Најнови македонски електронски изданија

Деновиве се насобра доста интересен материјал за преслушување и тоа од локална природа.

Да драги наши дами и господо, македонските електронски продуценти никогаш не спијат. Ај што не спијат, туку и добри се. Многу добри. Екипата на Telekom Electronic Beats се даде на внимателно преслушување и еве ги резултатите.

 

Entheogen na Душко Јаневски e 67мо продолжение од извонредниот техноиден лејбл – серијал наречен Juan’s Kitchen Delights, и самиот e вистинска епопеја на истрајувањето и развојот на македонската електронска сцена. Во рамките на ова повеќе од еднодецениско патување, господинот Јаневски се разви во еден од најдоследните и секако најквалитетни домашни техно продуценти. Ова издание е прекрасна потврда на тоа наше тврдење.

Насловната тема е комплет фраерско техно возење на 134 bpm и на наше огромно задоволство, сосем лишено од било каква агресија или big room swoosh ефекти, кои продуцентите ги додаваат за поттикнување на вештачка еуфорија, кога немаат доволно квалитет во песната. Елегантна техно афера по наш вкус. Преку нумерата Enchanted, Јаневски не потсеќа дека има уникатен сенс за трајбал, што знае да биде доста лизгаво земјиште. Сепак неговото искуство и изграден стил (диџеј/продуцент) се пресудни, и резултираат со фина спејси атмосфера, погодна за олабавување на тежината на сетот во раните утрински часови. Браво мајсторе!

 

 

Void е артистичкиот акроним за младиот скопски електронски продуцент, господинот Воислав Димитријевиќ. Најновата Void авантура не носи на планетата Аракис, каде што се одвиваат легендарните активности на култното дело Dune на Frank Herbert, една од најчестите инспирации за духовна обработка на светската електронска сцена. Ни се чини дека Void пристапил на темата со чиста душа и искрена желба за надградба, а што да не и амбиција за испитување на сите „можни иднини”.

Технички, тој се потпира на лишени од еуфорија олд скул транс мисловни матрици, со слоевит пристап кон градење на амбиенталните синт структури. Звукот поседува и очигледни синеастички квалитети, што додатно говори за наобразбата на авторот и заокружува една пријатна поп – културна приказна која сакате да ја доживеете. Музиката не е баш погодна за најблискиот подиум за танц, ами за приватноста и возвишеноста на вашиот природен хабитат. Dune на Void дефинитивно звучи како некоја техно утопија од 90тите, па со најсвежи впечатоци ќе останат оние кои помалку слушале таква музика на времето.

 

 

Александар Видиновски повеќе од деценија е присутен како продуцент и диџеј на нашата сцена. Албуми, синглови, плочи, ЦДа… You name it, he’s got it. Последниве години е фокусиран на домашната публика и токму тоа ние го цениме. Албумот Patterns (PMG Recordings, 2016) беше вистински погодок во разгаленото срце на локалниот клабер, но и завет – предизвик за она што доаѓа следно. Како најава за неговиот нов албум (подоцна оваа година), деновиве го добивме синглот Сакам. Извонредно интересна нумера, отворена реминисценција на free party звукот од почетокот на 90тите, но со препознатлив Видиновски техно маневар. Во песната Сакам тој за прв пат употребува вокал, па гостувањето на Мирко Попов (PMG Kolektiv), како вокал/текстописец, е додатна атракција во целата афера. Покрај одличниот оригинален и клубски микс, на ЕПто забележуваме и PMG Kolektiv ремикс, во прогресив хаус манир, очигледен повик за танц околу 02:00 часот по полноќ.