Дејвид Харингтон од Кронос Квартет: Имам чувство дека најголемата музика сé уште не е напишана

Words by Ненад Георгиевски

Кронос квартетот е еден од најпознатите и највлијателни состави од светот на класичната музика и кој во 2019 г. славеше 45 години од своето формирање. Всушност, тие и го дефинирале овој жанр од времето кога биле формирани во 1973 г. Тоа по што се најмногу познати се нивните истражувања вон традиционалните граници на класичната музика каде тие имаат настапи и заеднички албуми со музичари од најразлични жанрови од џез, етно и експериментална музика. Во минатото квартетот има соработувано со џез музичари како Телониус Монк, Рон Картер, Џон Зорн, потоа Том Вејтс, Кимо Похјонен или класичните композитори како Тери Рајли, Филип Глас, Стив Рајш, Хенрик Горецки, Владимир Мартинов,  Брајс Деснер, Астор Пијацола, филмска музика за филмовите на Дарен Арнофски (со Клинт Мансел)или звуци од разни музички традиции традиции како од Мали (Trio da Kali), Иран, Тува, Виетнам. Листата е голема но внимателно одбрана.

На оваа група соработници им се придружи и Лори Андерсон со која го реализираа изданието „Landfall” и кое беше наградено со Греми. Овој албум е инспириран од ураганот Сенди и ефектот кој ова невереме го имало врз свесноста на луѓето и хистеријата која се подигнала по медиумите. Како ефект на ураганот нејзината остава била поплавена каде со годините чувала своја меморабилија и стара опрема и сето тоа било уништено. Меѓутоа, покрај нејзините работи, во тоа време кога е сниман проектот друга голема загуба била смртта на нејзиниот долгогодишен партнер, музичарот Лу Рид кој починал во 2013 г. Иако никаде не се спомнува неговото име сепак неговата сенка е присутна на ова издание. Затоа и темата на загуба е силно присутна.

Исто така, еден од поважните нови проекти на овој состав е и „Fifty for the Future“, које  едукативен проект кој е без преседан во светот на современата музика. Тие порачале 50 нови дела од 25 женски и 25 машки композитори ширум светот со цел да бидат достапни како водилка за младите професионални гудачки квартети со репертоар од 21 век.  Сите партитури и снимки се достапни бесплатно за било кого и Кронос изведува барем по едно од нивните дела на сите нивни концерти.

На некои од овие теми имав можност да зборувам со Дејвид Харингтон, основачот на Кронос квартет и негов уметнички директор додека гостуваа во Вроцлав, Полска. Тој е отворен и срдечен соговорник за темите кои ова интервју ги отвори и за составот чија единствена константа е постојаното менување и предизвиците.

Оваа година Кронос квартетот славеше 45 години од своето формирање. На што се должи долговечноста на квартетот во овие динамични и секогаш променливи времиња?

Мислам дека една од работите во кои најмногу уживаме е процесот на проби каде сме само ние заедно со гостите композитори и изведувачите. На пример, претходниот ден имавме настап во Москва и имавме прекрасна проба заедно со композиторот Владимир Мартинов. Веќе долг низ години ја изведуваме неговата музика но оваа проба беше едноставно прекрасна. Таа музика беше една од композициите кои се дел од „50 for the Future” проектот за Кронос. Тоа беше првпат за него да не чуе како ги изведуваме овие композиции. Потоа ги изведувавме за време на еден од концертите пред неколку дена и тоа е прекрасна музика и е дел од нашата работа. Со него зборував за изведба на барем уште едно големо дело кое тој ќе го напише. Можам да ти кажам и дека ноќеска добив повик од Тери Рајли со кого исто така зборувавме за нови работи. Мислам дека тоа што ја одржува оваа група е самата музика. Нам навистина ни е убаво и добиваме многу енергија не само од самата музика туку и од многу други млади изведувачи ширум светот. Проектот „50 for the Future“ го подмладува Кронос квартетот на прекрасен начин. 

На кој начин квартетот постигна неговата музика да биде свежа и релевантна сите овие години со сите тие луѓе кои беа инволвирани?

Најпрвин, имам чувство дека најголемата музика сé уште не е напишана. Тоа е нешто што ќе се случи во иднината. Музиката е нешто што расте и што води кон следното искуство. Таа е незавршена човечка приказна. Таа е постојано незавршена и за сите нас кои на многу рана возраст се одлучиле дека сакаат да бидат музичари. Тоа не значи дека ние знаеме повеќе за неа од другите. Тоа значи дека сме одлучиле дека не можеме да живееме без неа, дека сакаме да бидеме опкружени од неа колку е можно повеќе. За мене музиката е нешто многу таинствено. Не знам како таа фунцкионира но сакам да ги поминувам деновите и ноќите во истражување и преку работата на Кронос и сите тие луѓе кои ни се потребни и ги запознаваме се чини дека привлекуваме многу многу различни гледишта за музиката. И така, имам чувство дека секој ден учиме нови работи.

Дали можете да зборувате за платформата на Кронос т.е. концептот кој Кронос го има? Тоа е како „all inclusiveплатформа која привлекува луѓе од различни жанрови, континенти, возрасни групи и каде сите соработуваат под големиот покрив на Кронос. Како еден вид сунгер.

Мислам дека го опиша тоа совршено (се смее). Претпоставувам дека сакам да бидам голем сунгер и сакам нашата работа да биде иста како кога ќе помислам на сунгери. Тие имаат тенденција да впиваат многу течности. За мене музиката е толку прекрасна поради што многумина од нас ја имаат можноста да ја споделуваат едни со други. Таа доаѓа од толку многу аспекти од животот. Пред да се јавиш гледав видео за тоа како се прават црковни камбани. Тоа е толку фасцинантен процес за начинот на кој тие што прават инструменти всушност ги замислуваат новите инструменти. Кронос може да соработува со луѓе кои создаваат инструменти а во некои случаи и го има правено тоа со годините, и можам да замислам уште многу такви работи. Нема крај на ова и имаме толку многу идеи за во идинина поради што нема ниту еден досаден момент.

Што е тоа што го барате кај луѓето со кои соработувате или композиторите пред да се одлучите дека сакате да соработувате со овие луѓе?

За мене, сé доаѓа од звукот и од намената на звукот без разлика дали се работи за пејач или за друг инструменталист или композитор. Ајде да почнеме со композиторот. За мене, секој композитор има цел еден звучен свет во себе. Често се наоѓам себе си како повремено тој свет ме привлекува како магнет. Тоа што сакам да го кажам е дека е супер што таму некаде постојат илјадници па дури и милион композитори и  има милиони изведувачи бидејќи не можам да бидам привлечен на ист начин од секого. Но има луѓе кои силно ме привлекуваат како магнет. И тоа се луѓе за кои чувствувам дека мора да соработуваме. Како што спомнав претходно, тоа има врска со звукот и со значењето, силната желба да се дознае како овој звук може да стане дел од поголем пејсаж и како тој може да не научи нови работи за животот и да се биде дел од една група. Друга работа во врска од заедничката работа со Сони (Јунг), Хенк (Дат) и Џон (Шерба) е дека постојано работиме на откривање на тоа што значи да се биде квартет. Тоа е семејство, тоа е пријателство, тоа е истражување. Да се биде квартет значи многу работи. Исто така значи и обид да се научи нашите ноти да звучат подобро – за време на секоја проба, секој концерт. Сето ова е со цел да се прибилижме поблиску до центарот на срцето од музиката која ја изведуваме.

 

Како дојде до соработката со Лори Андерсон за изданието „Landfall”?

Тој проект се реализираше многу бавно. За првпат ја прашав Лори да напише нешто за Кронос пред 30 години и таа рече дека тоа би било многу интересно. Потоа, следниот пат кога се сретнавме ја прашав: „Еј Лори, дали размислуваше дали би напишала ново дело за Кронос? – О, тоа би било многу интересно“. Со годините, таа и Лу Рид доаѓаа на многу наши концерти во Њујорк. Почнавме да се запознаваме подобро и во одреден момент, мислам дека тоа беше пред неколку години кога таа го објави албумот „Homeland” на која се наоѓаше песната „Flow”, и се јавив и реков: „Лори, ова е гудачкиот квартет за кој (во тој момент) ти зборував во последните 20 и кусур години“. Дали би било во ред ако најдеме начин да направиме верзија за Кронос? Исто така, во тоа време, таа почувствува дека сепак би можела да напише музика за нас и така Кронос и Лори Андерсон започнаа со импровизирани сесии.  Тоа што таа го правеше беше да ги преслушува сите импровизации. Таа ги рафинираше идеите и следниот пат кога ќе се сретневме започнувавме  од нешто што сме го сработиле претходно, нешто што и фатило увото односно би рекол ја магнетизирало. За време на тие 4 или 5 долги импровизирачки сесии ја изнајдовме основата за ново дело. На крајот од тоа произлезе „Landfall”.

Која е темата која се провлекува низ оваа музика и нејзините текстови? Таа дури и објави книга со текстови од „Landfall” која ја нарече „Работите кои ги изгубивме во поплавата“ (Things We Lost in the Flood)  за опремата и меморабилијата која била упропастена од поплавата предизвикана од ураганот Сенди. Но која е главната тема која е вткаена во оваа музика и читања?

Ова дело беше напишано во периодот кога Лу Рид беше многу болен и дури имаше надеж дека ќе се опорави, а потоа беше сфаќањето дека сепак нема. Ова дело всушност има повеќе димензии. Мислам дека невремето и уништувањето кое го носи невремето можат да делуваат на многу личен начин. Таа не е многу отворена за оваа тема. Но знам дека „Landfall“ е многу посебно дело за неа и дека е последното нејзино дело кое Лу го слушна. Го преслушувавме „Landfall“ и таа беше загрижена. Се сеќавам на Лу како повика гласно: „Да не си променила ниту една проклета нота од ова дело. Го сакам такво какво е“.

На кој начин се споија електронските звуци и импровизациите во една целина? Кој беше капетанот кој го навигираше овој брод низ ова „невреме“?

Претпоставувам дека може да се каже дека сите се почувствуваме инспирирани да дадеме свој придонес и да коментираме. Беше потребна една година за да се сработи самиот микс на албумот и мислам дека снимената верија на „Landfall”  немаше да биде тоа што е без неверојатната пoсветеност на Скот Фрејзер. Скот работи како тон мајстор за Кронос квартетот повеќе од 30 години. За него, работата на ова дело на Лори Андерсон претставува врвно достигнување на креативноста. И велам дека Скот со својот микс даде многу за музичката приказна која „Landfall” ја раскажува во студиото. Тука самата изведба е таа која едноставно отскокнува. Таа го прави тоа без никаква визуелна придружба. Се е до звукот и во тоа што Скот сакаше да го постигне и се надевавме дека ќе го постигне. Мислам дека го постигна тоа.

Од каде дојде идеата за масивниот проект „50 for the Future“ односно идејата за избирање дела од композитори ширум светот? Сите дела кои се присутни тука се нови.

Идејата зад „50 for the Future“ оди многу далеку во минатото. Кога имав 12 години тогаш за првпат слушнав гудачки квартет и тоа дело што го слушнав беше првиот од подоцнежните квартети на Бетовен, опус 127. И сакав да научам како да го постигнам звукот како кај отворањето во Ес-дур. Едноставно ми се допаднаа. Помислив дека морам да научам како да го постигнам истото. Тоа што можев да го направам е да заминам до јавната библиотеката Сиетл во Вашингтон и да видам што има од музиката таму, да им се јавам на пријателите, да се најдеме заедно и да се обидеме да ја отсвириме оваа музика. Тоа беше тоа што го правев. И многу, многу години подоцна т.е. 50 години подоцна сфатив дека ако некоја млада личност дојде на еден од нашите концерти нема начин таа личност да отиде до јавната библиотека во САД или некаде на друго место и да ја најде нашата музика и да ги повика своите пријатели и да научат како да ја свират таа музика. Музиката не е достапна. И тука има повеќе причини за тоа. Ние одлучивме дека треба да го решиме овој проблем. Затоа им предложивме на Карнеги Хол да бидат тие кои ќе бидат порачатели за проект кој на крајот го нарековме „50 for the Future“. Тоа и се случи и од тогаш постојано вклучуваме партнери ширум светот, музички фестивали, конзерваториуми, приватни лица, заинтересирани музички училишта, фондации и на тој начин полека собиравме материјали . Кога ќе завршиме со педесетте сигурен сум дека можеме да замислиме уште 50 повеќе. Во тоа е главниот проблем.

Првата работа која ја одлучивме е дека најпрвин сета музика би била нешто што и самиот Кронос би го свирел било каде. Затоа, ние правиме премиерни изведби на секое од овие дела. Ние работиме заедно со секој од композиторите и се обидовме да дадеме најдобра можна интерпретација колку што можеме. Ние одиме во нашето студио за снимање и го снимаме секое дело. Потоа ги објавуваме партитурите. Материјалот е достапен бесплатно на нашата веб страница за секого, од било каде и може да им пристапи во било кое време. За сега, можете да ја посетите нашата веб страница и да ги спуштите првите 25 дела. Само што добив порака од еден прекрасен композитор, изведувач и едукатор од Амстердам која се вика Сара Џефри. Сара ќе има концерт со седум од педесетте дела од овој циклус и ќе се снима. Како што спомнав претходно, денес подоцна сите четири членови на Кронос ќе работат со четири млади полски квартети каде два од нив доаѓаат од Варшава, еден е од Краков а последниот е од Вроцлав.

Ова се случува паралелно со многуте концерти кои ги свириме. Пред некоја вечер во Сан Франциско настапивме со 80 средношколци кои ни се придружија во изведбата на дела од „50 for the Future“. Идејата е во тоа што се обидуваме да создадеме музика која ќе можеме да ја предадеме на други групи особено млади групи кои сакаат да научат да го прават тоа што го правиме ние. Но тие не се наменети само за средни училишта или колеџи. Поканувам и професионални групи да ја проверат оваа музика. Тука има многу кул музика која може да се вклучи во коцнертни настапи секаде.На одреден начин, бев инспириран и од „Микрокосмосот“ на Барток. На крајот, ние ќе направиме некаква точка за приклучување или влез за можеби пет нивоа на познавање и дела кои се однесуваат на различни теми кои се однесуваат на тоа да се биде музичар. Другата работа која морам да ти ја кажам е дека кога ќе ја посетиш нашата веб страница ќе можеш да ги чуеш првите 25 дела. Таму исто така има интервјуа со композиторите и има многу информации за секое од делата. Се надевам дека тоа ќе биде од голема помош за секого кој е заинтересиран во музиката.

Каде ја гледате вредноста на музика во овој поделен свет? Платформата на Кронос обично ги поврзува луѓето од различните култури, континенти, различни нивои на стручност, ентузијасти.

За мене, музика го прави токму тоа и подобро од било кој друг човечки пронајдок. Таа овозможува поврзувања. Секој од нас во себе има своја приватна музичка колекција. Јас знам дека имам своја приватна колекција и сум многу избирлив што дозволувам да влезе во таа колекција. Многу сум избирлив. Но има одредени работи кои влегуваат внатре во мојата колекција каде остануваат засекогаш. Има одредени ноти кои луѓето ги создаваат како и одредени музички бои. Тоа е нешто многу приватно, но јас можам да ја искористам таа приватна колекција на еден јавен начин за време на изведбите со Кронос и кај едукативните програми што ги правам за младите музичари. Мислам дека приватноста на музиката е толку прекрасна и толку важна и тоа никој не може да ви го каже. Можат да се обидат да ви кажат дека вашата колекција не е толку одбра како нивната но секој од нас ги има тие моменти кога на многу мала возраст сме слушнале одредени песни, сме чуле инструменти, сме го чуле звукот на ѕвона, инсекти и птици, гласовите на нашите баби и дедовци. Имаме неверојатни текстури во себе т.е. звучни текстури. И музичарите можат да ги пренесат овие работи за другите луѓе.

Морам да ти кажам кога имав 14 години, се сеќавам дека имавме дома глобус. И се сеќавам дека ги разгледував местата на глобусот и ја најдов Виена, Австрија и тогаш ги имав еден од оние моменти кои ќе сфатите колку е животот чуден каде од сета музика за гудачки квартети која ја свирам – во тоа време беа Хајдн, Моцарт, Бетовен и Шуберт сите овие луѓе или живееле во истиот или во близина на овој град. Тие зборувале еден ист јазик. Имале иста религија. Тоа ми делуваше многу чудно бидејќи можете да видите дека има многу градови на светот и се заколнав на таа возраст дека сакам да научам повеќе за музиката од другите градови и како тие звучат, кои се некои други композитори, какви се не инструменти може да има. И така, би рекол дека на таа возраст го започнав своето животно патешествие.

Искрите се потребни за да не заинтересираат и заинтригираат за одредени работи за да потоа им ги посветиме животите, зарем не?

Така е и искрите се тие моменти на вчудување и никогаш не знаете кога еден од тие моменти може да се случи. Не знаете. Една од работите кои сега можеме да ги направиме како Кронос е да се обидеме да ги понудиме тие моменти кај нашите албуми и концертни настапи и кај нашите едукативни програми, разговори и нашите интервјуа. Како што ми кажа Хауард Зин, големиот американски историчар: „Мораш да ја искористиш секоја можност да го искажеш своето гледиште т.е. да направиш твоите гледишта да бидат достапни за другите луѓе“ и мислам дека е тоа добар совет.

Дали можете да зборувате за важноста на одредени композитори т.е. современи композитори за Кронос квартетот? Мислам на композитори како Тери Рајли, Филип Глас, Стив Рајш и Хенрик Горецки. За вашиот квартет всушност дознав преку вашите соработки со овие композитори.

Ние сигурно имавме многу корист од нашите односи со Тери Рајли, Филип Глас, Стив Рајш, Горецки. Можам да продолжам да именувам уште композитори но ти ги спомна овие четири и секој од нив има напишано величествена музика за Кронос. Заедно имавме неверојатно моменти кога експериментиравме со нивната музика а и заедно со нив, и учевме многу од нив. Можеби понекогаш исто така и тие научија нешто од нас. Ние соработувавме заедно. Односот кој го имавме со Тери Рајли е неверојатно прекрасен. Би сакал секој изведувач, секој квартет на светот да го има истиот однос кој го имаме со него. Тој е толку прекрасен и јас го ценам секој момент што го имаме додека работиме со Тери. Но ова можам да го кажам за секој однос кој го имаме. Ние имаме многу среќа. Чувствувам дека композиторите се обидуваат да ја напишат најдобрата музика за Кронос. Ова го ценам толку многу и мислам дека тие знаат дека се надеваме дека следното најголемо дело во универзумот ќе се случи токму сега.

Photo Credits: Mark Allan, Stephanie Berger