Разговор со Степиќ и HyperTech, ментори на ексклузивната диџеј работилница
Ако не ги знаете како Димитар и Дарко, тогаш сигурно ги имате слушнато како HyperTech и Степиќ, било низ скопските клубови или во радио етерот. Овие двајца диџеи веќе две децении се активен дел од македонската електронска сцена, вешти со грамофоните и верни на drumm ‘n’ bass жанрот.
А покрај личните успешни диџејски кариери, Димитар и Дарко се ментори кои на македонската сцена донесоа нови имиња како D.Lite, Viktor Apostolski, Baloski, Ulterior и многу други. Наскоро, повторно започнуваат со диџеј работилница на која ќе го пренесат своето големо искуство и техничко знаење на диџеј ентузијастите.
Повеќе за работилницата, за македонската диџеј сцена и за грамофоните, дознајте директно од разговорот со Димитар Ризов и Дарко Степиќ.
Во февруари стартувате со диџеј работилница која ќе трае шест недели. Кажете ни нешто повеќе за овој workshop, генерално околу програмата и што може да очекуваат потенцијалните „курсаџии“?
Димитар: Работилницата ќе започне на 12 февруари во 18 часот, a ќе трае до 21 март. Место на одржување е „Public Room“ („Јавна Соба“). Програмата ќе се состои од Вовед во DJ-ство и основно запознавање со музичка теорија, запознавање со DJ опрема и совети за правилно користење на истата, демонстрација на грамофони, CDJи и Serato, запознавање со повеќе музички стилови (drum`n`bass, dubstep, hip hop, techno, disco, house…), вежбање на DJ опремата под надзор на менторите, како и градење сет преку советување и упатства од менторите, дружење и споделување искуство со гости диџеи, вовед во скреч, а за најуспешните диџеј настап на крајот од програмата. Повеќе инфо на следниот линк: http://www.publicroom.org/opencalls/Dj-workshops.html.
Ако добро ме држи памтењето, ова не е прва работилница од ваков тип која ја организирате. Како би ги сумирале претходните искуства? Дали може да споделите конкретни имиња на активни диџеи чија кариера започна токму со овие курсеви?
Димитар: Добро те држи сеќавањето, оваа работилница во Public Room би била петта. Првата работилница се одржа пролетта 2011 година во просториите на невладината организација „ОРО” во Скопје, за да следните неколку работилници, односно сезони, да ја селиме работилницата во просториите на кафе барот „Ager & Sager” во центарот на Скопје, потоа клубот „Капан Ан“, за да ја затвориме последната сезона од DJ работилницата во просториите на невладината организација „Волонтерски Центар Скопје” во Скопје. Искуствата од претходните работилници се генерално позитивни, пријатно нè изненади интересот и ентузијазмот на посетителите, особено за првите неколку работилници. Низ работилницата поминале околу 30-тина луѓе, би можел да споменам некои од активните диџеи кои основите за овој занает и почеток на кариерата го имале токму овде, како на пример: D.Lite / Diah, Viktor Apostolski, Marko Rikaloski, Pukkah / Bruv, Ulterior, HansSHC, Tecktone, Nultabyte, Baloski, Velor и други.
Дарко: Точно, претходно имаше неколку DJ работилници кои имаа сличен концепт и цел да се сподели знаењето и љубовта кон грамофоните и музиката. Овој пат по иницијатива на „Public Room“, каде што и ќе се одржува работилницата, ќе се обидеме повторно да инспирираме што е можно повеќе учесници подлабоко да навлезат пред сè во слушање на музика, селектирање на музика и конечно во презентирање на таа музиката која што ним им се допаѓа и возбудува. Се разбира дека не сите учесници подеднакво се пронаоѓаат во она што ние им го нудиме, но среќни сме што досегашните работилници резултираа со прекрасни луѓе кои навистина ја сакаат музиката и професионално се однесуваат кон DJing-от.
Вие сте едни од ретките македонски диџеи кои континуирано настапуваат на класични грамофони и/или Serato. Дали сметате дека познавањето на ваквата опрема е неопходна диџејска вештина или полека, но сигурно, станува раритет? Што е она што прави да сте верни на грамофоните, кој ви е омилениот дел од ваквите настапи?
Дарко: За жал сега знаењето да се работи со грамофони станува сè поретко за разлика од времето кога тоа било единствената опција за DJing, кога всушност се и нашите почетоци на процесот на учење на DJ техника. Потешкиот начин да се дојде до опрема и плочи беше еден вид и на филтер за тоа кој навистина сака да се занимава со DJing. Работата со грамофони сега не е неопходна DJ вештина, но за нас тоа е вистинскиот начин. Физичкиот контакт со плочите и грамофоните, мануелната манипулација, аналогниот пристап и „копањето” на плочи се само дел од магијата.
Димитар: Доколку користиш одреден алат за вршење на одредена работа, потребно е да го познаваш тој алат како со успех би ja завршил работата. Така е и со грамофоните, како алат преку кој пушташ музика и креираш диџеј сет. Прашање на избор е дали ќе користиш плочи (винил) или Serato или некоја слична музичка платформа, но принципот на работа со грамофоните е ист.
Ние го користиме овој начин на работа бидејќи така прво сме научиле да миксаме, а и низ годините се покажал за нас како вистински начин кој најмногу ни одговара за да се изразиме музички. Последните неколку години сме сведоци на голем comeback на светско ниво на грамофоните и грамофонските плочи, што сметам дека е одлично, а консеквентно на тоа и кај нас се појави еден нов бран на диџеи кои работат на грамофони и пуштаат на музика на плочи. Во работилницата главен акцент ќе биде ставен токму на работа со грамофони, бидејќи сметаме дека е вистинскиот начин да правилно се научи основата на beat match техниката, што е темел на било кој диџеј сет без разлика на музичкиот жанр.
Низ годините се трудам да останам верен на плочите, баш од истите причини што ги наведе Дарко.
Имате огромно, децениско искуство како диџеи, и локалната сцена ја сведочите од самите нејзини почетоци. Кои се вашите ставови, „про и контра“, за македонската електронска сцена? Што е потребно, освен талент и волја, за да опстоиш како диџеј овде?
Дарко: Како и секаде, па и македонската електронска сцена била сведок на падови и подеми на секој музички стил. Посебно и секој од нив резултирал со навистина посветени луѓе кои се трудат да направат позитивна промена на музичката сцена на која и припаѓаат.
Секогаш имало и ќе има таканаречени промотери и селектори на музика кои се со краток рок на траење, кои најчесто и негативно влијаат на развојот на одредена музичка сцена. DJing-от бара работа, посветеност, љубов, волја, ентузијазам, трпение, нерви. Тоа се и работите на кои се трудиме да ги научиме учесниците на секоја DJ работилница. Трендот во светски рамки изминатата декада можеби и повеќе е да DJ букинзи се добиваат врз основа на тоа каква музика артистот продуцира, а не какви се неговите DJ вештини.
Димитар: Она што моментално се нуди на скопската клубска публика во еден добар дел е квалитет, но сметам дека е потребна поголема жанровска разновидност и малку повеќе отвореност на менаџерите и сопствениците на клубовите за нова музика и концептуални настани. Да опстоиш како диџеј овде, како и за сè друго, пред сè треба многу работа и истрајност, челични нерви, градење контакти, верба во себе и понекогаш да бидеш на вистинско место во вистинско време
Освен како ментори на работилница, што друго може да очекуваме од Степиќ и Ризов како диџеи во 2019-та? Продолжувате со „Течна кујна“ на 103-ка? Дали можеби веќе има некои интересни гостувања и журки во најава?
Димитар: Морам да бидам искрен, „Течна Кујна“ малку е „у лер” последниве година-две, најмногу околу редовноста. Веќе скоро 15 години сме дел од Канал 103, времето, а и професионалните и семејните обврски си го прават своето. Веќе две години имаме нов член – Ненад Цвијиќ (Tecktone) кој одлично се вклопи во концептот на емисијата.
Од мене можете да очекувате редовни настапи и менаџерски активности претежно во „Капан Ан“, на резиденциите „Ехо Од Далечното Минато“ и „Funky Fresh“.
Drum`n`Bass настаните промовирани од нашиот колектив „D2“ ќе продолжат повремено, а планирани се гостувања на неколку регионални артисти за оваа година. Исто така, „Broken Balkanz“ фестивалот во Софија во Мај и оваа година е на агендата.