Настап на легендарниот Stephan Bodzin на големата журка на Telekom Electronic Beats - Electronic Beats Macedonia

Настап на легендарниот Stephan Bodzin на големата журка на Telekom Electronic Beats

Words by Тимот на TEB

Stephan Bodzin, една од музички највлијателните фигури на глобалната техно сцена ќе настапи на 29 декември во СРЦ Кале на Telekom Electronic Beats.

Повозрасните диск џокеи и оние ревносни клабери кои обрнуваат внимание на движењата и промените на електронската сцена, многу добро знаат за кого се работи во случајот Stephan Bodzin.

Првата деценија на овој век донесе дузина негови извонредни продукции во препознатлив техно-електро-транс стил и секако карактеристична мелодичност, која ги топи и најскептичните срца на подиумот за танц. Од неговите први продукции во 2006, тој директно ужива висок углед на сцената, а во изминатава деценија ипол, тој израсна во артист кој бил хедлајнер буквално на секој вреден фестивал, или релевантна клубска вечер во светот.

Роден во Бремен 1969, син на експериментален музичар, тој се здобива со класично музичко образование и до својата 36-та година компонира за најпознатите европски театри. Ова искуство претставува пресудна музичка мирудија во неговата трансформација во електронски-денс артист, со оглед на фактот што неговите продукции се одликуваат со извонреден музички сенс. Самиот себеси тој се опишува како Melody Man, што јасно говори за централната поента во неговиот опус.

 

 

Неговите продукции се вистински „возачки” искуства со силен хипнотички карактер и секако мелодии кои остануваат во главата долго по настапот. Како диск џокеј, Stephan Bodzin е возбудлив раскажувач, кој ја поведува својата публика на разновидно и богато музичко патување, аналогно на неговите познавања и интереси. Сепак за нас, македонската публика, најважна е неговата импресивност како артист кој настапува во живо, бидејќи токму така ќе се претстави на 29 декември во СРЦ Кале, на големиот Telekom Electronic Beats настан.

Целото искуство од креирањето на сопствените танц-битови, тој го трансформира во месмеризирачки транс, кој има голем импакт врз публиката, креирајќи фантастичен саундтрак – буквално во лет. Навистина силни зборови, кои ќе бидат на тест за помалку од дваесетина дена, колку одбројуваме до најголемиот електронски настан оваа година.

Но пред да се предадеме на сеопшта еуфорија, ајде уште малку историја и факти за нашиот гостин. Под името Stephan Bodzin досега има објавено 3 албуми и огромен број синглови/еп изданија. Континуирано соработува со врвни имиња на современата денс музика, како на пример со Marc Romboy; Oliver Hunteman (Bodzin & Hunteman, H-Man, Rekorder со кој има фантастична низа изданија); бендот Elektrohemie со Thomas Schumacher со кој редовно соработува и на други проекти. Работел ремикси за луѓе како Depeche Mode, Booka Shade и The Knife. Издава за некои од најреномираните дискографски куќи од типот на: Get Physical, Datapunk, Gigolo, Systematic, Giant Wheel итн.

Е ајде сега повторно да се навратиме на еуфоријата. Stephan Bodzin е една од музички највлијателните фигури на глобалната техно сцена со години. Причината е јасна: посветеност, талент и автентичност. Сето тоа ќе го имаме многу скоро во нашиот град и токму во највредното и најпосакувано светло за артистот: настап во живо. Затоа екипата на Electronic Beats не сака, не може, но нема ни намера да ја крие сопствената возбуда околу овој настан. Па ајде го доживееме ова заедно.