#ТвитерНагради по седми пат го бира најдоброто на Интернет

Words by Тимот на TEB

Популарниот хаштаг #ТвитерНагради повторно ја активираше Интернет заедницата.

Вчера, точно на полноќ, заврши 7-то по ред гласање за Твитер наградите, на кој корисниците на Твитер, Фејсбук и други социјални мрежи ги избраа своите фаворити за 2018 година. Доделувањето на наградите пак, заедно со традиционално супер журка, ќе се одржи на 22 декември (сабота) во Кино Милениум. И оваа година, главен покровител на настанот е Македонски Телеком, кој ја дели целта на оваа манифестација – да го поддржи квалитетот и да ги промовира позитивните примери.

Во текот на 3 недели, корисниците гласаа за најкреативните, највлијателните и најзабавните од македонскиот Интернет простор, поделени во 30 категории, од типот на: „НајДуховит твитерџија/ка за 2018“, „Најдобар твит во 2018“, „Најдобар дебитант/ка во 2018 година“, „Најдобар сајт на Твитер за 2018“, „Најдобра кампања на годината за 2018“.

Мотото на наградите повторно е „Од заедницата, за заедницата“, а новитет оваа година е што изборот во категориите беше проширен со повеќе социјални мрежи, како Инстаграм, Фејсбук и видео блогери, односно влогери. Организаторите од Блогираме.мк велат дека сè повеќе се приближуваат кон целта #ТвитерНагради да прерасне во релевантно мерило на успешноста на целиот мк интернет простор, опфаќајќи ги и веб сајтовите, сервисите и апликациите.

Официјалното прогласување на победниците ќе се одржи оваа сабота со почеток од 20:30 часот. А судејќи според досегашните настани, и овој пат нè очекува вистинско шоу, супер дружба и журкање. Се гледаме во сабота во Кино Милениум!