Gabe Gurnsey (Factory Floor) ВО ЖИВО ВО СКОПЈЕ - Electronic Beats Macedonia

Gabe Gurnsey (Factory Floor) ВО ЖИВО ВО СКОПЈЕ

Нашето екстензивно и интензивно слушачко искуство, но и професионално занимавање со музика, ни овозможија продлабочено познавање и силно истенчен вкус.

Оттаму, тимот на Electronic Beats ќе си дозволи да објави дека оваа сабота, на 10ти ноември, во Скопје (МКЦ) ќе гостува еден од најквалитетните и најрелевантни светски музичари од поновата генерација. Господинот Gabe Gurnsey е ритам структурата на еден од водечките светски електронски состави Factory Floor, а причината за неговото гостување е концертната промоција на неговиот деби соло албум „Physical“. Многумина од нашиот круг пријатели и колеги, го сметаат „Physical“ за најдобар албум на 2018та година. Навистина се работи за едно вонсериско остварување, кое функционира на повеќе нивоа и што е најважно: ја третира музиката како уметност, што полека станува реткост во fast food пристапот на современата музичка индустрија.

Нашиот тим не може и не сака да ја крие масивната возбуда која ја чувствува во очи на еден од најважните концерти оваа година во Скопје. Gabe Gurnsey е вистинска ѕвезда во надоаѓање, човек на дофат на својот креативен уметнички врв. Во сабота да се нацртате во МКЦ точно во 23 часот, а во меѓувреме прочитајте интервју со него и убаво чујте го неговиот последен синг.

ТБ: Factory Floor се вистински cutting edge артисти на 21виот век. Одејќи по фината линија нацртана од луѓе како Cabaret Voltaire, Psychic TV, Chris and Cosey, New Order… успевате да ја евоцирате нивната субстанца, но сепак да останете автентични, свежи и звучно млади.

ГГ: Ова што го кажуваш навистина има смисол. Артистите кои ги спомна се дефинитивно влијание врз Factory Floor, особено во миговите кога го баравме нашиот звук. Мислам дека имавме ист приод кон креирањето музика и звук како и тие. Музика креирана од хаос, а потоа рафинирана на различни начини. Тие свират инстинктивно и тоа ни е заедничко. Тоа е навистина возбудлив приод.

ТБ: Креативниот набој во Factory Floor е импозантен, па и ти и Nick Void (женската половина на FF) побаравте нови предизвици преку соло проекти. Твојот деби албум „Physical“ ја задржува ритмичката FF структура, но храбро граби во поп правец. Вокали, мелодии… поп во неговата најдобра можна инкарнација. Дали добро ми се чини ова?


ГГ: Да, дефинитивно и јас гледам така на тоа. Додека го пишував „Physical“, многу ми беше важно да го однесам звукот во тој некој поп правец, што подалеку од инструменталниот стил на FF, но во исто време да ги задржам елементите од мојот развиен стил на свирење (тапани) и креирање битови. Се хранев со влијанија од типот на Michael Jackson, N.E.R.D. итн, и можам слободно да кажам дека до овој звук ме донесе природен прогрес. Сепак израснав во светот на поп музиката и го сакам тоа.


ТБ: Твојот албум е саундтрак за луда саботна вечер во клуб. Подготовки, излез, клубска авантура, афтер… Очигледно е твоето богато искуство, но судејќи по продукцијата, одбиваш да сложиш очигледна клубска продукција за своите песни, само за да им олесниш на денешните диск-џокеи да те вртат во своите сетови. Исто така, ти преферираш да свириш концерти во живо, наспроти поедноставниот диџеј приод, кој многу од твоите колеги го практикуваат. Зошто потешкиот пат?

ГГ: Албумот го конципирав како приказна за една вибрантна клубска вечер, базиран на чувствата кои ми се раѓаат околу тоа и секако музиката, но без намера да го реплицирам она што таму се врти. Од базата идеи, чувства и искуства, изградив песни за албумот, а за некои од нив направив и специјални верзии како би можеле диџеите да ги користат… Инаку решив да настапувам во живо, за да внесам повеќе од онаа човечка интеракција, која често недостига во настапите на диск џокеите. Користејќи ги живите тапани и електроника, успеваме да креираме речиси совршен ритуалистички ескапизам, што неретко овозможува така отсвирената песна да добие сосем нова форма.

ТБ: „Physical“ е очигледен артистички стејтмент. Мошне силен по мое мислење. Дали сметаш дека ќе биде game-changer за тебе?

ГГ: „Physical“ е само почетокот на она каде што јас би сакал да отидам со мојата музика, а искуството на неговото пишување и креирање беше неверојатно вреден процес за мене. Работењето со Erol Alkan навистина ми ја отвори главата за поинакво размислување, начинот на кој им приоѓам на песните и продуцирањето. Слободата која ја изборив за себе после овој процес, креираше масивно чувство на возбуда за правците во кои би можел да се движам. Навистина генијално чувство. Дефинитивен game-changer за мене.