Водич со 11 траки на Алесандро Адријани за изместениот синт звук на италијанската филмска музика од 70-тите

Уметникот и кустос се сеќава на звуците што ги инспирирале неговите уникатни продукции и диџеј сетови.

Последните две години, сопственикот на Mannequin Records, Алесандро Адријани, стана познат по својата уникатна, lo-fi интерпретација на wave-driven техното преку своите продукции, диџеј сетови и музички изданија. Но, пред да започне со сè почестата и редовна посета на клубовите и фестивалите, тој првенствено работеше како кустос со длабоко и енциклопедиско знаење на опскурната музика од различни декади. За да го одбележи својот претстоен албум и ЛП издание што ќе излезат на Stroboscopic Artefacts на 17-ти мај, беспрекорниот селектор и уметник направи плејлиста од 11 нумери од италијанската музичка библиотека – сите направени за да се користат на оригиналниот саундтрак на италијанските филмови во 1970-тите – кои директно го инспирирале неговиот носталгичен звук во кој доминира синтисајзерот. Подолу можете да ги погледнете сите.

 

Cinecittà беше италијанскиот Холивуд во 60-тите, 70-тите и 80-тите години, а композиторите на филмска музика кои работеа таму отсекогаш ми беа голема инспирација. Некоја мрежа или студио што снимаше документарец ќе контактираше со некоја издавачка куќа што имаше музичка библиотека и ќе побараше оригинални песни или музички амбиент. Ослободени од притисокот за комерцијално издавање на музиката, композиторите на филмска музика експериментираа во студијата, снимајќи часови и часови фанки џез, чудна амбиентална музика, експериментален поп и психоделична музика на синтисајзер. Во продолжение се дадени некои од продукциите што произлегоа од нивните студиски експерименти и тие се исто толку моќни денес како што беа и пред речиси 50 години.

M. Zalla (Piero Umiliani), “Produzione” (Schema 1973)

Ова е еден од многуте псевдоними на Пјеро Умилијани за делата од неговата музичка библиотека и за филмска музика. Годината е 1973 во Италија. Главен предвесник на техно звукот од Детроит.

Giuliano Sorgini , “Ultima Caccia” (Ricordi 1974)

Композиторот и клавијатурист Џулијано Соргини е еден од најталентираните италијански уметници за музички библиотеки. Тој направи многу чудна филмска музика за наци-хорор филмовите, како на пр. „La Bestia in Calore“. „Ultima Caccia” од 1974 година е психотична афро-џез трка низ џунглата. Избегај или умри.

Carlo Savina, “Tibet” (Ring 1977)

Ставете го еден од најпознатите италијански диригенти на оркестар во просторија со модуларни синтисајзери и аналогни секвенсери. Гордост на Боб Муг.

Alberto Baldan Bembo, “Nitrogen” (Star Track 1982)

Само мал чекор го дели од неговите поп-екскурзии како пејач („Aria“) до оваа експериментална самба на која доминира звукот на Korg KR-55 од 1982 година.

Egisto Macchi, “Camere Anecoiche” (Gemelli 1971)

Без двоумење мојот омилен италијански композитор за музички библиотеки. Како дел од неверојатната Gruppo di Improvvisazione Nuova Consonanza, Маки го издаде ова парче неверојатна експериментална музика со дронови во 1971 година на ЛП плочата „I Futuribili“. Ги жалам сите што се појавија по него.

Giampero Boneschi, “Retiredly” (CAM 1974)

Насловот на ова ЛП издание од 1974 година кажува сè: „Нова сензација преточена во звук (Новиот звук на гласот)“. Измиксајте речиси нечуен секси поп глас под фантастична апстрактна надреална музика. Неописливо.

Alessandro Alessandroni, “Stozzatrice” (Octopus Records 1976)

Првично објавен во 1976 година, a неодамна реиздаден од Dead-Cert Home Entertainment на Енди Вотел, Industriale на Алесандро Алесандрони е едно од првите индустријал изданија, како што го замислуваме денес. Експериментална пулсирачка бас линија преку гласна стерео гитара. Во случај да се прашувате, да, тој е оној што свирка на најпознатите дела на Енио Мориконе. Легенда.

Stelvio Cipriani, “Death Watch” (Un’Ombra Nell’Ombra OST 1979)

Неодамна починатиот маестро Стелвио Циприани секогаш претставува чиста љубов за моите уши. Тука имаме копање во една пулсирачка чудна тема за хорор класика со синтисајзер и бас, што потсетува на некои бегства на Фабио Фрици и Нико Фиденко. Преземено од VA – Electronic Sound LP, 1980 година.

Gianni Mazza, “Senza Prospettive” (Fly Records 1971)

 

Познат по своето постојано присуство на италијанската телевизија, Џани Маца е многу повеќе од тоа. Земете ја за пример оваа трака со тремоло гитара, фантастична бас линија и бавно удирање со ѕвоно, како да нема утре. Преземено од Thrilling LP, 1971 година.

Gianni Safred and His Electronic Instruments, “Last Rain” (Music Scene 1978)

Џани Сафред ги користи своите електронски инструменти за да ја создаде оваа драматична тема пред да се појави Blade Runner. Од Futuribile—The Life to Come.

Pietro Grossi, “Visioni di Vita Spaziale” (Cooper Records 1967)

Уште еден додаток лично од мене, 11-тото посебно признание оди кај Пиетро Гроси. Пионер на компјутерската музика, визуелен уметник и хакер пред своето време. Тој започна да експериментира со електронските техники во Италија во раните 60-ти. Како што еднаш кажа самиот тој, „Едно музичко парче не е само (уметничко) дело, туку е и едно од многуте ‘дела’ што можат слободно да се трансформираат: сè е привремено, сè може да се промени во кое било време, идеите веќе не се личнa сопственост, тие се отворени за секое решение, секој може да ги користи“. Годината е 1967-ма, а ние сè уште не сме слетале на Месечината. Но, тој слета.