Скопска клупска ситуација (февруари 2019) - Electronic Beats Macedonia

Скопска клупска ситуација (февруари 2019)

Овие денови се популарни Facebook и Twitter постови на некои од доајените на скопскиот ноќен живот од крајот на 80тите и почетокот на 90тите, каде тој период се опишува како златно доба на забавата, времиња кои никогаш нема да се повторат.

Со сета почит кон ветераните и тие навистина луди времиња, се почувствувавме предизвикани да ја испитаме тезата за квалитетот на ноќниот живот во денешно Скопје.

Што е толку различно од пред 30тина години? На пример, непобитен е фактот дека деведесеттите и појавата на електронската денс култура донесоа голема трансформација во ноќниот живот на градот и им понудија досега незапамтен избор на младите во однос на финесите како и каде ќе го поминат времето предвидено за забава.

Скопје во моментов има огромен број барови кои се програмски ориентирани кон електронска денс музика, а по завршувањето на нивното работно време, клаберите се упатуваат кон шест специјализирани клубови, дизајнирани исклучиво со мисла да ја опслужат оваа уникатна потреба на градот. Шест ноќни клубови  специјализирани за напредна музичка култура е импозантен број и во европски рамки.

Но што е со квалитетот на понудата? Направивме упад во програмските шеми на овие скопски клубови за месец февруари и еве што дознавме: Епицентар, Станица 26, Сектор 909, Минус 1, Капан Ан и 12 12… својата програма ја базираат на веќе развиената домашна електронска сцена и неколку вечери во неделата, таму можете да ги послушате сите повеќе, или помалку значајни локални диџеј имиња. Широка палета од профили, ставови и стилови, кои фатиле силен корен на оваа плодна скопска почва. Надградбата на оваа понуда, доаѓа во форма на континуирани гостувања на најинтересните, најзначајните и најпознати светски имиња. Тоа јасно говори не само за амбицијата на клубовите, туку и за богата и комплексна понуда на Скопје, како вистинска балканска мека на клупската култура.

 

Станица 26

Grandmaster Flash е тотална легенда и зачетник на њујоршката, а потоа и светска хип-хоп сцена. Не верувам дека постои некој кој не слушнал за The Message и легендарниот диџеј позади песната. Токму тој, Grandmaster Flash настапува во Скопје, Станица 26 на 26ти февруари и тоа е без дискусија едно од гостувањата на годината. Во било кој светски град. Во истиот клуб, на 22ри, настапува моментално еден од најпопуларните и најизвикани светски deep house диџеи/продуценти Dj Tennis. Тоа е негов дебитантски настап во нашиот град, па верувам дека сериозниот хајп на светско ниво, ќе се почувствува и помеѓу Скопјани.

 

Сектор 909

Најновиот скопски супер клуб Сектор 909 има сериозно квалитетна понуда. 22ри февруари е резервиран за париските легенди на електронската музичка сцена, DJ Deep & DJ Gregory. Оваа вечер ќе биде посебна затоа што ќе присуствуваме на целовечерен back 2 back настап на овие диџеј виртуози, а воедно и старт на еден нов вид на забави. Оваа сезона Сектор 909 ќе претстави нов концепт на настани каде комбинирано ќе настапуваат по двајца интернационални артисти во целовечерна варијанта.

 

Епицентар

Андерграунд супер-клубот Епицентар воопшто не заостанува со странска понуда во февруари. На 1ви, месецот ќе го отвори водечкиот шпански техно продуцент/диџеј Reeko, човек кој гради уникатна кариера на цврсто техно повеќе од 20 години. Љубителите на овој звук ќе бидат вистински задоволени. Со посредство на Win Music, на 8ми февруари во Епицентар гостува дивата на светската електро сцена, Miss Kittin, која е одлично позната на скопската публика. Токму повеќекратните враќања на светските топ диџеи, силно говорат за позитивната акција во ноќниот живот на овој град, но и култивираното пулсирање на една автентична скопска сцена.

 

Минус 1

Минус 1 е помал, но неодминлив скопски клуб, како по својот уникатен шарм, така и по фантастичните забави кои таму се случуваат. Покрај секојдневната локална понуда, овој месец, на 22 и 23ти, ќе можеме да ги проследиме гостувањата на возбудливи андерграунд имиња од типот на: Eddie Richards, Anja Schneider, Colin Dale.

 

Капан Ан и 12 12

И тоа не е се. Мораме посебна пофалба да оддадеме и на клубовите Капан Ан и 12 12, кои редовно даваат простор и шанса за докажување на скопските и македонски диџеи.

 

Тоа е на кратко клупската понуда за февруари 2019та година во нашиот град. Запамтете, ова е понуда од само една градска сцена, а Скопје овие денови има широка лепеза на култури и под-култури кои имаат свои простори за забава и изразување. Останува уште да го свртиме календарот назад до февруари 1989та година и да споредиме.