во совршена симбиоза сите овие елементи лесно се сплотуваат и креираат музика на која дури и најтврдокорните зналци на овој звук лесно би се препуштиле. На ова издание Михаил успева да создаде совршена фузија на интелигентна електроника, музика за танцување на подиум и вонземни блиц средби со техно звукот од раниот Детроит. Според мене, ова е најзрелото издание во солидната дискографија на авторот Mihail P, кој успева во период од само неколку години да ја разбранува со својата музика не само домашната, туку и глобалната андерграунд музичка сцена.