Feed/Culture

Уметницата Дона Урдинов со прво место на натпревар за 3Д моделирање во Холивуд

Дона Урдинов е млада мултидисциплинирана уметница со огромен потенцијал, која неодамна ги заврши нејзините студии на престижниот факултет за визуелна уметност, креација на игри и анимација, „Gnomon“.

Нејзино најново достигнување е освоеното прво место на натпреварот Zbrush Live Sculpt-off, кој се одржа во рамки на Zbrush Summit 2018 во Холивуд, со што таа стана шампион во сегментот Органик.

Самитот е во организација на компанијата Pixologic, креатор на софтверот Zbrush кој се употребува во филмска индустрија и видео игрите за 3Д моделирање. Натпреварот се одржува еднаш годишно во Лос Анџелес и поканува 24 уметници од целиот свет да креираат дело на одредена тема во рок од само 3 часа.

Оваа година темата на натпреварот била креирање на специфични тарот-карти, за што учесниците биле поделени на две групи, според двете различни методологии на работење во софтверот: Organic и Hard Surface. По гласањето од публиката и од стручната комисија, Дона Урдинов била прогласена за победник во сегментот „Organic“.

По завршувањето на студиите по 3Д моделирање и вајарство на Gnomon, Дона имаше прилика да биде практикант во компанијата „TenSky“, основана од Charlie Wen, концепт артистот на Marvel познат по својата работа на филмови како „The Avengers“, „Guardians of the Galaxy“ и „Thor“. А за прв пат пред македонската публика таа се претстави во 2017 со самостојната изложба наречена „Ex Parte Hominis“ („Човечката страна“).

Дел од нејзините цртежи можете да ги погледнете на Instagram.