„0 kolor“ колектив: Од скопските клубови па сè до Катар

Words by Тимот на TEB

Виџеј е нешто налик на визуелен диџеј. Некој кој преку дигитална уметност парира на музиката, и прави настаните да бидат сеопфатно, мултимедијално искуство.

Димитар и Петар токму како виџеи почнаа да ја градат својата успешна кариера. Настапувајќи под името „Lazy Kids Visuals“, со години беа единствените кои ја збогатуваа македонската електронска сцена со ваков тип на уметност. А доказ за нивниот квалитет е и фактот дека беа дел од сите поважни настапи на бројни електронски музичари од земјава и странство.

Но нивната амбиција и креативност не запре таму. Продолжија да истражуваат, да експериментираат и да се унапредуваат. Денес се нарекуваат „0 kolor“, се опишуваат како колектив за дигитална уметност и дизајн, а клиенти им се компании како „DHL“ или хотелот „Sheraton“ во Катар.

Повеќе за нивните дела, креативно растење и успеси ви прeнесуваме во разговорот со нив.

 

 

Создавате нешто кое e поврзано со наjсовремени технологии и претставува нов уметнички правец. Затоа, за почеток, објаснете ни како „на лаици“ што всушност правите како 0 kolor? И што значи самото име на колективот?

„0 Kolor“ е видео колектив за дигитална уметност и дизајн. Водени од емоционален пристап, постојано бараме нови форми на креативно изразување. Преку експериментална пракса создаваме визуелни дела за да ги оспориме границите помеѓу уметноста, дизајнот и технологијата. Додека ние остануваме верни на отворен процес, исходите и толкувањата се движат низ различни форми преку медиумите, од самоиницијални и нарачани дела кои се движат до интерактивни медиумски инсталации, генеративен дизајн и динамички визуелни прикази. Набљудувањата на нашата околина нè инспирираат да ги истражиме можностите што лежат помеѓу аналогните и дигиталните полиња за да се испита односот на луѓето и технологијата.

Самото име (0 Kolor) е симбиоза од тоа што го работиме и креираме, користењето на генеративен дизајн во комбинација со различни техники и медиуми за создавање на финалниот продукт, користејќи ја светлината како медиум, а просторот како канвас.

 

Во вашето портфолио како клиент стои еден од најпознатите хотели во Катар, „Sheraton“. Кажете ни што всушност правевте таму и какво беше искуството да се соработува со култура толку различна од нашата на едно од најбогатите места во светот?

Станува збор за перманентна инсталација на 3D мапинг на дел од фасадата на самиот објект. Ние бевме дел од тимот кој работеше на проектот, каде што нашиот ангажман беше поврзан со изборот и имплементацијата на софтверското решение за мапингот, изведбата на самиот мапинг и анимацијата како финален продукт.

Ова за нас беше прв проект поврзан со култура различна од тоа каде сме раснеле и развивале. Во текот на самиот процес научивме многу за самата држава, народ, историја и култура, пробавме се тоа да го инкорпорираме во самиот визуелен продукт.
Целиот процес беше едно посебно и уникатно искуство од кое може да извлечеме само позитивни работи што ќе ни помогнат во понатамошната работа.

 

 

Како виџеи, со години бевте неизоставен дел од сите поважни електронски забави во Македонија. Од сегашна перспектива, кога веќе работите во странство и на поголеми проекти, кој е вашиот коментар за македонската електронска сцена и дали би се навратиле поактивно на виџејството?

Погрешен е впечатокот дека виџеинг е поврзан само со електронската музика, иако кај нас скоро и да е ексклузивно поврзан само за таа сцена. Иако музички електронската сцена кај нас секогаш има нешто да понуди, визуелниот дел од неа изостанува.

Изминативе 2 години повеќе се фокусиравме на лични проекти и експериментирање со нови технологии и нивна имплементација во визуелни решенија, така што и немаме многу време да бидеме поактивни како виџеи. Им го препуштаме тој дел на дечките од „Lazy Kidz Visualz“.

 

Во светот, типот на визуелна уметност кој и вие го создавате, често е поврзан со апстрактни, геометриски форми и чисти, често ахроматски бои. Дали и вие останувате верни на ваквата дигитална естетика и како би го опишале вашиот визуелен израз?

Ако добро погледнеме околу нас ќе ја забележиме геометријата на објектите и геометриските форми од кое е создадена. Тие не се таму само затоа нашиот физички свет е креиран од прекрасна и совршена геометрија, туку затоа што сите геометриски форми имаат свое естетско и психолошко значење.

Но иако геометријата е доминантна во нашето визуелно изразување, сепак не отстапуваме од содржини кои не се чисто геометриски, односно неретко знаеме да користиме архивски снимки, апстрактна употреба на бои, уметнички слики и други најразлични форми кои ни овозможуваат подобро да се изразиме.

 

 

Како некој што (аматерски) се бавел со виџејство, имам почувствувано колку е тешко да добиеш признавање и поддршка за нешто што е ново и непознато за повеќето. Со оглед на тоа дека успешно го пројдовте тој пат, што би ги советувале оние кои започнуваат да се бават со современи и експериментални уметности и технологии?

Прво треба да го прифатат фактот дека многу луѓе ќе ја видат нивната работа ама многу малку од нив ќе знаат кој стои позади тоа (ха, ха).

Најверојатно би биле лоши мотивациски говорници затоа што ја немаме „магичната формула”. Секој нов процес и работа е посебен предизвик, убавината е во тоа што светлото на крајот од тунелот го креираат сами, буквално.