37. Скопје џез фестивал: полни сали, нови музички перспективи

Единствената недопрена традиција од тие златни времиња, а во континуиран децениски развој, па и на пиедестал на една од најзначајните културни манифестации во државата, е Скопскиот Џез Фестивал. Квалитет кој допринесе за континуитет, поврзувајќи генерации љубители на софистицирани звучни дразби.

Минатиот викенд го посведочивме 37-мото издание на СЏФ, кое донесе уште еден драгоцен слој од редовните „на Џез“ скопски соочувања. Истите видови луѓе, од вљубеници и длабоки познавачи, па сè до случајни минувачи и селфи-позери. Добро познати дискусии во распон од воодушевување и уживање во програмата, до разочарување и незаобиколните дискусии од типот – „кој дошол за музика, а кој дошол да се слика”. Секој според своите интереси и можности, но никој без коментар. Токму тоа по мене е најдобриот дел: луѓето доаѓаат, салите се полнат, дискусијата врви. Жив, здрав, интерактивен урбан дизајн. Нели токму тоа ни требаше?

Што се однесува до програмата, според најавените имиња, повеќе или помалку на ниво на било која пристојна (па и повеќе од пристојна) година. СЏФ не оди под своите стандарди и затоа е успешен. Не можам да се заколнам дека сите вкусови и табиети беа задоволени, но се чини беше понуден широк дијапазон стилови и атмосфери.

 

Од она што јас стигнав да погледнам, очигледно отскокнуваше мајсторството и класата на Вадада Лео Смит, кој имаше соло настап во полната сала на МОБ, која патем речено е супер-адекватен простор за дел од настаните на овој фестивал. Еден од најрелевантните живи џез музичари во моментов, се претстави со свои видувања на делата од волшебниот Телониус Монк. Висока класа на изведба и артистичка обработка, кои дефинитивно ќе беа уште подинамични, доколку Вадада имаше пратечки бенд.


Слично и настапот на култната фигура за мојата генерација, господинот Турстон Мур (Sonic Youth) ќе беше музички далеку поефектен доколку со него имаше пратечки бенд. Но и оваа, силно експериментална и импровизаторска инкарнација, испадна од големо значење за образованата публика. Настап со буквално музејска вредност, кој или ќе ве вовлече во својот ноиз лавиринт, или ќе ве исплука во холот на МКЦ Скопје да испиете едно пиво во пријатно друштво на скопската музичка елита.

Добри познавачи на џез музиката инсистираа дека настапот на Дејвид Мареј беше можеби најквалитетниот концерт во рамките на овогодишната понуда. Арто Линдзи секогаш, па и во комплетно импро-ноиз издание поттикнува длабок респект, а фанк-џез-рок динамизмот на финскиот состав Мопо остави повеќе од солиден впечаток.


Јас лично секогаш се радувам кога СЏФ промовира македонска музика и изданија. Оваа година фокусот беше на новиот проект на едно од нашите водечки џез имиња, господинот Тони Китановски и неговиот актуелен состав, Панда 5.

Благонаклонети или критички настроени, СЏФ е дефинирачка скопска ситуација. Во последниве четири децении, успеа да се обложи со мошне содржајна златно-жолта октомвриска патина, која го штити од урокливи погледи и разноразни општествени неприлики. Со очите вперени накај половина век традиција, срцето и разумот се единствени во желбата и потребата за продолжување на оваа ретко успешна скопска културна приказна. Без сомнение во професионализмот и со надеж дека ентузијазмот ќе остане на високо ниво кај организаторот…

 

До следниот октомври.