Големата изложба на Леонардо да Винчи во музејот Лувр во Париз

Words by Ненад Георгиевски

Биографијата на Леонардо да Винчи вели дека тој бил многу нешта: сликар, архитект, инженер, вајар, изумител, астроном. Од друга страна, тој бил незаконско дете, хомосексуалец, левучар, и своевремено во ренесансна Италија, бил многу популарен. Tој бил познат и по стилот на облекување – често го забележувале како шета или работи облечен во розова или виолетова гардероба. Во тоа време Фиренца била толерантен град, а тој имал огромен број пријатели и во Фиренца и Милано каде што живеел. Во неговите белешки запишани се многу ручеци и дружења со блиски пријатели кои им припаѓале на најразлични бранши: математичари, архитекти, драмски писатели, инженери и поети. Таа разновидност помогнала во обликување на неговиот карактер и интереси.  Сѐ што имал создадено за време на својот живот било под закрила на моќни заштитници, како семејството Медичи, папата и, најпосле, кралот на Франција.

 

 

За да ја одбележи 500-годишнината од смртта на овој ренесансен гениј и мистик, во музејот Лувр во Париз е поставена голема изложба во негова чест. Оваа изложба се состои од 179 негови дела, односно слики, цртежи, скици и тефтери, кои го покажуваат текот на неговите мисли и изуми. Тој починал во Франција на 2 мај 1519, на возраст од 67 години, додека работел во служба на францускиот крал Франсоа I. Престојот на Леонардо во Франција помага да се сфати зошто голем дел од неговите артефакти и дела се денес дел од музејот Лувр, а и зошто оваа изложба е организирана во Франција, а не во неговата родна Италија. Впрочем, покровител на оваа изложба во Лувр е Претседателот на Франција, Емануел Макрон.

 

Изложбата која е поставена во неколкуте галерии е приказ на една 40-годишна кариера што ги поврзува  идеите, опсервациите, скиците и сликите на Леонардо, каде што се гледа постојана активност на неговата рака и размислувања. Кураторите на изложбата се потрудиле да постават и докази за неговите скици како увид во неговите креативни методи и пристапи, особено со инфрацрвените рефлектограми. Тоа по што Леонардо бил познат е перфекционизмот, но и постојаното и ноторно избегнување да ги почитува крајните рокови за сѐ што било побарано од него, до самиот крај на неговиот живот. На некои слики, како што е сликата на Мадона, работел постојано и со децении. Тоа е и една од причините зошто нацртал 15 до 20 слики кои се главно недовршени. Повеќето од нив биле завршени од неговите асистенти. Само на портретот на Мона Лиза работел 16 години, обидувајќи да го долови секој аспект, слој по слој. Таков пристап имал и за сите слики на кои работел постојано – слоевит и постапен.

 

 

 

Артефактите на оваа изложба се собрани од повеќе музеи и приватни колекции. Прикажани се 8 слики, потоа 22 цртежи од колекцијата на Лувр, како и слики и цртежи од институции како Музеите на Ватикан, галеријата Уфици од Фиренца, Кралската колекција и Националната галерија на Британија, Музејот во Сент Петерсбург и музејот Метрополитен во Њујорк. Некои од нотесите доаѓаат од приватната колекција на Бил Гејтс, а до пред отворањето на изложбата, излагањето на „Витрувијанскиот човек“ од Италија било блокирано од страна на групата Italia Nostra. Ова се разрешило една недела пред отворањето на самата изложба во октомври, од страна на судот во Италија, којшто дозволил цртежот да отпатува за Париз. Многу други слики и скици исто така не добиле дозвола од музеите и колекциите да бидат дел од изложбата. Таков е случајот со сликата Salvatore Mundi, која пред извесно време била откупена од некој саудиски принц за 450 милиони долари. На нивно место поставени се рефлектограми за да се пополнат дупките во изложбата, врз која е работено повеќе од 10 години. Меѓу нив како инфрацрвен рефлектограм е и „Мона Лиза“, чиј оригинал е дел од трајната изложба во Лувр и се наоѓа во друга галерија.

 

 

Сликата „Мона Лиза“ е кулминација на неговите вештини поради емоциите кои ги изразува бидејќи, како и нејзината легендарна насмевка, тие се недофатливи. Нејзината насмевка е кулминација на години поминати во изучувања на уметност, наука, оптика и на секоја друга можна област која предизивкувала љубопитност. Познато е дека правел вивисекција на човечко око за да ги разбере деталите и начинот на кое окото функционира и перципира, и тоа го применил при цртањето на овој портрет. Ако се гледа директно во насмевката на Мона Лиза, аглите од усните се завртени надолу, но сенките и светлото се чинат како да се завртени нагоре. Со движењето на очите преку нејзиното лице, таа и се насмевнува, и не.

 

 

 

Централен дел заземаат неговите скици и нотеси со различни големини. Тој бил познат по своите опсервации и скицирања на лица, анатомски нацрти, но и математички пресметки. Во своите белешки тој скицирал ликови на луѓе по улиците на Фиренца и Милано, притоа обидувајќи се да ги открие внатрешните состојби и емоциите што ги имале во тој момент. Потоа истите скици служеле како основа за неговите слики, што е најочигледно кај „Тајната вечера“.

 

Една од дефинициите за генијалноста е способност да се гледа на обичните и вообичаени работи од поинаков агол и со тоа да им се даде поинаква намена од вообичаената. Друга дефиниција е можноста да се направи нешто видливо и опипливо од невидливото и претходно незамисленото. Самата изложба, која е отворена до 24 февруари 2020, го прикажува сето тоа. Од изложените предмети, слики и скулптури и нивниот тек, се дава преглед на развојот на еден ум за којшто науката и уметноста биле една иста работа. Всушност, за него сите работи очигледно биле дел од една голема целина. Тој бил љубопитен и сакал да го разбере светот  и дозволил науката и неговите знаења да протечат низ неговата уметност. Како кај некој чијашто работа останала незавршена и нереализирана докрај, очигледно е дека идеите и нивното скицирање, експериментите и опсервациите – а не правењето нешто конкретно – биле крајната цел.