Стојче: „Urban Chaos” е посветен на СКОПЈЕ

Здраво Стојче. Нема потреба од твое посебно претставување на нашите читатели. Знам дека твојата работа им е добро позната на сите кои орбитираат околу електронската музичка сцена во Македонија. Би сакал да го започнам ова интервју со прашањата што е ново кај тебе на продукциски план, каде се настапуваше периодов и што е следно на твојата агенда?

Здраво Александар. Драго ми е што со мој колега го правам ова интервју. Се случуваат многу нови работи на продукциски план, а исто така и со патувањата. Во јануари ми излегоа две плочи. Првата за етикетата Grounded In Humanity, компилација составена од различни автори, на која се појавив со траката „Rampage” и втората плоча е за британскиот издавач Verdant Recordings, на која сум гостин со ремиксот за артистот Sixtyone. Ми следи интензивен период на продукциски план. Имам сплит плоча со холандскиот артист Deniro, која треба да се појави на шпанската етикета Sungate Records, па плоча за Uncage Records од Италија и излегувањето на мојот деби албум, кој ќе е проследен со мини албум турнеја, но, за тоа – подоцна.

Годината ми почна со настапи во Скопје, Белград, Хановер и Братислава. Морам да го истакнам маратонскиот диџеј сет од 12 саати со мојата другарка Mareena на затворањето на еден од најдобрите клубови во Германија, Griessmuehle. Сетот беше проследен со многу емоции како од наша, така и од страна на публиката.


Специфична за тебе е таа Скопје – Берлин конекција. Живееш во Берлин веќе подолго време, но, според мене, таа конекција е појака од кога и да е. Зошто е тоа така и што е клучниот фактор за оваа поврзаност?

Па да, може да се каже дека е појака од кога и да било. Сето мое слободно време го користам да дојдам дома и притоа да придонесам на каков било начин во развојот и оддржувањето на нашата електронска сцена. Ако земеме предвид дека во Скопје циркулираат еден милион луѓе, можеме и тоа многу да се пофалиме со капацитетот на ноќни клубови. Клабинг културата е онаа што го дава убавиот шмек на нашиот град. Но, мислам дека не треба нашата сцена да се базира само на ноќни клубови, треба да работиме малку и на градење на уште посолидна продукциска сцена. Имаме безброј таленти кои, за среќа, имаат избор каде да ги пласираат своите демо снимки. За мојот осумгодишен престој во Берлин успеав да посредувам во носење на безброј артисти од Берлин и Европа, да иницирам соработки меѓу нашите клубови и добри диџејски агенции. Голем број диџеи пренесуваат позитивни искуства од Скопје. И имам впечаток дека кај многумина во Берлин има желба да дојдат и да се уверат во тоа што Скопје го нуди. За мене е многу важно како Скопје, така и другите градови во Македонија, да оддржуваат витална електронска сцена која ќе инспирира нови генерации.


Кои се твоите најинтересни, а воедно и најдраги диџеј искуства?

Знам дека ќе звучи малку нелогично, но мое е да изнесам дека досега најдрагите диџеј искуства ми се случиле во градови кои не се на мејнстрим мапата за клабинг. Градови како Берлин, Лондон, Амстердам, Париз имаат масивна клубска сцена, но имам впечаток дека луѓето кои живеат во овие градови заради заситеноста и огромната понуда немаат ист апетит и ентузијазам како градовите кои ќе ги набројам. Во сите овие градови има безброј клубови кои заради конкуренцијата мораат да останат компетитивни со добар избор секој викенд. Градови како Братислава, Краков, Осло, Манчестер, Гент, Лајпциг, Хале, Марсеј, Кардиф се само дел од оние коишто ми пружиле незаборавни моменти. Впрочем тоа е воочливо и од самата атмосфера која се созадава на тие подиуми. Како диџеј, секогаш со нетрпение чекам повтроно да се вратам во еден од овие градови.

Доста си успешен со својата продукција која најчесто ја слушаме на твојата издавачка куќа „Tangible Assets”. Ме интересира дали имаш посебен метод на работа кој ти овозможува директни и ефективни резултати или продукцијата ти се базира на експериментирање со хардвер и софтвер?

Немам фиксен метод на работа. Секоја трака ја започнувам со јасно зацртана идеја, но на различен начин. Понекогаш се случува таа иницијална идеја да се развие во нешто сосема непланирано. Секој еден кој создавал музика многу јасно ме разбира на што мислам. Инаку, студиото ми е базирано на аналогна опрема, синтисајзери, ритам машини, семплери, компресори и останати алатки кои ги користам за процесирање и снимање звук. Го користам Ableton Live, каде што снименото аудио го процесирам и софтверски. Сакам да направам баланс помеѓу outboard опрема и софтвер, бидејќи и двата начина на работа ми овозможуваат да го добијам резултатот кој го барам. Од кога ќе се заврши целиот аранжман, музиката ја снимам на мојот омилен REVOX A77 Tape Recorder. Снимката од ленташот е таа што оди на мастеринг. Мислам дека студиото ми е редуцирано на само оние компоненти кои ми се есенцијални за работа. Понекогаш лимитирањето на своите опции ја зголемува твојата креативност. Така што, имам сѐ што ми треба за сега.

 

 

Да се води издавачка куќа денес е сизифовска задача. Сподели со нас кои аспекти од оваа професија се предизвик за тебе и што мислиш дека треба да се менува или што треба да остане исто?

Самиот избор на музика за изданието за мене е најаважниот сегмент на кој и му обрнувам најмногу внимание. Кога издаваш музика за своја етикета природно е да имаш највисоко ниво на самокритичност и битно е да имаш цврста доверба во музиката која планираш да ја издадеш. Кога ќе одберам потенцијални траки за следната плоча, најчесто имам тенденција да ги тестирам во клуб, за да можам да го опипам пулсот на публиката и ако има потреба да направам минимални корекции (микс или аранжман). Додека да се осигурам самиот себеси дека едно издание е зрело да се најде во плочарите за мене е најтешкиот процес, бидејќи има милион филтри кои самиот си ги поставувам за да успеам да испорачам квалитетен производ. Не користам никакви ПР агенции да ја рекламираат мојата музика, будејќи мислам дека музиката сама по себе треба да биде препознаена од луѓе кои му веруваат на својот слух и не препишуваат чартови од топ 10 или топ 50 од дадени платформи. Тие диџеји кои ја добиваат вашата музика гратис во дигитален формат за да ви остават некаква критика и притоа плаќате за тоа, според мене треба да се дел од вашата таргет група којашто ќе ја купи вашата музика. Јас на овој модел гледам како потценување и недоволна верба во сопствениот производ. Сѐ попатно, од креативниот процес, мастеринг, тест пресинг, па сѐ до финалниот производ и негова дистибуција, за мене е уживање. Нема ништо поубаво кога ќе ставиш на грамофон свое дело и ќе стиснеш старт.

Наскоро излегува твојот прв албум насловен како „Urban Chaos” за Tangible Assets. Сподели со нас која е идејата околу изданието, колку траеше целиот креативен процес и какви се твоите очекувања?

Да, албумот ќе излезе на дупла плоча некаде кон средината на април. Оваа идеја за албум ми дојде многу природно. По повеќе од една деценија издавање синглови, компилации и ремикси беше време да се направи и албум. „Urban Chaos” е посветен на СКОПЈЕ и е олицетворение на мојата изразена носталгија кон мојот град. Без разлика дали во скоро време ми се допаѓаат или не одделни феномени, не постои град на планетава кој може да ми ја замени емотивната поврзаност со Скопје. Мојот град е мојата перманентна инспирација која ја користам како креативна храна кога сум во студио. Целиот креативен процес траеше отприлика две години, но минатата година речиси целиот фокус беше вперен кон финализација на албумот. Засега имам одличен фидбек за сработеното. Мојата дистрибуција, Syncrophone од Париз, се повеќе од задоволни од претпродажбата, но останува да видиме каква енергија ќе се создаде и каков ќе биде севкупниот моментум по излегувањето на албумот. Јас лично имам убава трема.

Најавата за албумот „Urban Chaos”можете да ја преслушате на саундклауд линкот.