The Future Sound of London – FSOL:Digitana (The SX-One Live Improvisations) (4.1)

Камелеонството во музиката (а и во останатите уметности) претставува лизгав терен. Во едни случаи, континуираната потрага по нови модуси за себеизразување може да резултира со исклучително изненадувачки, стимулативни и квалитетни изданија. Веројатно најубедлив пример во однос на овој позитивен тренд на потребата од постојани промени е џез грамадата Мајлс Дејвис, кој беше ретко љубопитен соничен скитник. Од крајот на 1940-тите години (кул џезот), крајот на 1950-тите години (модалниот џез), крајот на 1960-тите години (џез-фанк-рок психоделичната фузија), па сѐ до неговиот последен албум, во 1991 година (спој на џез и хип хоп), Дејвис успеваше (главно успешно) да инкорпорира разнородни елементи во својата музика и, на тој начин, таа постојано да биде витална и свежа. Се разбира, постои исто толку убедлив контрааргумент од областа на постмодерната популарна култура. Успехот на Мадона се должи на истиот хибриден принцип. Главната причина поради која нејзината кариера опстојува со децении е способноста да се прилагодува на континуираното менување на трендовите. Таа ја претставува онаа регенеративна карактеристика на популарната култура, која нејзе ѝ овозможува постојано да го врти тркалото на репродукцијата на капиталот.

The Future Sound of London веќе 25 години се обидуваат да го применуваат пристапот на Мајлс Дејвис. Почнаа со денс ориентирано техно и хаус (Accelerator, 1991 година и Earthbeat, 1992 година), па нагло свртeа кон амбиент (Lifeforms, 1994 година), потоа преминаа на IDM и трип хоп експерименти (ISDN, 1995 година), а FSOL името го ставија во мирување со дистопискиот илбиент (illbient) звук на албумот Dead Cities од 1996 година. И потоа настапи најрадикалниот пресврт во кариерата на Гери Кобејн (Garry Cobain) и Брајан Дуганс (Brian Dougans). The Amorphous Androgynous беше новата инкарнација на FSOL и таа се потпираше на радикално потиснување на електронските елементи, за сметка на еден крајно психоделичен и далеку пооргански пристап кон нивната музика. Резултатот од тоа беа три студиски албуми и четири диџеј микс албуми.

Оваа кратка рекапитулација на различните промени во нивната кариера може наједноставно да се рекапитулира со следнава зачуденост на Кобејн: „Зошто сите, почнувајќи од локалните пиљари, до списанијата, се продаваат себеси? Зошто не продолжуваат сами натаму? Зошто не се менуваат, за да продолжи да им биде важно она што го прават?“ Ова Кобејн го има изјавено во 2009 година, кога тој, заедно со Дуганс, повторно го реактуелизираа името FSOL. Во тој период започнува нивното копање по сопствените музички архиви (што резултираше со осум изданија од серијалот From the Archives), објавување заташкани албуми (комбинации од стари композиции, демо снимки и нов материјал: серијалот Environments) и, почнувајќи од Environment Five во 2014 година, објавување албуми со целосно нова музика. Оваа нова музика се навраќа на стариот звук на FSOL: интроспективна, мрачна, меланхолична соничност, која, наместо да се ограничува на форматот песна, има за цел да ве поведе на патување во кое треба да се нурнете, за да можете соодветно да го искусите звукот. Во време кога етаблираните електронски музичари сѐ повеќе кокетираат со поп менталитетот во создавањето музика, па едвај „вадат“ албуми на секои две до три години, ваквата хиперпродукција на FSOL се базира на еден отворен, експериментален пристап кон музиката, најсвојствен за џез пристапот кон импровизацијата, разбрана како стожер на музичката креативност. – Ако постојано импровизираш, или ќе снимаш по 10 албуми годишно, или воопшто нема да ги издаваш!

Каде влегува во оваа приказна последниот албум на The Future Sound of London, FSOL:Digitana (The SX-One Live Improvisations)? Производителот на електронска музичка опрема, Digitana Electronics, во соработка со Кобејн и Дуганс, дизајнираше самостојна верзија на EMS Synthi Expander синтисајзерот. Резултатот беше SX-One Stand Alone Expander. Производот е претставен на каверот на албумот, а и самото негово име (Импровизации во живо на SX-One) упатува на она што треба да го очекувате од овој албум на FSOL.

Да видиме за какви импровизации станува збор. Три од четирите композиции на албумот се долги амбиентални теми. Во првата, „Xertz“, се слушаат мистериозни, амбиентални клокотечки звуци, потоа, кон средината, темата се здобива со пулсирачки ритам, кој добива на драматичност кон крајот. Импровизацијата треба да ве одведе на едно патување според сензибилитетот на вашата моментална фантазија. Кој би можел да знае каде би било тоа?! „Optograms“ е амбиент кој започнува со многу потопли синтисајзери, збогатени со благопријатни звуци од „кој-знае-какви“ дрвени дувачки инструменти, додека во заднина се наслушува шушкање на инсекти и црцорење на птички. Отсечниот, строг ритам кон крајот повторно влегува во благо пулсирање, но, овојпат, тој како да има за цел многу понасочено да ви го контролира патувањето – она на што FSOL инсистираат уште од Lifeforms. „Origin Flows“ е најдинамичната нумера на албумот и таа, покрај урбано-амбиенталниот (илбиент) призвук кој во себе го содржи, е најмногу погодна за користење во диџеј сетови на журки. Можам само да замислам како некој ремикс на Om Unit, Pinch или на Mumdance оваа нумера би ја претворил во уште пожесток, подиумски-ориентиран денс „ѕвер“. Воедно, оваа тема, по сензибилитет до сега (последниве 20-ина години) најмногу се приближува до најголемиот еуфоричен брејкбит хит на FSOL, „We Have Explosive“. Албумот го затвора 15-минутната „Minimally Conscious“. Како што сугерира и нејзиното име, оваа импровизација треба да ја ослободи свеста од секојдневните дистракции, за потоа, „минимално свесни“, да можете да се оддадете на истражување на потенцијалите на потсвеста. (Премногу оптимистички за денешната сетилна презаситеност? Не знам, обидете се!) Токму затоа, нејзините хипнотички, „спирално продупчувачки“ дилеј/ехо ефекти имаат за цел да ве поведат на патување во внатрешноста на вашата глава. Но, во ова прекрасно финале на овој одличен албум забележлив е уште еден момент, поточно, асоцијација. Патувањето кое „Minimally Conscious“ го иницира неодоливо потсетува на одредени мрачни теми од музиката за филмот Блејдранер 2049 (Blade Runner 2049), за која се погрижија Ханс Цимер (Hans Zimmer) и Бенџамин Волфиш (Benjamin Wallfisch). Што воопшто и не треба да е изненадувачко, во однос на претходно констатираното, зашто и во тој филм идеја-водилка беше откривањето на она што се крие зад програмираната свест на репликантите и дали тие можат да се еманципираат од таа нивна предиспозиција. Дали, доколку свеста доволно успешно ја „хакирате“, таа ќе ве награди со откривање на внатрешни светови, за кои не сте ни помислувале дека можат да постојат? Ова е, во основа, идејата на FSOL на крајот на албумот. Со тоа завршува нивното, а почнува вашето патување. Среќен пат!

Тука можете да видите и слушнете сегмент од импровизација од последната тема на албумот, „Minimally Conscious“.