Patrice Scott: Нема формула што ја следам

Words by Александар Гроздановски

Patrice Scott е ветеран на електронската музичка сцена чиишто почетоци длабоко се вкоренети уште од 80-тите години во Детроитската техно сцена. Секогаш иновативен како диџеј со сериозна интернационална кариера, хаус и техно продуцент со широка сонична палета и шеф на издавачката куќа Sistrum Recordings, која веќе добива култен статус. Директно влијание и инспирација црпи од титаните од раните денови на Детроит техно сцената како Juan Atkins, Derrick May, Kevin Saunderson, Jeff Mills, радио легендата The Electrifying Mojo, но исто и од Чикаго звукот на Larry Heard, Ron Hardy и Frankie Knuckles. Си направивме мал муабет пред неговиот настап во клубот 1212 на 02.11. во Скопје.

 

Дали можеш да ги споделиш со нас твоите најрани сеќавања за клупската сцена во Детроит? Што се сменило радикално денес, а што останало исто?

Најраното сеќавање што ги имам за клупската сцена во Детроит е дека луѓето во тој период не зјапаа во диџејот, ниту фокусот им беше насочен кон него или неа. Беше важно да се биде на журка и да се танцува. Во моментов во Детроит и насекаде по светов, луѓето се фиксирани на диџејот. Целиот фокус сега е на него или на неа. Диџејот е новата рок звезда. Тажно е да се каже дека сега веќе не се работи за музиката.

 

Како сфати дека сакаш да свириш музика и што те вовлече во оваа игра?

Отсекогаш сум сакал да свирам музика, уште на 5 или 6 години. Тоа отсекогаш билo моја страст. Намерата никогаш не ми била да бидам директно вклучен. Се случи само по себе. Почнав да издавам музика само затоа што сакав да ја споделам мојата креативност со луѓето околу мене, а не за да добивам покани за настапи. Кога веќе почнав  јавно да издавам музика, почнав да добивам и покани како диџеј да свирам во сосема други делови од светот. Останатото е историја.

Знам дека твојата потреба да продуцираш сопствена музика дојде во доцните 90-ти години. Зошто?

Израснав во оваа култура на хаус музика под влијание на Детроит, Чикаго и Њујорк. Сум гледал како многу од моите претходници продуцираат музика и со тоа придонесуваат за оваа наша заедница. Сакав и јас да го споделам мојот креативен израз со луѓето. Тоа морав да го направам, во спротивно би се чувствувал неисполнет.

 

Често слушам коментари за твојот музички пристап дека е многу минималистичен, но истовремено полн со емоции. Дали можеш да зборуваш подетално за твојот метод на работа?

Не знам кој кажал дека мојот музички пристап е минималистичен, но секој има право на свое мислење. Не можам да кажам дека имам конкретен пристап кога создавам музика. Кога сум инспириран од нешто, седнувам и само креирам. Нема формула што ја следам. На пример, некогаш прво работам на перкусии, а некогаш на мелодии, некогаш се навраќам на некоја стара трака, ја преработувам и создавам нов звук. Нема метод во лудилото. 

Многу ме интересира приказната што стои зад Sistrum Recordings. Како започна Систрум и на кој начин ја селектираш музиката што ја издаваш?

Sistrum Recordings беше една идеја која ми дојде на ум во 2005. Сакав да создадам моја платформа за издавање музика и го прашав еден од моите најдобри пријатели да ми предложи добро име за издавачка куќа. Знаев дека ќе ми даде добар предлог. Така Систрум се роди.

А околу селектирањето музика е многу едноставно, избирам музика што ми се допаѓа.

 

Кои се идните планови за тебе и Систрум? Дали има некои возбудливи новости за кои би требало да знаеме?

Идните планови за Sistrum Recordings вклучуваат подигање нова и подобра веб-страница што ќе се случи некаде во ноември. Ќе вклучува и опција за дигитално пазарење каде што ќе може да се набават винилни и дигитални изданија, но и облека. Исто така, следи и ново издание од мојот помлад соработник Butch Haynes коешто треба да биде достапно на 11 ноември. На изданието ќе има две оригинални траки и еден ремикс од вашиот Patrice Scott. Останете будни.