Мозаик Колектиф – Eксцентрично гевгелиско дуо

Words by Александар Гроздановски

Мозаик Колектиф се ексцентрично гевгелиско дуо кое според мене, секогаш го освежуваат македонскиот музички пејзаж. Одлични диџеи, а исто така мои долгогодишни пријатели кои посветено и вредно работат на своја авторска музика и организација на настани. Како дуо имаат издадено музика на издавачки куќи како Audio Paralax, MIdnight Riot, Funky Town и Sabotage records. Нивната музика секогаш со возбуда била дочекувана од домашната и светска музичка јавност. Траките на Мозаик Колектиф се ремиксувани од имиња како Alexander Robotnick, DJ Octopus и Sagats, а нивните диско обработки секогаш се оригинални и отскокнуваат од тој тренд каде што повеќето траки обично наликуваат едни на други.

 

Кои се Мозаик Колектиф?

Мозаик Колектиф е електронско дуо од Гевгелија формирано во 2010 година од Дени Трајков и Иван Сарамандов. Идејата ни е преку аудио/визуелен израз да го донесеме урбаниот и модерен дух во нашето секојдневие.

Симбиозата помеѓу вас и енергијата што ја делите зад диџеј пултот ве прави посебни. Што мислите дека е клучно за тоа?

Клучен збор е вибрација или фреквенција која на некој начин сите нѐ поврзува. Најважното нешто во нашето долгогодишно пријателство и заедничко искуство е тоа што делиме иста визија.

Малку околу продукцијата која е важен фактор во вашиот заеднички опус. Која е идејата зад целиот процес, како ги делите задачите во студио и како доаѓате до резултатите кои го создаваат вашиот звучен печат?

Музиката која ја создаваме главно е наменета за танцување на подиум. Варира од диско до дип хаус и електроника. Звукот што го создаваме се стремиме да биде прифатлив дури и за публика која за прв пат доаѓа во контакт со оваа музичка култура. Во студио нема некое стриктно правило на работа. Секој од нас презентира идеја која може да даде интересен резултат и таа идеја ја разработуваме заедно, нормално, насочувајќи ја во правецот кој и на двајцата ни е близок и кој се вклопува во заедничкиот концепт на работа. Финалниот микс го работи Дени или како што тој милува да каже брусење до крај.”

 

Имате солидна дискографија зад себе, посебно за нашиве супстандардни услови. Имате ли некое издание кое е посебно за вас и што е вашиот следен проект?

Наше многу драго издание е плочата Raw Disco State која е издадена за италијанскиот издавач Sabotage Records. Издание на кое како ремиксери се појавуваат DJ Octopus и Sagats. Последниве години приоритет за нас е издавање винил, избегнувајќи го дигиталниот формат и презаситеноста на тој пазар. Работиме на нов материјал кој е поразличен од досегашниот, но секако со препознатливиот вкус на Мозаик Колектиф. Да не бидеме погрешно разбрани, и дигиталните формати ни се исто толку драги. Работата е во звукот. Ние секогаш сме биле љубители на аналогниот звук. Оригиналниот звук по дефиниција е аналоген. Звучните бранови кога се снимаат на винил можат да бидат многу поточни и тоа може да се слушне во богатството на звукот кој дигиталниот запис не може да го долови.


Имате посебно блиска комуникација и соработка со Синтетик од Солун. Ме интересира како започна сѐ и кои се вашите импресии од заемната соработка?

Сѐ започна пред четири години. Синтетик екипата од Солун веќе имаа организирано неколку големи настани на кои и ние бевме присутни. Музиката која ја презентираа беше многу блиска до нашата музичка визија и моравме да најдеме начин да дојдеме во контакт со нив, да се поврземе и да споиме заеднички сили. Беше 8 август и Синтетик организираа денски настан на Анемос плажата во Сани ресорт во Грција. Дотогаш не се познававме лично, но им имавме пишано на нивната официјална Фејсбук страница дека имаат голема поддршка од нас и дека ќе ги посетиме. Журката се одвиваше во најдобар ред, сонце-плажа-убави луѓе, што треба повеќе!? 🙂 Еден час пред крајот, Дени се појави зад диџеј пултот со плоча во рацете, наше авторско издание за Раундабаут од Америка. Во тој момент свиреше Томас Нуман човекот кој стои зад Синтетик. Дени му ја даде плочата како подарок од Мозаик со пораката Keep it real brother” и Томас пријатно изненаден веднаш ја стави плочата да свири. Неговата реакција беше Wow! Is this yours? I will play it immediatly!” Така започна сѐ… Имаме супер комуникација и соработка до ден денес и често настапуваме на нивните настани на кои сме го делеле пултот со многу светски имиња како: Palms Trax, Shanti Selesti, Kornel Kovacs, Dj Bone и Octave One. 

Како би ја оцениле македонската сцена денес? Што мислите дека треба да се промени или кои се тие жешки теми актуелни денес, за кои треба сериозно да се дискутира за доброто на целата музичка заедница?

Мислиме дека фали подобра комуникација помеѓу сите на оваа сцена и нормално поголема почит меѓу самите артисти. Лошата енергија да се пренасочи кон конструктивни и продуктивни дела. Можеби треба да се појават нови македонски издавачки куќи кои ќе ги претставуваат новите продуценти. Веруваме дека има доста солидни автори кои треба да бидат издадени и претставени на домашната и светската сцена.