Од Брајан Ино до Макс Рихтер: Избор од 5 најважни амбиентални албуми

Words by Ненад Георгиевски

Кога Брајан Ино ја дефинирал оваа музика за првпат тој ја опишал со следниве зборови: „Тоа е атмосфера или некое влијание кое ве опкружува, еден вид боја. Таа е незабележлива исто колку што може да биде и интересна“ и е музика која ќе предизвикува „смиреност и ќе создава простор за размислување“. Ова е е класичната дефиниција која Ино ја напишал и ја објавил на кориците од своето легендарно издание Ambient 1: Music for Airports, првиот од четирите албуми во неговиот амбиент серијал. Тоа што отворил со оваа музика и размислувања е просторот за односот помеѓу музиката и тишината, звукот и мислата и емоциите. За разлика од многуте луѓе кои создаваат музика за смирување (или анти стрес) или за контемплација, тој сфатил дека овој тип музика мора да го одржи вниманието и на музичко ниво: „Таа мора да биде во можност да постигне многу нивоа на слушање без воопшто да присили кое било едно од нив“. Многумина се обиделе да создаваат музика во овој жанр која ќе биде подеднакво интересна и ќе ги има истите естетски одлики. Меѓутоа, наместо тоа повеќето кои се обиделе да создаваат музика во овој жанр се стремеле кон создавање смиреност и резултат на тоа се изданија кои се граничат со здодевност. Но, од друга страна, овие идеи отвориле врати за други артисти кои можеле, а и не морале да бидат инспирирани од првичните идеи на Ино, но кои внеле свој дух на иновација и карактер и создале изданија кои го дефинирале и го збогатиле терминот амбиентална музика. Таква изданија има многу, но ова е нашиот избор за првите 5.

 

Brian Eno – „Music For Airports“

Ино не е само пионер на амбиенталната музика туку е човекот кој го измислил овој термин и ја дефинирал оваа музика. Во ’70-тите, а и понатаму, Ино е еден од водечките авангардни музичари кои во својата музика, а и во соработка на изданијата на други музичари, го внел чувството на истражување и откритија. Идејата за Music For Airports ја добил додека чекал транзит на аеродромот во Келн во средината на ’70-тите и додека се нервирал до бесвест слушајќи ја (музак) музиката која доаѓала од звучниците. Во исто време се сетил на музика која би била совршено соодветна за просторот, која комуницира со трансцендентална смиреност и која ќе биде „незабележлива колку и интересна за слушање“. Но, покрај оваа идеја за естетиката, тој додал уште една идеја за генеративна музика што ја презел од музиката на Стив Рајш. Со помош на лупови и звуци може да се создава музика која постојано ќе еволуира на произволен начин и која секогаш ќе биде различна. Промените се мали и речиси незабележливи, но со текот на времето стануваат видливи. Од друга страна, Ино објаснува, бидејќи бил инспириран од безлична музика на аеродроми која требало да ги смири патниците дека нема да умрат кога ќе полетаат, сепак неговата музика влева поинакво уверување дека ако нешто сепак се случи и умрете, тогаш тоа нема да биде толку лоша работа. Оваа музика била револуционерна. Во неа тишината е подеднакво важна колку и звуците. Се работи за едноставни мотиви на пијано и вокали кои се ставени на лупови и создаваат нежна и ненаметлива музика и кои се повторливи, но никогаш монотони.

Biosphere – „Substrata“

Еден од најзафрлените и најизолирани градови е Тромсо кој се наоѓа на северниот брег на Норвешка и е 50 км. навлезен во внатрешноста на арктичкиот круг. Тоа е град каде што можат да се видат многу интересни работи, благодарејќи на својата географска поставеност – тундри, фјордови, планини, Аурора Бореалис, мрачни зими кои траат по 3 месеци, како и тромесечни лета со постојано сонце. Во едно вакво опкружување, Гир Џенсен или Biosphere ја создава својата амбиентална музика инспирирана од чувството на изолација, мразови и студови на Арктикот. Како планинар тој често снима и користи звуци што ги снима по локациите и планините на кои се искачува и локациите кои ги посетува. Така и Substrata, неговото најпознато дело, е инспирирано од патување по Хималаите. Композициите кај ова издание се состојат од најразлични звуци снимени на различни локации и затоа честопати ова издание се нарекува како „Арктички амбиент“. Неговите необични звуци и амбиенти го даваат карактерот на оваа музика и го прават многу интересен за слушање по толку многу години откако беше објавен.

 

Aphex Twin – „Selected Ambient Works II“

На почетокот на ’90-тите се појави еден уметник кој ги наруши очекувањата на многумина за тоа што може да се очекува од техно музиката. Неговото име беше Ричард Ди Џејмс и тој стана популарен под псевдонимот Aphex Twin. Неговиот пристап кон музиката беше поинаков,  поинвентивен и подиверзантски во однос на оние од неговата генерација. Истовремено музичката сцена во тоа време беше преплавена од негова музика, под различни псевдовними. Но, неговото прво големо дело беше легендарното издание „Selected Ambient Works 85-92” кое исто така може да се најде на многу денешни best off листи на амбиентални изданија на сите времиња. Тоа е класично издание. Второто издание со избрани амбиентални дела ја носи оваа музика далеку. На албумот нема имиња на нумерите туку таинствени симболи и слики. Музиката била инспирирана од луцидни соништа во кои сонувал дека работи во имагинарно студио, на имагинарна опрема. Потоа, во реалноста се обидувал да ја отсвири и да ја сними истата таа музика.

William Bassinski „Disintegration Loops“

Кога една аналогна лента е во нормална состојба, тогаш нејзината боја е бледокафеава. Тоа е боја на аудио снимката која е на оваа лента. Во 2001 г., Вилијам Басински се обидувал да ја дигитализира својата колекција на постари ленти со лупови што ги направил од различни извори. За време на тој процес видел дека старите ленти почнале да се распаѓаат и лупат додека свири. Додека се распаѓале лентите, истовремено и звуците на тие ленти почнале да се деформираат и изобличуваат на необичен начин. Тоа наликувало како снимките и звуците да се избледени сеќавања и духови од тоа што претходно постоело. Процесот на бледнеење и исчезнување на звуците се основа на оваа музика која е снимена помеѓу 2002 и 2004 и се состои од 4 одлични изданија.

Max Richter -„Sleep”

Макс Рихтер е влијателен современ пост-минимален композитор чијашто музика се наоѓа помеѓу амбиенталната, електронската и современата класична и е автор на неколку одлични албуми како што се „Blue Notebooks“, „24 Postcards in Full Colour“ и „Three Worlds: Music from Woolf Works“. Автор е и на музика за неколку филмови и серии. Меѓутоа, неговото издание насловено како „Sleep” направено во соработка со неврологот Дејвид Иглмен е она коешто со својата цел и одлики се стреми кон постигнување на амбиент идеалот. Целта на изданието е слушателите да можат полесно да заспијат, слушајќи го. Тоа се состои од целовечерна електронска камерна музика со свои мелодии кои се во склад со циклусите на спиење. Ниту еден звук не е во преден план и мелодиите и тоновите се преплетуваат во дистанцата и позадината. Ова е албум кој не само што го покажува талентот на Рихтер да создава интересни звучни светови туку е и еден од дефинитивните амбиент албуми. Тоа е музика која може да прифати какви било емоции и некаква занемареност и неутралност во слушањето кои би ги проектирале врз неа.