Разговор со Бодан Јамакоски за сцената, музиката и Audiobahn

Многумина ќе речат дека денес, со оглед на развиената технологија, а особено „Sync“ копчето, е многу полесно да се биде диџеј.

Но развојот на технологијата и треба да ни ги олеснува животот и работата. Факт е дека голем број случајни минувачи ја користат оваа ситуација и се претставуваат како диџеи, но податноста на модерните машини нема да ве направи вистински добар диџеј. Продлабочено познавање и љубов кон музиката, фанатична посветеност, следење на најновите движења и многу многу работа. Тоа веќе може.

Бодан Јамакоски е млад, талентиран и сериозно посветен на музиката. Еден од ретките кој отскокнува од просечноста на се поголемиот квантитет аспиранти да се најдат во диџеј пултовите низ градов и земјата. Ужива супер углед кај публиката, но и статус на резидент во еден од нашите водечки клубови, Епицентар. Неговата вечер Audiobahn, според Telekom Beats тимот претставуваше најголемо клупско освежување во 2018та година кај нас. Прочитајте што Бодан има да каже за себе, музиката, сцената.

 

 

Кој е Бодан Јамакоски? Како стана диџеј? Или уште подобро, зошто?

Бодан Јамакоски е од Скопје, љубител и изведувач на електронска музика. Со пуштање музика почнав во 2012 година, како случајна потреба и љубопитност за изразување. Таа желба се претвори во хоби кое преовладува во мојот живот и ме насочи кон тоа што сум денес. Веројатно желбата за истражување и преслушување нова електронска музика и љубовта кон електрониката беше еден од круцијалните елементи за приказната да станам диџеј.

 

Која е музиката која те вози деновиве, приватно и секако професионално. Части еден топ 5 траки кои моментално ти се нај нај за пуштање во клуб.

Периодов генерално пратам нови техно и електро изданија, иако поголем период од изминатава година и во оваа посветувам на креирање нешто свое.

Bodan Jamakoski – Europa
Reeko – Segmento1

Dusko Janevski – OK POZZ (Citizen Dust Remix)

James Ruskin – TZR
Ike
Scuba – Ruptured (Surgeon remix)

Бонус: Oscar Mulero – Sensory Deprivation (Mord 030)

 

 

Твојата вечер наречена Audiobahn, веќе подолго време фигурира на скопскиве простори, но изминатата 2018та доживеа еден вид експлозија на популарноста. Раскажи ни ја на кратко приказната за Audiobahn.

Audiobahn е еден од концептите на кој што работам заедно со Анте Гулин. Со Audiobahn имавме идеја да создадеме концепт на презентирање на електронската музика во Македонија преку лајв стрим презентација на домашните артисти. Морам да признаам имавме одлична година на опфаќање што повеќе изведувачи, за што на сите им благодариме за несебичниот придонес. После една година, си земавме време да поработиме на целата идеја за Audiobahn и се надеваме дека во брзо време ќе можеме да ви презентираме некои нови работи.  Вечерите во Епицентар беа моја идеја за презентирање на малку поинаков неделен концепт со цел луѓето да можат да се забавуваат во текот на неделата, без притоа да имаат проблем со обврските во текот на утрешниот ден.

 

Во последно време си забележливо посветен на сопствената музичка продукција. Може ли збор-два за тоа.

Следниот логичен чекор беше тоа 🙂 Почнав да учам програми и да експериментирам со пар аналогни машини што ги поседувам, сфатив дека имам желба и трпение. Уште сум на почеток во целава приказна, учам и истражувам и се надевам дека сето тоа ќе вроди со некаков плод.

 

Од твој агол, како ти изгледа македонската електронска сцена. Дај некоја проценка.

Во последно време е се подобро и подобро. Би било прекрасно кога артистите повеќе би комуницирале и би соработувале меѓу себе. Сметам дека е време да поработиме на создавање поубава и поквалитетна сцена во градов.