Fideles пред големиот Stephan Bodzin

Words by Тимот на TEB

Во манирот на најубавите работи секогаш остануваат за крај, годината ќе ја завршиме со една од најголемите електронски забави во земјата, гостувањето на силно влијателниот германски продуцент Stephan Bodzin, кој ќе настапи во живо на 29 декември, последната сабота во годината 2018. Сосем достојно испраќање на старата, но и добар знак за новата 2019 година, во која не очекуваат голем број нови изненадувања.

И додека сите зборуваат за ѕвездата на вечерта, никако не смееме да дозволиме да остане необработен материјал составот кој настапува како загревање за господинот Bodzin. Fideles се неслучајно на ростерот на овој настан на Telekom Electronic Beats. Од појавата во 2010 година, нивната популарност е во постојана нагорна линија. Нивната музичка продукција го пронајде патот до некои од најуспешните лејблови на денешницата, како Inversions на Аме i Dixon, и Afterlife на Tale of Us. За познавачите на музичките прилики, ова е доволна информација за квалитетот на музиката, но и фактот дека се препознаени од страна на најголемите и најуспешни имиња на денешната сцена. Нивниот стил е епски, мелодичен прото-транс вајб, со минималистички техно патерни, звук кој во моментов е ужасно модерен по европските и светски клубови. Нивните диџеј сетови се составени од извонредно организирани леери на ритмови и мелодии, со крајно месмеризирачки ефект врз публиката. За тоа можат да посведочат презадоволните фанови од последните Afterlife настани во Лондон, каде публиката редовно го доживува нивниот препознатлив делириум.

 

 

Daniele Aprile и Mario Roberti не се нови на сцената. Тие пуштаат музика како диск џокеи уште од крајот на 90тите, но вистинските возбудувања за нив започнуваат со формирањето на дуото Fideles. Токму нив ги имаме као warm up акт за големиот Stephan Bodzin, овој месец кај нас во Скопје. Уникатна можност да се запознаеме со некои од највозбудливите надоаѓачки имиња на светската електронска сцена и секако да танцуваме заедно до зората во еден незаборавен настан.

Предновогодишното лудило започнува со одбројувањето за нашиот Telekom Electronic Beats настан во СРЦ Кале. Полека можете да почнете да одбирате чевли за танц и да се загревате за овој фантастичен настан, преслушувајќи го еден од најпопуларните миксови на Fideles (погоре), специјално направен за Voyage подкаст серијата на Afterlife.