Мултимедијална изложба на Ван Гог „Starry Night” во Atelier des Lumières во Париз

Words by Ненад Георгиевски

Постојат повеќе начини да се доживее едно уметничко дело, но тој концепт на доживување и искусување од страна на Atelier des Lumières во Париз е доведено на едно сосема поинакво ниво. Принципот на галерискиот простор Atelier des Lumières е таков што гостинот е во самото средиште на уметничкото доживување. Овој, релативно нов, галериски простор во Париз е нешто што овозможува уникатно доживување за сетилата, поточно е уникатна авантура за сетилата.

Просторот на оваа галерија е некогашна леарница, изградена во 19 век, и во ваквиот сив но висок и широк простор (просторот има 3,300 m2, а ѕидовите се високи 10 м)се вметнати 140 проектори и 50 звучници за да се постигне 3D-звук и мултисензорно искуство. Станува збор за посебен начин на проектирање уметнички дела на реномирани уметници или на уметнички филмови во комбинација со музика. Просторот со својата програма постои од 2018 г. и за кусо време тој стана место кое мора да се посети. Досега таму се организирани само неколку изложби, како оние на Густав Климт, Клод Моне, Реноар и други. Неодамна беше прикажана мултимедијалната изложба на Ван Гог, која заедно со сликите вклучуваше музика од Мајлс Дејвис, Дебиси, Руичи Сакамото и многу други.

 

Штом ќе влезете во овој огромен простор, ве дочекува експлозија од бои, слики и звуци. Посетителите се скоро незабележливи бидејќи сите се испоседнати по подовите или се потпрени по ѕидовите. На сите ѕидови се распрскани детали од сликите на Ван Гог. Се земаат различни детали од неговите слики и во согласје со музиката се создава една богата мултисензорна симфонија, каде што едно негово дело се прикажува во целост или во делови. Со ваквиот пристап можат да се видат детали од техниката на сликање на големиот Ван Гог и тоа што него го одликува како уметник. Изложбата прикажува бројни негови дела, како „Јадачи на компири“, „Сончогледите“, „Ѕвездена ноќ“ „Спална соба“. Кога ќе започне музиката, со помош на технологијата што ја имаат на располагање, околу 3000 слики се вклучуваат и за една секунда, сиот овој спектакл ве внесува во срцевината на сликите.

 

Тоа што Atelier des Lumières нуди е иднина на искусување на уметноста и нејзино изучување и анализа од некаков поинаков, позабавен начин. Тоа е спој или брак на уметноста и дигиталната технологија. Новите времиња и технологии нудат можности за луѓето од денешницата да ја доживеат уметноста на нов и богат начин.

 

Photo Credit: Culturespaces / E. Spiller