Сиот свет се огледува во музиката од своето време

Ненад, имаме многу за зборување. Не знам од каде да почнам! Предлагам најпрво метафизички да му пристапиме на муабетов, па да видиме каде тоа ќе нѐ однесе. Што претставува музиката за тебе? Што те предизвика токму музиката да стане твој главен интерес?

За мене музиката претставува еден од највисоките изрази во уметноста и во творештвото, кои во себе обединуваат толку многу навидум различни работи. Некој ја опишал како емоции претворени во звуци и наполно се согласувам со овој опис. Кај мене, откако знам за себе, отсекогаш постоел интересот за музика, рамо до рамо со цртањето и интересот за визуелните уметности. Не постои некое логично објаснување зошто ми го опфаќала речиси сиот хоризонт; кај мене едноставно постои голем интерес и голема глад за музиката и за она што придонесува или што ја прави карактеристична за одредена епоха, за луѓето кои ја создавале. Исто така, би додал, имам голема љубопитност за сите нешта кои таа ги обединува. Сега живееме во еден многу сложен свет кој е меѓусебно силно поврзан и таа поврзаност лесно се огледува во музиката. Преку неа доаѓате до други уметности, луѓе, сцени, новинари, дизајнери, организатори, сликари. Тоа е како едно големо зборно место. Сиот свет се огледува во музиката од своето време.

Зошто ја претпочиташ над останатите уметности? Или, пак, сметаш дека не може да стане збор за претпочитање, туку за некаков вид пополнување празнина, која останатите уметности потешко ја пополнуваат? Впрочем, велат дека музиката, не само што ја исполнува душата, туку навлегува длабоко во телото (коските регистрираат ниски тонови). Ниту една друга уметност, освен можеби делумно перформансот, не успеваат во ова т.н. длабинско пенетрирање.

Ќе цитирам еден автор кој вели: „Сите уметности се стремат кон состојбата на музиката“. Ниту една друга уметност го нема ефектот што го предизвикува музиката. Таа е огледало на сета култура, на општеството во кое живееме. Музиката ги разигрува сите сетила и ги одразува сите душевни состојби.

Не знам дали ја претпочитам над останатите уметности. Толку многу време имам поминато во слушање, читање, пишување и истражување на музиката, што за мене тоа е некако нормално и природно. Моите интереси и внимание можат да се опишат како кугла од флипер, во смисла дека се насочуваат отскокнувајќи од едно место на друго. Музиката прави многу работи, покрај тоа што нѐ забавува.

Да, на пример, тера на контемплација. Знам дека многу го цениш музичарот и врвниот музички контемплатор Дејвид Топ (David Toop). Многу ме интересира дали си запознаен со една од неговите последни изјави, имено, онаа дека веќе не наоѓал предизвик во слушањето музика, туку во контемплирањето со тишината, разбрана како составен дел од музиката и звучниот свет, генерално. Ова може да се толкува на различни начини: презаситеност од современата звучна какофонија (стампедо-бучавата), ненаоѓањето предизвик во човечки создадената музика, па препуштање на музиката/звуците на природата… Дејвид Топ како да ни вели дека спасот на музиката е во нејзиното избледување и исчезнување (доследно спроведен минимализам?) до состојба на тишина!

Хм, убавино, ти ме заморуваш веќе. Дејвид Топ е еден од моите омилени новинари и писатели. Истовремено тој е и музичар, кој создава необична, импровизирана електронска музика. Неговите размислувања и гледишта се невообичаени. Пример за тоа се неговите книги и текстови. Топ е автор кој со неверојатната смисла за детали и со бројните и униактни музички искуства, нештата ги става во невообичаени културолошки контексти на глобално ниво. Неговите книги, како Океан на звукот (Ocean of Sound), Опседнато време (Haunted Weather) или Егзотика (Exotica), детално ги прикажуваат разновидните локации каде што музиката се доживува, средбите со музичарите кои ги дообјаснуваат неговите размислувања и бројните книги и филмови. Тие книги се како мрежа од искуства или лавиринти, на сличен начин на кој книгите на Умберто Еко (Umberto Eco) се наменети за некоја друга публика. Океан на звукот е патешествие низ светот на звукот, без разлика на жанровската поделеност и таму, на едно место, се среќаваат Ерик Сати (Erik Satie), Клод Дебиси (Claude Debussy), Aphex Twin, Херби Хенкок (Herbie Hancock), Брајан Ино (Brian Eno), Sun Ra, Scanner, Biosphere и многу други. Опседнато време е книга за влијанието на технологијата врз нашите животи и врз музиката. Со Ли Раналдо (Lee Ranaldo) од Sonic Youth зборува за звукот на кулите близначки во Њујорк, предизвикан од нивното уривање по терористичкиот напад. Дискутира за еден бенд од Токио кој на лаптопи создава фри џез музика, потоа за музиката на големиот авангарден јапонски композитор, Тору Такемицу, а и за состојбата на тишината, која, според него, не постои и е дефинирана од квалитетот на звуците. Неговите книги и размислувања отвораат нов свет околу вас, кој до сега не сте го перципирале како таков. На тој начин, тој ги продлабочува вашите размислувања и начини на кои ги перципирате звуците, технологијата и како сето тоа влијае на светот околу вас.

Ништо чудно ако се презаситил и имал потреба од тишина. Живееме во свет кој е презаситен од звуци, информации и ѓубре. Затоа, на квалитетните новинари, организатори на настани, диџеи, културни дејци, писатели и ред други, улогата им е, меѓу другото, да бидат и куратори во музеи или селектори. Сите тие луѓе го минуваат времето во постојано истражување, за да ја изберат вистинската информација која за нас би била релевантна. Наместо информација за помор на свињи во Монголија, добиваме вистински и релевантни информации за она што е од суштинска важност за нашите животи, од која било област на интерес. Затоа, во време на лажни вести (fake news) и бескрупулозна комерцијализација, карактеристична за примитивно општество, битно е да ги имате вистинските извори на информации. Диџејот не е само човек-џубокс; тој посветил многу време во истражување, во една вечер или во некоја емисија да го направи вистинскиот избор од широката палета музики и можности.

Квалитетните автори/новинари како Топ, со тоа што го прават, не ви го трошат времето залудно. Но, тоа дека Топ се презаситил од музика е веројатно моментално расположение, или можеби животна фаза. Колку што можам да забележам од неговиот Фејсбук профил, тој ужива во патувања по Јапонија и други далечни дестинации, вооружен со планина од книги или, пак, е во вечна потрага по стари, ретки, одамна заборавени изданија со шамански ритуали или церемонии од Африка. Слушањето звуци од природата за него претставува музички чин. Ако ја слушнете компилацијата Ocean of Sound, во изборот има снимки од звуци на фоки кои меѓусебно комуницираат, будистички религиозни церемонии, индијански песни. Тишината е подеднакво важна, колку и самиот звук. Бидејќи сè околу нас произведува звуци, тогаш и самата природа понекогаш се претвора во убава музика.

Можеш ли да наброиш одредени музичари, музички стилови, жанрови, кои најмногу влијаеле врз градењето на твојот аудитивен сензибилитет?

Отсекогаш сум бил љубопитен за карактерот на звуците, позадината на музиката – што е тоа што ја инспирирало, односно, кои се животните околности и времиња кои придонеле еден жанр на музика да се појави, да стане популарен, а потоа да падне во заборав. Или, во истиот контекст, нешто старо и заборавено наеднаш да се појави во некој нов контекст, со нова улога. Во слушањето музика постои едно правило, а тоа е: „некој ме насочи, а потоа самиот си открив“. Преку колекциите на моите родители, роднини и пријатели, полека откривав сè што беше популарно, од поп нумери, до рок музика, од класична музика, до џез и фри импров, од амбиентална музика, до необични хибриди. Мојот избор е секогаш емотивен и интуитивен, односно, се раководи според расположението. Во различни периоди од животот имало различни интереси и тие ликови ги имало многу. Тоа е како капка која ќе капне во вода и се раствора на сите страни. Така и мојот интерес се разгранува додека не го превртам секој камен и не ја испитам и почувствувам секоја работа. Затоа купувам многу книги и препрочитувам сè што ќе најдам за секого кој во тој одреден момент ме интересира.

Ненад Георгиевски во разговор со Леонард Коен

Ако има некои луѓе на кои им се навраќам и за кои мојот интерес никогаш не замира, тоа се оние кои во себе ги носат жарот и страста во тоа што го прават и чијашто музика го носи тоа чувство на откривање нови работи. Истовремено, тие нивни дела се како богати крстосници кои ги дефинираат жанрот во кој твореле, но и времињата. Друго што е интересно е што секое ново време фрла поинакво светло врз тие луѓе и дела и, поради тоа, открива нови аспекти на човечката креација. Такви има многу од кој било жанр или епоха: Роберт Џонсон (Robert Johnson) или Мајлс Дејвис (Miles Davis) и Џон Колтрејн (John Coltrane), Ерик Клептон (Eric Clapton) и Led Zeppelin, Дејвид Силвијан (David Sylvian), Битлси, Руичи Сакамото, Joy Division, Леонард Коен (Leonard Cohen), Том Вејтс (Tom Waits), Ник Дрејк (Nick Drake), Френк Запа (Frank Zappa), Џон Зорн (John Zorn), Чарлс Мингас (Charles Mingus), Џон Меклафлин (John McLaughlin), минималистите Филип Глас (Philip Glass) и Стив Рајх (Steve Reich), U2, CAN, Pink Floyd, Орнет Колман (Ornette Coleman), Марк Рибо (Marc Ribot), Кит Џерет (Keith Jarrett), Арво Перт (Arvo Pärt), Kraftwerk, Дејвид Боуви (David Bowie), Брајан Ино, Рај Кудер (Ry Cooder), Dead Can Dance, Talking Heads и многу други. Почнувате од овие големи имиња, за да одите назад или напред и да откривате нови луѓе, издавачки куќи и поджанрови.

Кои видови електронска музика најмногу ги следиш и зошто?

Ако морам да одберам некој поджанр од електронската музика, тоа би била амбиенталната музика. Тоа е како слики преточени во звук, со сета палета на бои и нијанси. Како и во секој жанр, и тука има добри и лоши работи, и тука се јавуваат разни струи коишто го прават амбиентот интересен. Различни периоди си носат свои поистакнати автори, од Брајан Ино, Хародл Бад (Harold Budd), преку Aphex Twin, The Orb, Biosphere, Стив Роуч (Steve Roach), Вилијам Басински (William Basinski), па до Јохан Јохансон (Johan Johansson) или Сакамото. Но, тоа не е единственото. Да не ги набројувам жанровски, ќе речам дека најинтересниот аспект ми е амалгамизацијата и хибридите што се создаваат од различни музики и нивни карактеристики.

Денешната музика е под влијание на многу видови музика, вклучувајќи ја и амбиенталната. Колку е побогата и поинформирана, толку е повкусна и поинтересна. Музиката на современите автори, како Олафур Арналдс (Ólafur Arnalds), Јохансон, Сакамото, Нилс Фрам (Nils Frahm), St. Germain или Макс Рихтер (Max Richter), има влијанија од многу други жанрови и звуци, вклучувајќи ги и електронските. Последните изданија на Роберт Плант (Robert Plant) претставуваат интересни хибриди од светска музика, електроника, британски фолк, рок и сè останато од неговото славно минато. Таа амалгамизација или создавање на хибриди е нешто многу интересно. Тоа што се нарекува експеримент е, всушност, начин да се открие што уште може да се нарече музика. Затоа и ги сакам тие авангардни музичари кои работат измеѓу жанровите – тие прават иднината да ни биде поинтересна, пошарена и понепредвидлива.

Исто така, многу ги сакам музиките кои доаѓаат од скандинавските земји, посебно оние поврзани со Punkt фестивалот, кој го предводат продуцентскиот двоец Ерик Хоноре (Erik Honoré) и Јан Банг (Jan Bang). Таму електронската музика се среќава со импровизацијата и џезот и со некои непоимливи влијанија. Тоа е Live Remix фестивал, каде што, по настапите на сите тие бендови и групи, следува ремиксување на таа музика. Тука своја резиденција имаат Арве Хенриксен (Arve Henriksen), Нилс Петер Молваер (Nils Petter Molvær), Ејвинд Аарсет (Eivind Aarset) и редица други норвешки авангардни музичари и сите тие настапуваат во најразлични комбинации, а веднаш по настапите прават ремикси. Таму настапуваат и со други музичари, како што се Ино, Џон Хасел (Jon Hassell), Дејвид Силвијан, Даниел Лануа (Daniel Lanois), Лори Андерсон (Laurie Anderson), Џон Пол Џоунс (John Paul Jones, басистот на Led Zeppelin). Сите тие честопати ги ангажираат музичарите од тој фестивал за свои снимки или концерти. На пример, на тој фестивал случајно се здружија импровизирачкиот електронски колектив Supersilent со Џон Пол Џоунс. Еден период, многумина од тие норвешки музичари настапуваа и на Скопскиот џез фестивал.

Има еден есеј на Дејвид Бирн (David Byrne) од Talking Heads дека скандинавските земји се првите кои научиле да живеат во хармонија со технологијата и сите тие направи. Таа им помогнала да научат да се социјализираат во моменти на долги и студени зими. Таму биле создадени и првите дискотеки. Тој огранок на џез фузијата на Мајлс Дејвис и Џон Хасел некако се прелеал и затоа оттаму доаѓаат многу интересни хибриди.

Очекував дека, кога-тогаш, ќе го спомнеш Брајан Ино и феноменот на ремиксот. Голем впечаток (поточно, „чуденка“) ми остави една негова изјава од пред 10-ина години (можеби и повеќе), кога предвидуваше дека во иднината слушателите ќе можат сами да ја создаваат музиката која ќе сакаат да ја слушаат. Денес, со развојот на новите, лесно употребливи технологии и со незапирливиот галоп на ремикс културата, ова негово предвидување стана реалност.

Ќе се сетиш на митот од индиската митологија за божицата Кали и нејзиниот деструктивен танц кога одвреме-навреме целосно го уништува овој свет, а потоа од разорените елементи се гради нешто сосем ново. Тоа е еден циклус кој постојано се повторува. Така е и со случувањата во музиката и технологијата или во некоја друга дејност, каде што работите се „преџвакуваат“ и прераспределуваат, за да добијат поинакво значење. За мене тоа е и една од дефинициите за креативноста: врз вообичаените работи да се гледа на поинаков начин. Денес животот е како супермаркет, каде што сè е достапно и си стои на рафтовите. Бираме што сакаме и го комбинираме, за да го добиеме тоа што ни треба. Тоа се случува и во визуелните уметности, не само во музиката. Револуцијата во технологијата и лесната достапност на сите тие апликации и алатки несомнено даваат интересни резултати.

Еве ти уште еден мозочен тизер од Ино: „Компјутерите се супер, само им фали малку повеќе Африка!“ За мене лично, ова беше одушевување, имајќи предвид дека новите технологии се прават според Западните (поп) културни, административни и бирократски стандарди и концепти. Африканците потоа треба да ги извртуваат, за да ги откриваат нивните скриени креативни потенцијали. Впрочем, така настана и преминот на грамофонот од машина за пасивно слушање музика, во средство за пресоздавање/миксување на музиката. Тука муабетот, се разбира, може да се прошири и во контекст на афро-футуризмот (Sun Ra) и како црнечката култура влијае врз откривањето на, условно кажано, хуманите потенцијали на новите технологии поврзани со електронската музика.

На оваа изјава лесно се надоврзува и неговата легендарна: „Почитувај ја својата грешка како скриена намера“. Овие две изјави се однесуваат на вдахнувањето карактер и човечки дух во она што се создава преку неочекуваното. Тоа не се однесува толку на создавањето музика која е чудна и некомуникативна, чисто заради ефект, колку на создавањето нешто со карактер. Тоа е размислување кое оди надвор од вообичаените калапи, методи, техники и пристапи. Импровизацијата е главна одлика, како и партизанскиот начин на работење, каде што сè може да се искористи, со цел да се создаде нешто ново. Компјутерите обично сугерираат и наметнуваат одреден начин на создавање музика, кој го отфрла непредвидливото, а Африка е сè само не предвидлива. Тоа значи користење на технологијата на начин на кој таа не била првично замислена, полно со субверзивни размислувања и многу забава. Тоа е карактеристично за Ино, кој е голем мислител и двигател и е заслужен за многу револуции и случувања во музиката и културата на глобално ниво. Такви ликови, кои го прават тоа има многу, но ќе ги спомнам неодамна починатиот Холгер Шукај (Holger Czukay) од CAN и Алекс Патерсон (Alex Paterson) од The Orb. Тоа што тие прават или правеле претставува еден диверзантски начин на работење, којшто овозможува да бидат различни од останатите.

Пренамената на грамофонот од средство за слушање музика во музички инструмент е убав пример за диверзија и гледање на работите од поинаков агол. Не верувам дека младичот кој прв почнал да скречува имал јасна претстава дека отвора еден сосем нов свет, но сигурно е дека тоа е едно од најголемите откритија. Тоа оди во правец на идејата на Џон Кејџ (John Cage) дека сè што може да создава звук може да се искористи како инструмент. Grandmaster Flash е верувам првиот кој го согледал неговиот потенцијал и прв кој имал хит со скречување. Бил Ласвел (Bill Laswell) е следниот по него. Некаде во тоа време се има случено познатото затемнување во Њујорк, кога, поради снемување струја, луѓето тргнуваат во масовни грабежи и многу музичка опрема се има најдено на улица. Ете ги почетоците на хип-хопот.

Пример за тоа е, не само грамофонот кој го спомнуваш, туку и еден сега глобално раширен инструмент, каков што е гитарата. Таа била релативно непознат инструмент на почетокот на XX век. Дури и првите модели на електрични гитари претставувале само погласни варијанти на акустични гитари, кои музичарите како Чарли Кришчн (Charlie Christian) и Т-Боун Барнет (T-Bone Burnett) ги користеле за да се чујат кога свиреле со големи оркестри. Но, кога доаѓаат во рацете на луѓе како Клептон, Хендрикс, Пејџ, Меклфлин, Бек, дури тогаш гитарата станува вистински електронски инструмент, со сета палета на можности и комбинации кои ќе го одбележат XX век. Тоа што може да се направи со овој инструмент не останало ограничено само на овие луѓе. Исто како што сега имаме интересни и иновативни диџеи и електронски музичари од разни краишта од светот, дали со пар грамофони или лаптоп, и тоа во контекст кој е далеку од Њујорк или Лондон, така и гитарата видела пристапи кои, иако биле под влијание на гитаристи како Хендрикс, исто така, го превртеле светот на музиката наопаку и тоа неколку пати. Стив Тибетс (Steve Tibbets), Влатко Стефановски или Виетнамецот Нуен Ле (Nguyen Le) се некои имиња, на кои сега можам да се сетам, каде што инструментот го искористиле во сосем нов контекст, со некои незападни културни влијанија и создале свои „хибриди“ на начин на кој диџеите како Талвин Синг (Talvin Singh) или брејкбит дуото Joi го правеле истото со музиката од нивната родна Индија. Ова е можеби најевидентно во Африка. Гитара нема потекло од Африка, но е најентузијастички прифатен инструмент на тој континент и секое ќоше има свој уникатен и препознатлив стил, каде што повеќето луѓе немале толку допир со популарната музика од Западот. Тоа се менува со новите генерации и се создаваат нови хибриди кои се враќаат назад од каде дошле (Али Фарка Туре [Ali Farka Toure], Tinariwen, Bombino, Бубакар Траоре [Boubacar Traore]). Нема крај на иновативноста и пристапите.

Прашањава бараат опсежни одговори кои допираат различни теми, а не се лесни за спојување во една целина. Ова бара цела една книга за да се одговори детално. Црнечката култура отсекогаш предничела, иако постојано била во подредена и угнетена положба. Тоа е објаснето и опишано до најболни детали во култната книга на Амири Барака (Amiri Baraka), Народот на блузот (Blues People). Тоа се тие иронии на животот каде што животите на црнечките робови, кои се броеле во милиони, биле исполнети до самото дно со бол, страдања и смрт, на светот после за да им подарат блуз, џез, фанк, госпел, рокенрол, a подоцна и хип хоп и техно. Тоа е одраз на ингениозноста и душата на тие луѓе, при што емоциите и животните околности се претвораат во нешто што го слави животот и ги отсликува емоциите со кои сите насекаде во светот можат да се препознаат. Сите тие музики се резултат на средби помеѓу Европа и Африка. Не дека Африканците сакале да се случи тоа, нели?

Што се однесува до блузот, по плантажите каде што работеле робовите, главни чувари биле Ирците кои котирале ниско во вредносниот систем на белците во Америка и за време на веселбите по работничките кампови се мешале стари ирски и шкотски фолк песни, со тие на црнците (на кои им било забрането да користат перкусии). Блузот е роден благодарение на тие средби. Слично и со џезот, кој претставува средба со различни култури и слоеви, но во една урбана средина, каков што бил Њу Орлеанс. Тие средби продолжуваат да се случуваат. Фанк музиката на Џејмс Браун е инспирирана од хајлајф (highlife) музиката од Нигерија, а Браун честопати патувал таму на тие забави и концерти. Такви средби меѓу културите има и денес: неодамна починатиот Вилијам Ојнабур (William Onyeabor) и неговите синтисајзери, потоа Mbongwana Star во современата електронска музика.

Минималистите како Стив Рајх и Филип Глас, исто така, биле инспирирани од африканската музика и џезот. Неодамна и Kronos Quartet снимија извонредно издание со Trio Da Kali од Мали. Ова се само неколку примери. Да не заборавиме на влијанието на Kraftwerk врз хип хопот и раната техно музика од Детроит. Тоа што се случува претставува размена на информации и технологија, а со тоа и музика настанува по пат на трговија или емиграција. Интересите се тие што ги диктираат околностите во кои се создава одредена музика или култура. Така е и во Македонија.

Интересно е што го спомнуваш Sun Ra, чиј филм Брат од друга планета (Brother from Another Planet) ќе го прикажуваме на Скопје Синема Сити подоцна во текот на годинава. Чудна е неговата музика и неговите креации со сета одежда и митологија. Покрај таа црнечка гордост и црнечка еманципација, тука се работи и за гледање кон иднината. Тој е афро-футурист или афронаут – комбинациите со неговата појава се бескрајни, и тој создава некаква футуристичка музика, од некое општество, од некој крај, од галаксија која многу се разликува од средината во која израснал (крајна сиромаштија, расизам, криминал, сегрегација). Тој бил пионер на новите технологии и звуци и уште во средината на 1950-те години, прв почнал да користи синтисајзери и клавијатури кога единствените кои знаеле дека такво нешто постои биле универзитетските професори. Sun Ra првично произлегол од ерата на класичните биг-бендови, за да почне да создава авангардна музика која во голема мера била целосно незабележана од џез естаблишментот, сè додека не станал многу популарен. Погледнете го неговиот филм Вселената е местото (Space Is the Place), кое претставува визуелно ремек-дело и по малку наликува на треш култура. Всушност, тоа е дел од стрип културата од тоа време, поврзана со црнечките движења за еманципација и рамноправност. Неговиот оркестар или Arkestra настапи и на Скопскиот џез фестивал во 2000 година, со Маршал Ален (Marshall Allen) како предводник. Иако неговата музика тешко наидува на поширок прием кај луѓето поради својата природа, сепак, тој е важен автор. Тој е уште еден од тие аутсајдери, кои на свој начин си го трасирале патот на потешкиот начин. Одвреме навреме ќе се изнедри по некој таков аутсајдер кој има целосно поинакво гледање на работите.

Црнечката култура е во голема мера основа за сè што се смета за популарна култура. Таа и натаму е главен извор и двигател во еден процес кој продолжува.

Ајде сега малку за твојата книга-првенец: Музика и муабети, издадена 2016 година. Како дојде до идејата за составување книга на интервјуа со музичари?

Идејата за книгата постоеше многу долго пред таа да биде објавена. Изборот беше направен од интервјуата кои ги правев во опсег од 15 години работа во музичко-новинарската професија. Отсекогаш сум ги сакал тие блиски средби со авторите кои од прва рака раскажуваат за нивните искуства. Отсекогаш повеќе сум ги ценел авторите на книги кои биле директно поврзани со круговите блиски до темата. Во својата колекција имам неколку такви книги на интересни автори и новинари, а понекогаш и музичари, кои имаат објавено слични книги. Ќе набројам неколку примери: Зборувајќи за музиката (Talking Music) на композиторот Вилијам Дакворт (William Duckworth), потоа Заобиколни стратегии (Oblique Strategies, колекција на интервјуа со Брајан Ино), Светлина и сенка: разговори со Џими Пејџ (Light and Shade: Conversations with Jimmy Page) на Бред Толински (Brad Tolinski), Слушни го ова (Listen to This), колекција од есеи и интервјуа на музичкиот критичар Алекс Рос (Alex Ross), од магазинот Њујоркер (The Newyorker).

Идејата да се собере еден дел од сите тие интересни и впечатливи средби и да се преточат во една книга постоеше одамна, но причините и мотивите со текот на времето се менуваа. Тие интервјуа се како фотографии од моментите кога сум се среќавал со тие луѓе, а разговорите допирале теми кои биле поврзани со нивната работа, но и со нивните интереси. Бидејќи животниот пат ме носеше да работам за разни медиуми надвор од Македонија, сите тие интервјуа делуваа малку раштркано. Верував дека кога би се собрале во една книга, би се добило една богато четиво, полно со искуства, приказни, имиња, кое би послужило како забава и едукација, но и како основа за натамошно истражување.

Денес сум татко на три деца и, од почетната идеја дека овие разговори би биле интересни за секого, дојдовме до тоа дека и на моите деца ќе им треба нешто што би им помогнало во нивното образование. Исто така, новинарството е апстрактна работа и на овие простори тоа лесно испарува. Навистина не сакав да исчезнат сите тие разговори и средби, бидејќи сметам дека сите тие луѓе и нивните размислувања се интересни, забавни и поучни.

Бидејќи се работи за различни музичари, од најразлични жанрови и простори, изборот беше како кога диџеј пушта музика и притоа внимава на темпото и на природата на музика, па така едно интервју води кон друго, кое е слично по природа и темпо со своите амплитуди на динамика. Почнува со Баба Зула и Љубојна, кои се етно-музички ориентирани, па преку Бил Ласвел и Дејвид Силвијан, продолжува со Стив Роуч (кој спаѓа во трајбал амбиент), се насочува кон Питер Хук (Peter Hook од New Order и Joy Division), а завршува со Кирил Џајковски, Виџеј Ајер (Vijay Iyer) и Мирослав Тадиќ. Книгата има 40 интервјуа и наликува на еден живописен архипелаг од приказни и луѓе кои се меѓусебно поврзани на еден или на друг начин.

Дали е тешко да се стапи во контакт со сите тие музичари и да се согласат на така екстензивни интервјуа? Ова го прашувам, зашто претпоставувам дека сите тие имаат набиена агенда и секојдневни обврски.

Интервјуата спаѓаат во доменот на промовирање на изданија, концерти, книги, турнеи, случувања. Тоа спаѓа во описот на нивната работа. Се разбира, сето тоа зависи од односите коишто тие ги градите со луѓето кои работат за нив (од издавачката куќа, односите со јавност, личните асистенти). Понекогаш е лесно да се стапи во контакт и да се добие интервју, а понекогаш не. Понекогаш имате многу време за разговор, а понекогаш многу малку. Понекогаш тоа трае 5 минути, а некогаш 55 минути, но, во секој случај, времето што ви е на располагање морате да го искористите најдобро што можете. Понекогаш е лесно, но честопати знае да биде и тешко. Ете, мене ми беа потребни 13 години, за да го реализирам интервјуто со продуцентот и музичарот Даниел Лануа, од моментот кога за првпат го контактирав за интервју. Тоа е човекот кој е продуцент на најпопуларните изданија на U2, Питер Габриел (Peter Gabriel), Боб Дилан (Bob Dylan) и многу други. Понекогаш „скапувате“ од чекање со саати. Но, тоа спаѓа во описот на работното место на оваа професија.

Нашите читатели би ги интересирало да дознаат нешто повеќе за интервјуата со музичарите кои се поврзуваат со електронската сцена: Бил Ласвел, Џон Хасел, Роб Гарза од Thievery Corporation, Пол Хартнол од Orbital, Стив Роуч… Има ли некои пикантерии од разговорите со нив? За какви личности станува збор? Какви се тие за комуникација?

Овие разговори што ги наброја беа многу лесни и интересни. Интервјуто со Бил Ласвел испадна сосем случајно: се спријателив со менаџерката на познатата група од Мароко, Master Musicians of Jajouka, кои често соработуваат со него и, во разговор, ми спомна дека мора да оди на состанок со Бил Ласвел. Ѝ реков дека човекот котира високо на мојата листа за интервјуа и, за многу кратко време, добив потврден одговор за интервју и тоа беше еден убав и долг разговор со него преку Скајп. Џон Хасел имаше настап на Белградскиот џез фестивал во 2006 година, во иста вечер заедно со Дејв Даглас (Dave Douglas). Се сеќавам дека не сакаше да одговара на вообичаени прашања, на кои претходно одговарал. Затоа, интервјуто отиде во друг правец, кон теми кои навлегуваат подлабоко во неговата работа. Дури спомна дека искористил еден семпл од некој реге музичар без одобрение во некоја од неговите песни, но подобро да не ширам премногу околу тоа. Пол Хартнол (Paul Hartnoll), во тој период, имаше убав настап на Скопското Кале со Orbital. Кога тој ден го правевме интервјуто во Градскиот парк го забележавме Chuck D од Public Enemy (кој настапуваше на истиот фестивал, „Скопје Гори“) и Пол изрази желба дека ептен би сакал да соработува со него. Роб Гарза (Rob Garza) имаше соло настап на фестивалот „Теранео“ во Шибеник, а интервјуто се случи веднаш откако завршија настапите на ѕвездите на фестивалот, My Bloody Valentine, Gang of Four и Calexico. Сите тие луѓе беа пријатни за разговор, бидејќи интервјуто го сфаќаат како составен дел од промоцијата на она што го работат. Со ниту еден соговорник досега не сум имал некакви непријатни искуства. Напротив.

Критиката претставува исклучително битна рефлексија за состојбите во уметностите. Кај нас дури од неодамна се отворија некои веб портали кои вклучуваат критика на музички изданија (Electronic Beats МК е еден од нив). Дали е тоа причината поради која се реши да станеш соработник на веб порталот за џез музика AllAboutJazz – имено, зашто македонскиот медиумски простор не ти нудеше соодветна платформа за тоа?

Многумина работата на новинарот ја сфаќаат само како некој кој треба да каже дали ова е добро или лошо. Тоа е само еден мал дел од она што е опфатено со оваа работа. Првенствено треба да се покаже дека имате разбирање за темата на која се нафаќате. Секој може да каже дека нешто му се допаѓа или не, но моја работа е да ги препознам работите што некое дело, без разлика дали е филм, книга или музика, го прави да биде успешно, добро или лошо, неуспешно, недоволно реализирано, но и дали тоа содејствува со времето во кое живееме. Треба да се наведат фактите и информациите врз кои се базираат вашите гледишта и тие даваат кредибилитет на тоа што ќе го напишете, позитивно или негативно.

Не знам дали би се согласиле со мене, но новинарите, како и организаторите на концерти на настани, диџеи и водители наликуваат на музејски кустоси, кои од мноштвото информации и случувања со кои сме преплавени, ја прават селекцијата во однос на она што заслужува внимание, а што не.

Мислам дека веб порталите се иднината на новинарството. Тоа се гледа во брзината на презентирањето на информациите, трошоците за нивно одржување се мали и преку нив се допира до повеќе читатели, во споредба со печатените медиуми, барем што се однесува на Македонија, каде што повеќето релевантни медиуми, за жал, испарија. Electronic Beats МК е еден од малкуте кои гледаат напред, што се однесува до содржините кои се претставуваат. Тој е насочен кон електронската музика и клупската сцена за читатели кои се интересираат за таа сцена. Покрај вообичаените работи што би ги прочитале на еден музички сајт, како што се музички рецензии, има и ред други содржини кои овој сајт го прават интересен – од историја на електронската музика и авангардни ликови како Полин Оливерос (Pauline Oliveros), до теми како што се опрема, миксови, музичари. Не се избегнуваат ни домашните диџеи и издаваштвото, како и настапите на клупската сцена. Тоа ја покажува ширината на интересите во оваа област.

Порталите кои се занимаваат со културата се насушно потребни во Македонија и тие се подеднакво битни актери во создавањето на една жива, активна, разновидна и динамична културна сцена. Колку повеќе ги има, толку подобро.  Тоа што е најважно е добриот избор на новинари кои, со својата работа, ќе си се изборат за кредибилитет и место. Во тој синџир на исхрана во музичката индустрија, новинарите се тие кои први ги преџвакуваат и вреднуваат производите пред тие да стигнат до слушателите. Тие ги снабдуваат со информации и мислење. Тоа е она што нè чека во овој пост-период, каде што на новинарството генерално му е потребен еден „ремикс“, покрај реанимација.

All About Jazz беше желба да се обидам во подлабоки новинарски води и сега навлегувам во 15-тата година како соработувам со нив. Како фриленсер, човек се обидува да оствари редовни и долги соработки со разни медиуми, бидејќи не се знае кога нешто ќе згасне. Од друга страна, во Македонија мојот профил е речиси непостоен и затоа новинарските активности почесто ги остварувам во други земји.

Како е да се пишува (и тоа на англиски јазик) за толку влијателен сајт? Сигурен сум дека ти отвори нови перспективи во односот музика-пишан збор.

Апсолутно. Јас сум дипломиран професор по англиски јазик, но никогаш не сум имал некоја голема желба да пишувам на англиски јазик. Работите сами се наместија така. Себеси првенствено се сметам, прво за читател и слушател, бидејќи уживам во читањето и слушањето музика. На почеток сум љубопитен во врска со работите. Кога почнав да соработувам со нив, на мене првенствено гледаа како на освежување, бидејќи внесов теми од друга локација, поинаква култура. За нив беше интересно да се присутни теми за музичките достигнувања од овие простори, бидејќи македонските работи ги правиме на свој начин. Во тоа време, на самиот почеток, актуелни беа Project Zlust, Александар Пејоски, Влатко Стефановски со Мирослав Тадиќ, Калдрма, за, со годините, изданијата на нашите бројни групи да бидат рецензирани и претставувани таму: од Гоце Стевковски, Ѓорѓи Шарески, до Кирил Џајковски, Љубојна и редица други.

Има едно правило во шахот кое вели дека таа игра се учи само кога се игра со подобри играчи. Не беше лесно да се постигне пишувањето на нивото кое тие го бараат, барем не на почетокот. Имаше и критики, за да се добие подобар резултат. Имате соработка со повеќе уредници, чија работа е вашиот труд да го доведат до ниво кое нема да заостанува зад другите. Нивната работа е да ви помогнат да си ја сфатите работата пред да почнете да пишувате, а потоа, преку сугестии како најдобро да ги реализирате идеите и перцепциите, тие да бидат разбирливи за луѓето кои не знаат каков е контекстот на изданијата кои доаѓаат од овие простори. Што е тоа што е релевантно во оваа музика што доаѓа од нашите простори? Што е тоа што нас нè прави поинакви?

Сето тоа води и кон многу анализи како работат другите и како своите гледишта ги претвораат во одлични текстови, со цел да се одржи одредено ниво. Со годините и со многу труд, и вие растете во поглед на перцепциите и квалитетот на трудот, а сето тоа се одразува со голема читаност.

Нема зборови кои можат да ги опишат длабочината и широчината на англискиот јазик и нијансите кои се доловуваат со таа лексика. Тоа е бунар без дно. Корист од ова имаат многу од македонските изданија, за кои низ годините имам пишувано, бидејќи во ерата на интернетот не постојат рецензии и интервјуа со кои би се нагласило дека постои нешто што се нарекува македонска музичка култура, без разлика дали се работи за фолклор или за современ израз. Затоа многу ми е драго кога нашите музичари си ги користат тие рецензии на нивни изданија или концерти, бидејќи тие се дел од нивниот идентитет во јавноста, како дома, така и надвор.

Сите тие искуства, вкусови, приказни, контакти, интереси, луѓе сега се обидувам да ги донесам на едно поинакво ниво со фестивалот Скопје Синема Сити што го организирам од 2015 година.

Ќе ни го претставиш ли сега тој фестивал кој го организираш на 2 и 3 февруари во Кинотеката на Македонија? Што да очекуваат гледачите од документарците? Документарецот за Kraftwerk ни доаѓа во одличен тајминг, на само три недели од нивниот настап во живо во Скопје. Нешто интересно околу тој филм?

Фестивалот Скопје Синема Сити е фестивал за музички документарни филмови, кој, со секое ново издание, полека го добива обликот на мултимедијален проект кој обединува многу од работите што ме интересираат во музиката. На него гледам, не само како на филмски фестивал, туку како на богата платформа каде што се среќаваат многу интересни работи. Првично, идејата е да се покаже сета широчина и убавина во музиката, преку сите овие теми што се присутни во филмовите. Го гледам и како еден вид музичко списание, со сите тие присутни теми и ликови. Потоа, може да се гледа и како некаков музички фестивал, што е помалку идилично.

Концептот е да се почне со филм кој ќе биде посветен на некој автор, чиј лик ќе го помогне и визуелниот изглед на фестивалот. Првата година тоа беше Дејвид Боуви, а кратко потоа човекот почина, непосредно пред да ги репризираме филмовите за него во 2016 година. Следната година, фестивалот му оддаде почит на Леонард Коен и еден месец потоа и тој почина. За 2017 година, направивме посвета на Kraftwerk и, за среќа, сега на 2 и 3 февруари, кога ќе проектираме филмови од минатата година, тие објавија дека ќе гостуваат во Скопје, па така ова е еден вид промоција и на тој настан.

Самиот филм, Поп Арт (Kraftwerk – Pop Art), е и биографски филм за Kraftwerk, но и за важноста и влијанието коешто овој бенд го имал и сè уште го има врз историјата на музика и сегашните музички случувања, видени низ призмата на реномирани автори, дизајнери, музичари. Поводот за филмот произлегува од тоа што тие денес претставуваат повеќе од голема музичка група и пионери на електронската музика. Тие денес се институција и уметнички проект, кој настапува во реномирани уметнички галерии и изложбени простори и овој филм го прикажува сето тоа. Покрај овој филм, на репертоарот ќе се најдe и филмот за Лиза Жерар (Lisa Gerrard), Засолниште (Sanctuary), кој е снимен за време на нејзината повратничка турнеја со Dead Can Dance и тој, покрај нејзината историја со овој бенд, ја прикажува и нејзината солистичка кариера како автор на филмска музика. Покрај тоа, ќе прикажеме и филмови за Лу Рид и Дејвид Боуви во продукција на BBC.

Што да очекуваме од тебе во иднина? Претпоставувам ќе продолжиш со една од најтешките работи: обидите да го помируваш јазот помеѓу музиката и пишаниот збор кој (залудно) се обидува да ја опише.

Се надевам дека оваа година ќе се случат многу работи. Синема Сити оваа година ќе има четири настани, почнувајќи со тој на 2 и 3 февруари. Тоа го нарековме „четири годишни времиња“, а ова е зимското. Следните случувања се во април, јуни и октомври. Се надевам и на уште една книга со интервјуа, во која добар дел од тие разговори што би се појавиле се претходно необјавени. Нема шанси да пропуштам можност за интервју со некој чијашто музика ја сакам. Оваа година ветува дека ќе има убави нови изданија и фестивали и ќе има пишувања и патувања. Ќе има многу работа.