Иднината на македонската музичка продукција: Драги Иванов, продуцент со диплома од Беркли

Words by Тимот на TEB

Познатите светски имиња се навистина супер и секогаш предизвик за нас, но она што особено нè возбудува е кога ќе откриеме нешто сјајно од нашата музичка околина.

Душкајќи наоколу, нашите изострени сетила за добар звук ни го посочија младиот господин Драги Иванов. Не сте чуле за него? Време е да слушнете. И немој да се изненадиме ако овој насмеан младич наскоро стане едно од водечките имиња на домашната музичка продукција.

 

 

Здраво, како си? Што работиш деновиве?

Здраво и вам, супер се чувствувам овие денови и ви благодарам на интересот за мојата работа. Моментално работам на неколку проекти во Македонија, а во фокус ми е македонската музика. Сакам да работам и создавам што е можно повеќе и затоа сум отворен да работам со многу музичари на нивната музика, освен на мојата.

 

Ти си баш млад дечко, кој штотуку заврши Универзитет. Реномираниот Беркли, САД, кој кај нас е мошне ценет. Какво беше твоето искуство да се учи таму?

Да, завршив Беркли (Barklee College of Music) на два смера: музичка продукција и инжeнерство како и електронска продукција и саунд дизајн. Во било кој аспект од секоја работа има различен баланс на техника и креативност. Во текот на студиите разбрав дека целта на колеџот Беркли е да ја изостри твојата техника и да те подготви за се што можеш да наидеш понатаму. Техниката има лимит и може да се научи. Од друга страна креативноста е бесконечна и индивидуална и секој мора да ја открива за себе. За среќа, имаме цел живот да го правиме тоа.

 

 

По завршувањето на Беркли, едно време живееше и работеше во Л.А. и тоа на својата професија. Што успеа да „сработиш“ таму?

Уште на самиот почеток на престојот во Лос Анџелес успеав да се вработам како инженер во продуцентската куќа на Alex Da Kid и полека во текот на осум месеци, успеав да станам главниот инженер, со што добив шанса да работам со интересни луѓе, меѓу кои H.E.R, Rapsody, Allan Rayman, Charlotte Day Wilson, A$AP Ferg, Fetty Wap и други. Покрај работата, навистина малку време ми остануваше за било што, но сепак успеав да започнам и свој проект и за време на мојот престој таму да издадам две ЕП-а. Би додал дека колку што научив на колеџот во четирите години, толку научив и преку работата во ова студио за целата индустрија, како функционира системот, како да се поставиш во одредена ситуација за да го извлечеш најдобриот резултат од луѓето околу себе итн.

 

Пред да отидеш во САД на студии, беше дел од некои музички состави во Скопје. Во моментов свириш и со мегапопуларните Дупер. Кажи ни збор два за тие искуства.

Свирам од свои 12 години, по бендови сум од 16, бев заљубен во целата тогашна домашна сцена и сè што сакав е да делам сцена со моите омилени македонски бендови. Во средношколските денови имав свој бенд Dan Rice, со кој издадовме неколку демо снимки и свиревме низ Скопје. Потоа заминав за Америка (за тој дел веќе знаете сè) и еве ме, се навраќам на бендовите и сега свирам со Дупер. Ги обожувам Дупер и целата соработка се случи сосем природно. Многу ми е мило што се споивме и многу интересни нешта се случуваат.

 

 

Што те преокупира од музички аспект? Кои се твоите согледувања за тебе како автор и продуцент? Секако имаш визија за сопствениот развој.

Моментално најважно ми е музиката да предизвикува емотивна реакција врз мене и тие што ја слушаат. За тоа мислам дека најбитни елементи се мелодија, хармонија и ритам, но сметам дека денес, исто толку важна улога има и саунд дизајнот, кој со својот квалитет може да ја издигне музиката на повисоко ниво и одвои од остатокот.

Моментално се наоѓаме во најдобриот период во историјата за експериментирање со звуци и сметам дека комбинацијата на основните елементи на музиката со саунд дизајнот е тоа што ја прави разликата. Тоа е воедно и мојата цел, како подобро да ги користам овие четири елементи и да развивам интересни врски помеѓу нив, за да создавам музика која ме возбудува. Како артист, знам дека музиката е само еден дел од целата слика, а мојот развој го гледам преку континуирано создавање музика и растење како музичар, независно дали работам за себе, или за други. Крајната цел е да можам да живеам од својата музика, значи кариера во која би имал слобода да создавам музика секојдневно. Тоа би било среќа.