9 синт музичари коишто го дефинираа Европскиот пост-советски звук

Роден сум во Грузиjската Советска Социјалистичка Република, којашто, кога бев тинејџер, стана постсоветска Грузија. По падот на Ѕидот, станавме малку поповрзани со Западот, но сѐ уште не постоеше можност да се купува музика во продавниците, така што музиката главно се споделуваше меѓу пријателите. Сепак, имаше неколку познати продавници во кои можеше да се појде со празна касета, на која ќе ви снимеа одредени изданија што пристигнале во земјата, како, на пример, најновиот албум на Metallica.

Но, во претходниот период – помеѓу раните 1970-ти и 1990-ти години – поголемиот дел од музиката што излегуваше, беше снимана и издавана во целосна изолација. Од 1964 година, во Советскиот Сојуз имало само една дискографска куќa, Мелодија (Melodiya), која издавала сѐ, од фолк, преку филмска музика, до рок. Била во сопственост на владата, којашто била задолжена за „забава одобрена од државата“. Секоја музика во ГССР морала првин да помине преку нив, да биде одобрена, само за да може да се издаде.

Поради ваквиот строг систем на контрола, не било лесно да се набави музика доколку таа не била издадена од Мелодија. Музичарите морале да ја создадат својата музика на тој начин таа да звучи „нормално“ и да користат текстови коишто ќе ја минат владината цензура. Откако падна Ѕидот, веќе немаше никаква цензура, но не се воспостави ниту некаква музичка индустрија. Тоа го отежна пристапот до андерграундот и поапстрактните звуци, особено затоа што тие сцени не можеа лесно да се лоцираат или да се продаваат, а ни сега не е нешто подобро.

Но, и покрај ваквиот рестриктивен политички и уметнички контекст, неколку музичари создавале иновативна музика. Голем број генијалци користеле синтисајзери, а многу уметници експериментирале и со откачени електронски звуци, како, на пример, Станислав Креичи, Алексеј Борисов, Александар Немтин, Свен Гринберг (Sven Grünberg) и многу други. За овој напис избрав неколкумина музичари коишто најдобро ја отсликуваат музиката која се продуцираше за време на советскиот и постсоветскиот период, како и неколку регионални музичари од поновата генерација. Ова бездруго не се единствените музичари коишто биле активни во тој период, но тие претставуваат олицетворение на една поголема група продуценти коишто ги поместувале границите во експерименталната електронска музика.

Софија Губаидулина, „Vivente – Non Vivente“ (Мелодия, 1990)

Софија Губаидулина беше значајна руска музичарка. Многу сакаше да експериментира со нетрадиционалните методи на производство на звук. За време на советскиот период, многумина експериментални музичари создаваа филмска музика за мошне интересни режисери, па така филмскиот саундтрак ја направи експерименталната музика поприемлива. Губаидулина особено ги користеше инструментите на необични начини. Правеше музички експерименти коишто станаа многу значајни за новата генерација продуценти што се појавија по советската ера. „Vivente – Non Vivente“ e прекрасно мрачна и емотивна нумера.

Едвард Артемиев „Dedication to Andrei Tarkovsky“ (Electroshock Records, 1999)

Едвард Артемиев е познат по тоа што пишувал музика за филмовите на Андреј Тарковски. Тој бил првиот што користел електронски инструменти во советскиот режим и подоцна станал нашироко познат. Артемиев имал платформа за својата музика во Советскиот Сојуз, но и надвор од него, што било резултат на меѓународниот успех на Тарковски како режисер. Бил еден од пионерите на електронската музика и тој претставува еклатантен пример за начинот на кој филмскиот саундтрак одел рака под рака со развојот на експерименталната музика за време на советската ера.

Олег Булошкин, „Sacrament“ (Electroshock Records, 1999)

Олег Булошкин, исто како Губаидулина и Артемиев, снимал музика на АNS синтисајзер, што, всушност, е фотоелектронски инструмент создаден од рускиот инженер, Евгени Мурзин. Овој синтисајзер е измислен како резултат на технолошките изуми поврзани со снимањето графички звуци во кинематографијата. Новиот АNS синтисајзер овозможил да се добие визуелна слика од звучен бран и да се синтетизира звукот од спектограмите на графичкиот звук. Песната „Sacrament“ претставува блескав пример за примената на оваа технологија.

Валентина Гончарова, „Dance of Shiva“ (Leo Records, 1989)

Валентина Гончарова е родена во Украина, а потоа се преселила во Естонија. Сѐ уште е активна. Гончарова има творено во голем број различни правци како фри џез, класична и камерна музика. Проучува и несекојдневни електро-акустични звучни техники.

NSRD, „Tibetiešu Dziesma/Osendovskis/Ķinā Esmu Bijis Es“ (Seque, 1985)

NSRD е акроним чиј превод гласи „Работилница за реставрација на непочувствувани чувства“. NSRD беше група од Летонија која се занимаваше со музичка, видео и изведбена уметност и која создаваше бројни интересни уметнички настани, од кои највпечатлив беше Transwelt Telefon Konzert од 1988 година. NSRD не беше само ансамбл, туку група на разни музичари, визуелни уметници, архитекти и фотографи. Нивните албуми беа достапни само во ограничен број на магнетни ленти.

Children’s Medicine, „შედიხარ ტყეში“ (непознат издавач, 1992)

Песнава е на Children’s Medicine, група составена од Иракли Чарквиани и Дада Дадиани. Двајцата музичари имаа огромно влијание врз грузиската андерграунд музика. Кога песната ја слушам сега, таа не звучи толку откачено и ново, но во постсоветските времиња ваквиот звук беше посебен. Нивниот текст и музика претставува олицетворение на саундтракот на постсоветската ера од раните 1990-ти години.

Никакои и Ника Кочаров „Пачка Сигарет (Kino Cover)“ (непознат издавач)

Во песнава се вклучени интересни музичари. Оригиналната песна е на култната руска група, Kино, и нивниот пејач Виктор Цои. Кино постоеше само неколку години, а најголемата слава ја постигнаа во 1986 година. Тие веројатно беа најуспешниот бенд во Советскиот Сојуз, поради политичката природа на нивните текстови и временското совпаѓање со Перестројката – движењето за реформи во Комунистичката партија. Како резултат на тоа, групата успеа да допре до поновите генерации, како Никакои, којшто ја направи оваа преработка и ремикс. Никакои беше пионер на електронската музика во Грузија и веројатно најпознатиот грузиски експериментален музичар од раните постсоветски години. Музиката ја издаваше под капата на германски дискографски куќи, како WMF и Laboratory Instinct.

KP Transmission, „Ranenaya Zmeya“ (Klammklang Tapes, 2016)

Поради можноста музиката да се снима во домашни студија во кои нема ретка и скапа опрема, сѐ почесто се појавуваат нови музичари на источноевропската сцена. Неколкумина од тие уметници навистина ми го привлекоа вниманието, како, на пример, КP Transmission со нивниот лоу-фај индустриски звук.

Chikiss, „Baby, Bye“ (Not Not Fun, 2017)

Уште една неверојатна музичарка од новата генерација е Белорусинката, Чикис (позната и како Галина Озеран), која живее и работи во Берлин.

Чикис е дете на советската научна фантастика и нејзиниот звук е обоен со избледената слава на верзиите за иднината коишто никогаш не се исполнија. „Baby, Bye“ е едно од најубавите музички дела што сум ги чул во последно време.

Тука можете да го купите дебитантското издание на дискографската куќа на Иракли Кизирија, Intergalactic Research Institute For Sound.

Прочитајте повеќе: Осум значајни продуценти од електронската андерграунд музика во Тбилиси