Feed/Tech

Второто EP на The Sprawl е „ретро-футуристички“ пекол

Mumdance, Logos и Shapednoise го издадоа своето второ EP издание под заедничкото име The Sprawl.

Има ли нешто поубаво (можеби вистинскиот збор би бил „позастрашувачкo“) од спојувањето на најиновативните звуци од современите бас, гараж, пост-дабстеп, техно и индастријал музичките сцени со приказните од пионерската киберпанк трилогија на Вилијам Гибсон (William Gibson) од 1980-тите години? Па добро, можеби има, ама во моментов тешко може да ни текне на такво нешто.

Да појасниме. The Sprawl е името на проектот којшто, уште од 2015 година, ги поврзува музичките таленти на Џек Адамс (Jack Adams, алијас Mumdance), Џејмс Паркер (James Parker, попознат како Logos) и Нино Педоне (Nino Pedone, со псевдоним Shapednoise). Меѓутоа, The Sprawl е воедно и името на трилогијата романи на Вилијам Гибсон (Неуромансер, Грофот Нула и Натпогонот на Мона Лиза), чиишто отуѓени ликови се обидуваат (попусто) да се снајдат низ бескрајниот киберпростор на виртуелниот метрополис наречен Спрол (The Sprawl).

При првиот контакт со музиката на EP2 на The Sprawl веднаш станува јасно зошто тројцата музичари одбрале нивниот заеднички проект да го носи тоа име: тие создаваат футуристички урбана амбиентална музика (која неодоливо потсетува на краткотрајниот њујоршки музички феномен илбиент [illbient]), збогатена со механички перкусии кои ве напаѓаат како паметни дронови, тие користат мрачни синтисајзери, морничави шиштења на некоја вештачка интелигенција која демне од зад аголот, тензична тишина која само-што-не-експлодирала во парампарчиња од звуците на некоја тешка индустрија процесирана низ штогоде присобраната музичка опрема… Колку ли би било добро наскоро да извадат албум-првенец.

Преслушајте ја првата нумера од EP2 на The Sprawl, „Burning Chrome“, несомнено именувана според истоимениот расказ на Гибсон:

Прочитај повеќе: Зошто Untrue на Burial е најважниот електронски албум на овој век?